Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОНТРОЛА НА БЕСОТ

септември 1, 2019

Како да се лутиме на добар начин

 

Грижата за своите бесни чувства спаѓа во ментална хигиена, која наложува да се лутиме со мера, почитувајќи го достоинството на другите, без навреди и омаловажувања, свесни дека конфликтите се составен дел од животот, и дека треба да се решаваат конструктивно, со аргументи и личен пример, а не со грубост или повлекување.

 

Автор м-р Весна Кнежевиќ

 

Различните неправди, забрани и изневерени очекувања, вербално и физичко насилство, како и многубројни стресни ситуации може да бидат точка на активирање за да се разбесниме, да го кажеме и она што не го мислиме, да посакаме физички да се пресметаме, или тоа дури и да го направиме. Изливите на бес може да се манифестираат со агресивно однесување, викање, пцуење и тепачка. Но, лутината може да биде и прикриена, а бесот камуфлиран и изразен преку оговарања и сплетки, сарказам и омаловажување на другата личност. Што и да почне во лутина, ќе се заврши со срамота, вели Б. Френклин.

Секому од нас може да му се случи да му се стемни пред очи и да посака некого да го витоса, било тоа да е друг учесник во сообраќај, сопружник, дете, шеф, колега, сосед. Но, ако во лутината често ја губиме контролата над однесувањето, напаѓачки сме расположени и кога се ситници во прашање, не го почитуваме достоинството на другите луѓе бидејќи нешто ни се виновни, тогаш е време да се занимаваме како со своите изливи на бес, така и со чувствата потоа (срам, потиштеност) и да ги разгледаме начините како да се лутиме на добар, а не на деструктивен начин.

 

Здравје

Повторувано, интензивно чувство на бес, изразено на деструктивен начин, претставува сериозен психофизички стрес кој се манифестира со зголемено чукање на срцето, покачен крвен притисок, но и со различни невролошки отстапувања од нормалноста (тресење на раце, губење на глас, заматен вид и друго). Ни психичките последици по излив на бес не се наивни, се јавуваат чувства на вина, депресивност и срам поради загуба на контрола. Сето тоа заедно го нарушува квалитетот на живот, доведува до пад на имунитетот, и може да биде увертира во сериозни здравствени проблеми, како хипертензија и различни срцеви болести. Исто така, личноста која не умее да го контролира својот бес, која вика за секоја ситница и се кара, со време станува неомилена во друштво, некој кој треба да се избегнува и да се заобиколува. Социјалната изолација е нов круг од пеколот, но и аларм дека е крајно време бесните чувства да се стават под контрола.

 

Навика

Иако на прв поглед изгледа дека изливите на бес се спонтана реакција, тие тоа не се! Како ќе реагираме кога ќе нè обзеде чувство на бес спаѓа во вид на навика, нешто што сме го научиле, сме го собрале од опкружувањето во детството и подоцна сме го надградиле. Точно е дека темпераментните и екстровертни луѓе реагираат побурно, но навиката е она што ја креира бесната реакција. Затоа изливите на бес се лесно предвидливи, бидејќи навиката е вид однесување кое постојано се повторува. Некои луѓе ги решаваат проблемите со агресивно, луто однесување, вербално и физичко пресметување (тепањето е излезено од рајот). Дали тоа го прават затоа што таква им е природата? Не! Тие така се однесуваат кон блиските бидејќи не размислуваат за последиците ни за себе ни за другите, затоа што тој модел на однесување им бил достапен во детството или просто затоа што не знаат дека можат и поинаку.

 

Одвикнување

Секое одвикнување почнува со тоа што мораме да бидеме свесни дека нешто треба да смениме. За да ја надминеме лошата навика поради која без кочници експлодираме од бес, мораме да научиме да ги препознаеме ситуациите и состојбите кои нè доведуваат до усвитување. Следен чекор е да ги анализираме своите претходни реакции и да ги рационализираме точките на активирање. Во овој процес треба да се биде искрен. Дали личноста која ни е виновна постапила намерно? Дали можеби ја преценуваме штетата која е направена и сами себе се пумпаме со бес? Веќе самото размислување за причините другата личност нешто да направи или не направи (и така нè налути) е добар пат до надминување на екстремно бесната реакција. Набљудување на пошироката слика, целовит поглед на проблемот или на потенцијалниот конфликт, како и ставање себеси во позиција на другиот, ќе направи нашето лутење да не отскокнува од општествено прифатливите рамки.

 

Умор

Брзото темпо на живот и многубројните обврски во кои треба временски да се вклопи и потребата за незадолжително дружење, релаксација и одмор, што секогаш не е ни лесно ни можно, прави да се чувствуваме хронично уморни и на некој начин исфрустрирани. Состојбата на умор нè прави пречувствителни, па не се исклучени ни бесни реакции на ситуации и околности во кои, ако сме одморни, сосема поинаку би реагирале. Она што е важно кога тоа ќе ни се случи е да ја препознаеме разликата помеѓу оправдано чувство на бес и лутина за која точката на активација била нашата премореност или, пак, умор на друга личност. Две уморни личности може да западнат во процес на бес и да се караат поради минорна причина. Како да се излезе од тој маѓепсан круг? Како прво – со спиење. Одморната личност гледа помалку црно, а има и повеќе сила проблемите да ги решава во аргументи, а не со повишен тон и грди зборови. А ако, сепак, ви се случи поради умор да праснете и да урлате без причина, извинете се! Извинувањето не е знак на слабост, туку израз на сочувствување и каење.

 

Потиснување

Некои луѓе толку се плашат од конфликти што избегнуваат секаков судир, дури и на  мислења, потиснувајќи ги со години своите фрустрации, иритации и лутење. Тие го насобираат својот бес и не го пуштаат надвор. На имагинарната скала на бес се наоѓаат на спротивниот крај од оние кои бучно беснеат поради сè и сешто. За нив секое лутење е закана, не го покажуваат ни кога имаат илјада и една причина бидејќи се плашат од отфрлање. Таквото заклучување на емоциите, исто така, е нездраво, може да доведе до депресија и повлекување, но и до состојба чашата да се прелее. Таквата личност треба да работи на својата самодоверба, да научи да се брани и да поставува граници со аргументи, не со ѕидови од молчење и потиснување. Игнорирање на сопствениот бес ја нарушува самодовербата и ја руши личноста.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>