Како да се стане неранлив
Не користете пресилни зборови и квалификации, научете кога е подобро да премолчите, а кога, вооружени со трпение, аргументирано да се спротивставите на вербални провокации. Ако не сте сигурни кога и како да реагирате, посоветувајте се со други луѓе кои ги решаваат проблемите не нарушувајќи го ни својот ни туѓиот интегритет.
Автор: м-р Весна Кнежевиќ
Во животната арена се соочуваме со тешки ситуации и со луѓе, изложени сме на психичко насилство, вербални манипулации и провокации. Нè стигнуваат отровни коментари, љубоморни стрели и напади на пасивна агресија на лица од опкружувањето (роднини, пријатели, колеги). Дури и непознати луѓе може да бидат непријатни и навредливи (во градскиот превоз, на шалтер, во некоја канцеларија).
Како да се комуницира во такви ситуации? Дали да се одговори, или да се премолчи? Кога е паметно да се влезе во дијалог, а кога е помудро да се заобиколи расправата? На кој начин да се одговори, а да не го продлабочиме и прошириме комуникациското насилство? Како да се избориме со тешки луѓе, со пасивно агресивни личности, со манипулатори и со емотивни вампири? И најважно, како да се заштитиме и да не бидеме психички повредени, понижени, фрустрирани и во стрес?
Одговорите на овие прашања ни ги дава збир од правила и техники под заедничко име комуникациска самоодбрана, чија примена во секојдневниот живот може да ни помогне да го сочуваме психичкото и физичкото здравје, како и да бидеме помалку ранливи, а со повеќе позитивни резултати во комуникација со другите.
Без пресилни зборови
Секогаш треба да се тргне од себеси. Ако се разбираме себеси, ќе ги разбереме и другите. Ако само користиме пресилни зборови и лесно тргнуваме со негативни квалификации и тврдења како што се: жена ми е кавгаџика, децата ми се непослушни, свекрвата ме мрази, или шефот не ме цени, ние сме активни актери во комуникациската агресија. Не се вели случајно дека за кавга се потребни двајца. Затоа, избегнувајте пресилни зборови, не предизвикувајте конфликт со навредливи, отровни и негативни квалификации на сметка на другите луѓе. Со зборот не ја напаѓајте личноста, туку проблемот.
Не е вашиот син непослушен, туку не дошол дома во договореното време. Свекрвата не ве мрази, туку ви рекла дека пребрзо возите. Жената не ви е кавгаџика, туку се лути што сте заборавиле на годишнината од бракот. Ако шефот мисли дека некоја работа погрешно сте ја направиле, тоа не значи дека не ве цени. Ако се фокусирате на проблемот (доаѓање дома, годишнина од брак, пребрзо возење, работни задачи и сл.) и не влезете во дијалог напаѓајќи ја личноста, голема е шансата дека ниту вие нема да бидете нападнати со негативни тврдења, туку другата страна ќе ја мотивирате да биде конструктивна и позитивна.
Молчењето е злато
Сите ние во животот се сретнуваме со луѓе кои сакаат да озборуваат, ги извртуваат фактите, лажат и манипулираат. Пред да скокнете во таа валкана река, вдишете воздух, смирете се и размислете која ви е целта. Да се карате, секако, не ви е цел. Да ја исправите неправдата, лагите кои некој ги шири на ваша сметка или на сметка на лица кои ви се драги, да. Но, што ако вашата околина веќе знае дека тие валкани озборувања не се вистина, затоа што оној кој ги шири е на лош глас како манипулатор? Што ако на секој паметен му е јасно дека станува збор за глупости, љубомора и извртување на вистината? Некогаш е доволно да се насмевнете, да замавнете со раката (не сакам тоа да го слушам) и така да бидете над ситуацијата. Манипулаторите обожаваат да имаат спаринг партнери во расправа, не мора да им го овозможите тоа задоволство. Заобиколете ги.
Спротивставување на притисок
Во ситуација кога околностите се такви па сме во епицентар на притисок кој не може да се разреши сам од себе, нашиот одговор треба да биде во поставување граници, активно слушање на сите важни актери и осмислени одговори. Ако се нервирате, ранливи сте. А можете изнервирани да го кажете и она што навистина не го мислите. Затоа, бидете смирени најмногу што можете, а ако не можете, прво смирете се па разговарајте. Мирен човек подобро ги разбира аргументите, во состојба е да ја анализира ситуацијата и да донесе исправен заклучок. Бидете храбри и спротивставете се на притисокот, но на разумен начин кој го чува вашето достоинство и не ги навредува другите луѓе.
Побарајте совет
Не се вели случајно дека две глави размислуваат подобро од една. Разговарајте со другите луѓе за она што ве мачи. Можете пријатно да се изненадите. На пример, дека не сте единствен на кој некоја вербално агресивна личност му прави проблеми. Дека не е до вас, туку до таа личност. Ако сте вознемирени, побарајте совет од смирена личност, за која знаете дека не е склона кон конфликти и дека на мирен начин ги решава проблемите. Разговорот нема да ви помогне ако зборувате со личност која уште повеќе ќе ве вознемири, или која на секој ваш аргумент одговара со контрааргумент по секоја цена. Компромисот е често одличен избор. Малку попуштете вие, малку другата личност и одите понатаму. Животот е премногу комплициран за да водиме залудни битки кои никаде не водат и за ништо не служат.
Трпение спасение
Не можат сите комплицирани ситуации да се решат со еден разговор. Некои личности тешко се откажуваат од своите погрешни убедувања кои се штетни за вас. Од друга страна, некогаш тие личности толку ви значат па ни вие не можете да се откажете од нив. За такви случаи, покрај јасната цел, најпотребно ви е трпение. Трпеливо, без подигнување на тонот, објаснувајте една иста работа ако треба по 100 пати. Исто така, не се женирајте да повторувате не, сè додека тоа не допре до другата личност. За трпение не ви се потребни само нерви, туку и изградено самопочитување и самодоверба. А тоа се гради и со чување на личниот интегритет, така што не се согласуваме на разни игри и умееме разумно, без навредувања, да се спротивставиме на напаѓачки настроените луѓе.