Планината со највисокиот врв
Природните убавини, езерата, реките, алпската флора се карактеристики на планината Кораб. Вистински предизвик за искусните планинари е освојувањето на Голем Кораб, највисокиот врв во Македонија и четврти на Балканот.
Ивана Коцевска
Планината Кораб е највисока планина во Македонија и Албанија и е продолжение на Шар Планина. Реката Радика ги раздвојува Шар Планина и Кораб, а седлото меѓу овие планини е и државна граница помеѓу Македонија и Албанија. На запад Кораб се спушта кон долината на реката Црн Дрим. Источните падини се многу стрмни и со падините на планината Бистра ја образуваат клисурата на реката Радика.
Долго време Кораб бил малку познат и недоволно испитан терен. За многумина планината Кораб претставува најубав релјеф во Македонија. Неговите ридови се исклучително стрмни, а на некои места се забележуваат вертикални карпи, кои се високи и по стотина метри. Во највисокиот дел, над 2000 метри,
климата е алпска и вклучува елементи од алпската
флора. Падините на Кораб често се прекриени со снег во текот на целата година, дел од нив се одлични за зимски спортови. Вообичаениот пејзаж за Кораб се зимзелените шуми, пространите пасишта, ливадите и бујната вегетација. Овој крај се смета за еден од најголемите подрачја со пасишта во Европа.
Во 1952 година поради уникатните природни карактеристики делот на планината кој влегува во границите на
Македонија е признаен како дел од
националниот парк „Маврово“.
Голем Кораб
Кораб брои повеќе од 52 врва високи над 2000 метри и во своите широки прегратки го сокрива и највисокиот врв во Македонија, Голем Кораб (2764 метри). Голем Кораб е четврти по височина врв на Балканот. Се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Под врвот извира Длабока Река.
До врвовите на Кораб се стигнува по многубројните планинарски стази. Од македонска страна има повеќе одлично организирани планинарски стази отколку што моментно постојат во Албанија.
Искачувањето по овој или по другите врвови претставува неповторлива авантура. Потребно е само да се фрли поглед на планинскиот масив, за да се почувствува предизвик да се искачи и да се скроти неговата грандиозна крепост. Човек има чувство дека може да го допре небото.
За искачување на Голем Кораб почетната точка е од караулата Победа, на 1450 метри надморска висина, од каде започнува искачувањето по стрмен пат, се влегува во шумски појас, а на висина од 1750 метри се излегува на тревнат терен.
Патеката е средно-тешка, маркирана, долга е 18160 метри, во двата правци и поминува низ живописен предел. За совладување на патеката се потребни околу 4-5 часа. На оваа планина нема планинарски дом. Затоа доколку се одлучите да поминете повеќе од еден ден, треба да си понесете шатор и вреќа за спиење.
Многу мал дел од патеката води низ шума, а скоро целиот пат е гол, опколен со алпски пасишта. Тоа е необичен и нестварен терен, со заоблени брегови, меѓу кои се превои меѓу долините, па повторно се оди покрај гребен, а цело време погледот е отворен на сите страни. И така неколку часови. Интересно е тоа што додека се искачувате кон врвот не можете да го видите. Но, веќе кога ќе поминете повеќе од пола пат напорно пешачење, ќе го здогледате врвот кој е вистински рај за очи и душа, а кога ќе стапнете со двете нозе горе ќе се чувствувате семоќно. Врвот е остар, карпест, оголен и од него се протега извонреден панорамски видик. На едната страна е Македонија, на другата Албанија. Врвовите по кои се протега границата се поврзани во низи.
Природни убавини
На Кораб постојат бројни споменици на природата, како што се леднички езера, пештери и величествени речни кањони.
Дополнителна убавина на планината ѝ даваат глечерските езера. На македонска територија Кораб има 8 постојани и десетина повремени
леднички езера, додека нешто помал број има на албанската страна. Овие езера се на висини од 1500 до 2500 метри. Најпознато е секако
Големо Корапско Езеро, кое се наоѓа на 2500 метри надморска височина веднаш под самиот врв Голем Кораб. Подолу на надморска висина од 2310 метри се наоѓа езерото Мал Кораб. Ниту во едно од двете езера нема живот.
По површина убедливо најголемо е
Грамското Езеро на албанската страна. На таа страна езерата се многу поголеми отколку на македонската, но се на помала надморска висина.
Масивот на Кораб изобилува со површински водотеци - реки и потоци кои по напуштањето на планинското подрачје се влеваат во
Радика и
Црн Дрим. Тие имаат брзи текови, наизменично низ кањони и долини, често формирајќи брзаци и водопади. Најголеми и најпознати реки се:
Рибничка Река,
Радомирска Река,
Штировица,
Длабока Река итн.
Рибничка Река носи најголемо количество вода од падините на Кораб и нејзините води најмногу придонесуваат за одржување на реката
Радика во нејзиниот среден и долен тек. Извира на околу 2300 метри надморска височина.Највисок изворишен дел, кој достига и до 2500 метри надморска височина има
Длабока Река. Заедно со
Габровска Река и другите помали притоки има најатрактивен тек, бидејќи формира три кањони и многубројни брзаци и водопади.
Корапскиот водопад
на Длабока Река е најспектакуларен и највисок
водопад во Македонија, а воедно и на
Балканот со висина од над 130 метри. Може да се види јасно од далечина само во пролетните месеци и на почетокот на летото, а зимно време е замрзнат. Поради непристапниот терен и краткиот временски интервал кога може да се посети, малкумина имаат можност да го видат во неговиот полн сјај.
Меѓународно искачување
Планинарскиот клуб Кораб од Скопје, секоја година на почетокот на септември, во чест на Денот на државноста на Македонија, организира меѓународно качување на врвот Голем Кораб. Тогаш во убавините на Кораб уживаат планинари од повеќе земји.
Кога ќе го освоите Кораб, заборавате на сиот напор и замор, чувството е бесценето. Душата е исполнета, очите ги впиваат сите прекрасни нешта кои ги крие оваа наша убавица.