Фармацевти
Контакт

<< Назад

Конјунктивитис

април 3, 2017

Бактериски, вирусен и алергискид-р Лилјана Јуричиќ
спец. офталмолог

Во лекување на воспаление на конјунктивата се применуваат промивања, локални антихистаминици, антибиотски капки и масти, а терапијата ја одредува и контролира специјалист офталмолог според наодот од брисот и антибиограм или врз основа на клиничката слика

Воспалението на конјунктивата или конјунктивитис е најчесто очно заболување. Воспаленијата на конјунктивата можат да бидат акутни и хронични. Симптомите на заболувањето варираат од слаба хиперемија (црвенило) со солзење и фотофобија до посериозни симптоми, со густа гнојна секреција, силно изразено црвенило и неможност да се отвори окото. Причинителите за воспаление на конјунктивата најчесто се надворешни, но можат да бидат и ендогени, поврзани со некои системски заболувања.

Акутните конјунктивитиси најчесто се предизвикани од бактериска, односно вирусна инфекција, како и инфекции со посебен вид микроорганизми – кламидии и паразити, што е многу поретко.

Бактериски
Бактериските конјунктивитиси почнуваат нагло, со црвенило, жарење и гребење во окото, солзење и фотофобија. Наутро капаците се залепени со слузест, серозен или густ, гноен секрет, конјунктивата е црвена, потечена, матна.

Вирусен
Вирусните конјунктивитиси почнуваат, исто така, нагло, со гребење, силно солзење од едното око, за знаците набргу да се појават и на другото око. Конјунктивата е црвена, потечена, со карактеристична фоликуларна и папиларна реакција, најчесто на конјунктивата на горниот капак. Секретот е слаб.

Често на вирусниот конјунктивитис му претходи вирусно воспаление на горните респираторни патишта или паралелно се развиваат и воспаление на грлото и воспаление на конјунктивата (фарингоконјунктивална треска). Кај оваа инфекција се зголемени регионалните преаурикуларни и субмандибуларни лимфни жлезди, што ја олеснува дијагнозата и диференцијалната дијагноза на вирусен конјунктивитис.

Кај вирусната инфекција на конјунктивата често брзо може да биде зафатена и рожницата (епидемиски кератоконјунктивитис, херпес симплекс конјунктивитис), што го комплицира заболувањето и може да доведе до трајни лузни и заматувања на рожницата. Вирусниот епидемиски конјунктивитис трае од три до четири недели. Чести се и вирусните конјунктивитиси, кои во детска возраст се јавуваат во склоп на сипаници, како што се варичела и морбили.

Алергиски
Посебен вид се конјунктивитисите од алергиско потекло и тие се најчесто здружени со други алергиски манифестации, како што се егзема, астма, алергиски ринитис.

Болеста почнува нагло, со силно изразени субјективни тегоби, како што се: чешање, солзење, гребење, фотофобија, како и црвена конјунктива и слузест секрет.

Конјунктивитисот од алергиско потекло може да биде хроничен, рецидивирачки, кој почнува во пролет (вернален конјунктивитис), почесто кај машки деца и трае до есен, зима, па повторно се јавува во пролет. Обично поминува по пубертет, обично без последици.

Гигантопапиларен алергиски конјунктивитис настанува како реакција на присуство на туѓо тело кое е во допир со конјунктивата во подолг временски период – контактни леќи, очна протеза, раствори за одржување контактни леќи.

Хроничен
Хроничниот конјунктивитис најчесто е проследен со хронично воспаление на рабовите на капаците – блефаритис, а се јавува кај луѓе кои работат во зачадени, недоволно осветлени простории, кај луѓе чија рефракциска аномалија не е добро или не е воопшто коригирана, кај млади луѓе со себореична кожа на лицето, кај постари поради дијабетес.

Терапија
Терапијата за конјунктивитис може да биде, во зависност од причинителот, симптоматска и етиолошка, со која се отстранува причинителот на болеста. За сите видови воспаленија на конјунктивата советуваме промивање на окото со нежен 3% раствор на борна киселина или физиолошки раствор во млаз што почесто во текот на денот за да можеме механички да ги отстраниме причинителите (бактерии, вируси, алергени).

Бактериските конјунктивитиси ги лекуваме со локални антибиотски капки и масти според наодот на брисот и антибиограми, или по искуство врз основа на клиничка слика.

Вирусните конјунктивитиси ги лекуваме симптоматски, со промивање, превентивно даваме антибиотик локално да спречиме суперинфекција од бактерии и евентуални компликации.

Алергиските конјунктивитиси ги лекуваме симптоматски, со промивање на алергенот, што повеќе и што почесто во текот на денот и со примена на локални антихистаминици.

Терапијата за конјунктивитис треба да ја одреди и контролира специјалист офталмолог зашто кај сите видови воспаленија на конјунктивата се можни и сериозни компликации, кои често настануваат поради несоодветни и ненавремени терапии, како и поради неконтролирана и нерационална локална употреба на кортикостероиди.

Здрава конјунктива
Конјунктивата е тенка, фина слузокожа која ја прекрива внатрешната страна на капакот и предниот дел на очното јаболко. Двата дела на конјунктивата создаваат помеѓу себе капиларен простор кој овозможува одржување на влажноста на конјунктивата и рожницата, како и слободно движење на очните јаболка во сите правци.

Здравата конјунктива е светлорозова, проѕирна, сјајна и влажна, под неа се исцртуваат крвните садови на белката и жолтеникави Меибомови жлезди на капаците, нејзиниот секрет е проѕирен, содржи солзи и слуз. Поради својата положба конјунктивата е изложена на многу микроорганизми и различни стресни надворешни фактори. Сепак, заштитниот механизам како што се солзниот филм и постојаната акција на капаците ја чуваат конјунктивата од штетни надворешни влијанија.

Црвенило и контактни леќи
Многу е важно да се предупредат оние кои носат контактни леќи секое црвенило и дискомфор при носење на леќите да го сфатат многу сериозно, веднаш да ги извадат леќите и да го консултираат својот офталмолог заради соодветна терапија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>