Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОЊИЧКИ СПОРТ

ноември 1, 2018

Здрав, забавен, опушта

 

Историјата на човечкиот род е проткаена со приказни за големи победи, епски потфати и јуначки дела. Неизоставна улога во тие приказни имале коњите.

 

Автор Душко Шашиќ

 

Според археолошки истражувања, со сигурност може да се каже дека припитомувањето на коњите го започнале луѓето во периодот околу 3500 година пр.н.е. Можно е дека тоа се случило и порано, но нема евидентни докази. Препоставка е дека коњите прво биле користени за јавање, а потоа и како погонска сила за влечење коли. Првите верни докази за употреба на коњите за влечење коли се датирани во периодот околу 2500 година пр.н. е. Од тоа време коњите не се користат исклучиво за работа и воени потреби, туку на себе преземаат и натпреварувачка улога.

 

Коњските трки во старата доба

Коњските трки кои на победникот му носеле многу висока награда се опишани во Хомеровата Илијада. Античките Грци ги користеле коњите првенствено за воени походи, а веднаш потоа и за разни натпреварувања. Трките на борните двоколки со четворопрег се одржани за прв пат на Олимписките игри 680 година пр.н.е., а натпреварувањето во јавање влегло во програмата на игрите неколку децении подоцна. Во петтиот век пр.н.е., Ксенофонт го напишал делото за одгледување и јавање коњи. Античките градители проектирале хиподроми кои можеле да примат и повеќе десетина илјади посетители. Најславниот спортски објект од овој вид се наоѓал во Константинопол, со капацитет на трибините од 80 000 гледачи.

 

Грците не биле единствен народ кој пронаоѓал забава во коњските трки. Постојат записи за вакви натпреварувања кај Асирците, Вавилонците и, секако, кај старите Римјани. Одушевувањето од коњите понекогаш ги преминувало границите на нормалното сфаќање на стварноста. Императорот Калигула својот коњ го прогласил за член на римскиот Сенат. Александар Велики на својот сакан и верен Букефал му подигнал споменик. Векови подоцна Ричард III нудел кралство за коњ.

 

Витешка вештина на јавање

Во добата на Ричард, коњите имале култен статус и биле неодвоив дел од сликата за благородниот витез. Витешките турнири подразбирале учество на коњи, а првите трки во средниот век се одржани во Англија, во 1174 година. Школите за јавање настанале неколку века подоцна, а првата е отворена во Неапол во 16 век. Следувало формирање слични установи во Франција, Шпанија и Австрија. Во почетокот акцентот на овие школи бил ставан на дресура на коњите. Со посериозна обука на јавачите се започнало дури во 17 век.

Денес се случува повторен раст на популарноста на витешките турнири кои се одржуваат ширум планетава. Спортското натпреварување кое влегува во редовната програма на Олимписките игри, а кое настанало врз основа на спој на некогашните вештини неопходни за воена служба, познато е како модерен петобој. Тоа вклучува трчање, јавање, пливање, мачување и стрелаштво.

 

Елитен статус

Коњаницата со векови претставувала елитен род на војската, но со напредокот на модерните технологии полека потонала во заборав. Многу армии и денес во своите редови имаат коњанички единици, но тие се повеќе поради престиж, отколку поради вистинска употребна вредност. Полициските единици сè уште ги користат коњите во активната служба. За значењето кое коњите го имале во некогашните судири зборува и податокот од американската Граѓанска војна во која настрадале милион од овие благородни животни. Последниот забележан коњанички јуриш во поновата историја бил залуден, а, сепак, херојски обид на полската коњаница да се спротивстави на германската окупација на почетокот на Втората светска војна.

Поседувањето коњ отсекогаш имало призвук на луксуз. Денес на светскиот пазар за полнокрвните тркачки коњи се издвојуваат незамисливи суми еднакви на оние кои за своите љубимци ги издвојуваат вљубениците во спортски автомобили.

 

Модерни натпреварувања

Коњичкиот спорт денес има бројни дисциплини. Трките со галоп спаѓаат во најатрактивни, се одвиваат на рамна стаза или на онаа со препреки, додека вљубениците во убавината на коњскиот кас уживаат во таквите натпреварувања. Тука се и препонските трки, натпревари во дресура, коњички вишебој, натпревари на запреги... Сè популарни се ендуранс натпреварувањата во рамките на кои натпреварувачите на коњскиот грб поминуваат големи далечини по однапред утврдени стази низ природа.

Обложувањето на коњски трки е една од вносните индустрии на денешницата и често тркачките коњи се жртви на немилосрдни желби за победа. Антидопинг контролите се задолжителен дел од натпреварувањата и барем донекаде успеваат да го сочуваат здравјето на величествените тркачи.

 

Рекреативно јавање

Многу луѓе го посветуваат своето слободно време на дружење со коњите. Тоа не подразбира само јавање, туку и грижа за коњот, тимарење и чешкање, воспоставување меѓусебен однос на доверба. Рекреативното јавање може да се практикува во ограден простор, во рамките на бројни школи за јавање присутни на градските хиподроми, а оние понапредните рекреативци често се одлучуваат и за јавање во природа. Овој вид опуштање не е можно лесно да се опише со зборови, како ни чувството кое со задоволство го откриваат сите кои ќе се качат во седло. Складните и ритмични движења, чувството на управување со моќното, силно животно, свежиот воздух и физичкиот напор кои јавањето ги побарува придонесуваат за тоа најголем број луѓе кои ќе го пробаат јавањето трајно да се врзат за овој вид рекреација.

 

Децата во седло

Повеќето деца едноставно не можат да го скријат своето воодушевување при средбата со четириножните убавци. Уште кога ќе им се пружи прилика да ги јавнат, на среќата ѝ нема крај. Коњите кои се користат за јавање во школите внимателно се бирани од страна на инструкторите. Во нивниот жаргон таквиот коњ мора да биде „споменик“, што значи дека во прашање е совршено урамнотежено животно, кое нема да направи ништо непредвидено, без оглед на надворешните дразби. Секако, пред изборот на школо би требало да се распрашате за нивните референци, а како и секогаш најдобро е да се добие директна информација од некој кој веќе го носел своето дете кај нив. Јавањето е многу корисно за мали деца и придонесува за јакнење на самодовербата, подобрување на координацијата и поврзаноста со онаа исконска природна врска која во модерниот свет сè почесто неповратно се кине.

 

Хипотерапија

Хармоничните ритмични движења кои се повторуваат во текот на јавањето се покажале како одлично средство во терапија на бројни здравствени пореметувања. Хипотерапијата се покажала исклучително успешна во третирање сериозни здравствени состојби како што се: оштетувања на мозокот, церебрална парализа, пречки во развојот, деформитети на ’рбетот и многу други состојби. Во текот на своето движење коњот прави низа сложени движења, а јавачот на нив реагира приспособувајќи го своето тело на секоја промена. Ова за последица има активација на голем број невронски врски и мускулни групи преку серија повторени движења кои телото поинаку не би ги извело. Резултатите се видливи веќе по неколку терапии. Децата со дијагностициран аутизам, исто така, позитивно реагираат на хипотерапија, а сржта на успехот лежи во индивидуалниот пристап кон секој пациент.

Последниве децении во САД и Англија шетландските пони се покажале како одлични водачи на слепи и слабовидни лица. Во однос на кучињата покажуваат поголема смиреност во урбано опкружување, а една од предностите е и нивниот животен век кој е неколку пати подолг од кучешкиот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>