[vc_column width="1/1"]
Во челичните окови на модата
Марта Гириќ
Корсетите се многу привлечни и денес, можеби непримерено, бидејќи очекуваме дека сме се дистанцирале од наметнување ропска положба на другите. Подигнати на ниво на симболи – ропската фигура која станува доминантна, корсетите остануваат многу барани и посакувани и понатаму.
Акцентирано тенката половина сè уште е во мода, и додека повеќето ќе се определат за удобни микрофибер стегачи, некои со воодушевување ќе го допираат брокатот и тантелата, заборавајќи ги страдањата на генерации жени во борба да се ослободат од корсетот
Прашање на слобода
Во корсет е тешко да се движиме со леснотија на која сме навикнати денес. Тој со својата цврстина и затегнатост го прикажува ставот за жените од некои претходни векови: дека жената треба да има тенка половина, да биде економична во јадењето и пиењето, да се движи бавно, да дише полека и да зборува тивко. Всушност, корсетите прават лицето да биде неспособно нормално да функционира и со тоа што ја оневозможуваат физичката активност, ги ограничуваат на подолги патеки и менталните активности. Факт е дека луѓето подобро учат и паметат доколку се движат повеќе и внесуваат повеќе кислород во организмот. Кислородот е најважна храна за мозокот, а корсетот ги притиска белите дробови на минимум капацитет и ако не постои дијафрагмата и ребрата во организмот, жените брзо би умреле по облекувањето корсет.
Модата е суров диктатор
Речиси целиот 19 век е обележан со контроверза за носење корсет. Во времето без интернет работите се одвивале побавно, па и преписката за корсетите се одвивала преку популарните списанија и траела со децении. Пишувале жени кои сакале да ги носат, оние кои се противеле, лекари, а најпотресните писма биле од мајки и девојчиња кои штотуку почнувале да ги носат. Корсетите во тоа време биле со челичен костур, или со костур од коски од кит, а идеален обем на половината бил околу 40см. Девојчињата почнувале да носат корсети во пубертет, или порано ако мајката забележала дека фигурата не им е според естетските барања на општеството. Корсетите не ги соблекувале, единствено ноќе било дозволено да се носи корсет за еден број поголем. Ваквиот систем е рекламиран како долгорочно успешен – девојките би носеле корсети во комплет, кои прогресивно би се намалувале во обемот со текот на годините, и константното носење на крај би довело до половина од 40 см.
Единствен проблем била неиздржливата болка за време на првата година, и тешките долгорочни здравствени последици. Девојчињата кои за време на ноќта ги соблекувале корсетите биле сурово казнувани, а мајките се допишувале во весници и меѓусебно се советувале. Било популарно ноќе на девојчињата да им се врзуваат рацете со свилена лента, но кога во семејството имало повеќе ќерки тогаш тие и покрај врзаните раце успевале една на друга да го особлечат корсетот, па во такви случаи се советувал и синџир со катанец околу корсетот. Некои мајки се противеле на ваквиот третман нарекувајќи го мачење и со право повикувале на здрав разум барајќи на девојчињата да им се дозволи барем ноќе да одморат и да спијат без болки. Денес ова звучи незамисливо и ретко кој знае за овој мрачен дел од историјата на корсетот. Има многу сведоштва за тоа колку жените биле упорни и со кои натчовечки напори се миреле со трендовите и поднесувале долгогодишно мачење, убедени дека потенката половина е поважна од здравјето и слободата.
Современа верзија
Денес под поимот корсет ќе најдете голем избор на предмети за облекување, но многу од нив само го имитираат изгледот на корсетот, а не го менуваат обликот на телото. Тоа главно се типови изработени од убави материјали, но со едвај забележлива корективна функција. Денес најчесто се прават корсети со костур од пластика, која може да има варирачка цврстина, но ги има и понатаму оние со метален костур, иако таквите по правило се поскапи.
Како и до сега, некое непишано правило е корсетите да не се носат на гола кожа. Порано причината веројатно се криела во тоа што било тешко да се перат вака комплицираните предмети за облекување, или било поисплатливо да се перат поткошули, што и понатаму е вистина. Корсетите главно се со многу фина изработка, и не се предвидени за машинско перење, а рачното перење и триење притоа можат да ја оштети фината тантела и украси кои главно ги има на поскапите корсети. Втора причина е што корсетите визуелно го намалуваат обемот на половината, но личноста која го носи и понатаму е со исти димензии. Дури и да немате вишок масни наслаги на стомакот кои сакате да ги затегнете во корсет, кожата речиси секогаш се собира на местото на шнирање на грбот, и тоа може да биде многу непријатно. Исто така, корсетите го ограничуваат движењето, и притоа го забрзуваат дишењето, бидејќи е намален капацитетот на белите дробови, па личноста која го носи секое движење £ е понапорно и бара повеќе енергија, па повеќе се поти или £ е само жешко. Корсетот врз кошула или тесна маица сигурно ќе ве згрее во зимските денови, не затоа што е топол, туку затоа што го отежнува функционирањето на организмот. Ќе забележите и дека корсетот годи за исправање на ’рбетот, што е во ред бидејќи сте секогаш со исправен грб и со помалку надмен став, но не на долги патеки, бидејќи не ги зајакнува грбните мускули, сосема спротивно, тие со години носење атрофираат.
Зошто тогаш и понатаму ни се преубави?
Корсетите повеќе не се носат за корективни цели за време на целиот живот, туку само понекогаш. За некое излегување, специјална прилика, венчавка, а и тогаш се зацврстени така што не ги ограничуваат движењата премногу. Ги има во неколку варијанти – корсети кои ја прекриваат целата биста вклучувајќи ги и колковите, или само половината и градите, и оние кои наликуваат на мидери – ја стеснуваат само половината, до под градите, оставајќи доволно простор за нормално дишење и движења. Некоја денешна грижлива мајка би се противела нејзината ќерка да носи корсет од проста причина што е доволно некој да ве исплаши во темница и вие сте готов плен. Примамливо е единствено чувството на моќ – надминување препреки, став и мислење дека и покрај вака рестриктивен оклоп, сепак, сте во состојба да функционирате. Жената која денес носи корсет е убедена дека може да се избори со сите предизвици, и воспоставува доминација над другите, макар во својата глава.