Фармацевти
Контакт

<< Назад

Костим за капење

јуни 1, 2017

Како да го изберете вистинскиот

Марија Јоксимовиќ

Идеалниот костим за капење е оној кој со кројот и изборот на материјал ќе одговара на нашата градба на телото, ќе ги прикрива недостатоците и ќе ги истакнува атрибутите, во кој ќе се чувствуваме удобно, самоуверено и привлечно

Иако за изработка на костим за капење е потребно многу помалку материјал отколку за изработка на некоја друга облека, факт е дека со добар избор на модел, шари и бои може многу да се сокрије, но и да се открие. Тоа не зависи само од основната поделба на костимите за капење на едноделни и дводелни, туку и од должината на ногавиците, висината на половината, корпите, прерамките и сите оние многубројни повеќе или помалку дискретни украси, како набрани детали, панделки, метални шноли, перли, ленти, реси итн.

Дефиницијата за идеален костим за капење е едноставна: тоа е оној костим за капење кој со кројот и изборот на материјал ќе одговара на нашата градба на телото, ќе ги прикрива недостатоците, а ќе ги истакнува атрибутите. Ако направиме добар избор, во таквиот костим за капење ќе се чувствуваме самоуверено и пожелно. За тоа да го постигнеме, треба да се погледнеме „очи во очи“ со градбата на своето тело, трпеливо да пробаме повеќе модели и да го избереме оној кој нам најдобро ни стои и во кој се чувствуваме удобно. И не е важно ако тоа не е костим за капење кој во тој момент е во тренд, бидејќи трендовите доаѓаат и заминуваат, а совршениот костим за капење, кој е по наша мерка, останува ненадминат и секогаш модерен. Битно е и тоа бројот на костимот за капење да биде точен, соодветен, никаде да не „сече“, ништо да не се отцртува и никаде да не „кипи“.

Тело со облик на круша: Ваков тип на градба на телото имаат жените чии колкови  се нешто пошироки од рамењата. Стручњаците за мода за ваква градба препорачуваат и едноделни и дводелни костими за капење, со тоа што е добро да се бираат модели со кратки ногавици и во потемни бои. Кој сака бикини, препорака е горниот дел да биде со впечатливи шари, со врзување околу вратот (ваквото врзување визуелно ги шири рамењата), а долниот дел да биде што поедноставен без шари и украси, еднобоен, во темни бои. Добриот дводелен костим може да има и ефектни вертикални пруги.

Тело со облик на песочен часовник: Она што го карактеризира овој облик на тело е потенка половина и облини, „таму каде што треба“. Секој дводелен костим за капење добро стои на тело со ваков облик, со тоа што ако градите се поистакнати од колковите, треба внимателно да се избере модел на корпи и да се одлучите за потемни бои. Обликуваните и убави бедра многу добро се истакнуваат со модели со минијатурен облик, со ниска половина, кои од страните се врзуваат со врвки.

Тело без истакната половина: Кога половината речиси и ја нема или не е ни најмалку истакната, најдобар избор се едноделни костими за капење, кои со високи прорези во висина на половината создаваат ефект на потенка и потесна половина, визуелно проширувајќи ги колковите. И асиметрични и необични прорези долж грбот, како и во предниот дел, исто така, придонесуваат за шик изглед и позаоблена фигура на телото.

Мали и големи гради: За секоја големина на гради постои соодветен модел, кој визуелно може да ги намали или да ги зголеми. Големите гради подразбираат цврст горен дел, со квалитетни корпи, потемни бои и дискретни шари, како и пошироки бретели. Карнери, реси, набори со јаки бои не се препорачуваат, како ни тенки прерамки, или уште полошо, нивно отсуство.

За мали гради се препорачува сè она што не е најубаво на горниот дел на костимот за капење за истакнати гради. Значи, весели бои, необични принтови, набори, карнерчиња, стилизирано цвеќе, панделки и слично визуелно ќе ги зголемат малите гради. Покрај украсен горен дел, одлични се и модели кои имаат push up ефект.

Заоблена фигура и истакнат стомак: Заоблената фигура и вишокот килограми обично ги карактеризираат поголеми гради и задник, како и истакнат стомак. Идеален модел е еднобоен костим, на пример, со преклопување на половината, не претерано деколте и со корпи. Кој и покрај вишокот килограми не може без бикини добро би било да избере модел како оние од 50-тите и 60-тите години од минатиот век, со подлабок долен дел кој оди над стомакот.

Кратки нозе: Визуелно едноставно се продолжуваат така што се бира модел на костим за капење кој на колковите е длабоко пресечен, па нозете изгледаат подолги. Одлични се и модели на кои долниот дел се врзува со тенки ленти.

Без оглед на тоа за кој костим за капење ќе се одлучите ова лето, за сите модели се препорачува да бидат од материјал кој брзо и лесно се суши и не се проѕирни при излегување од вода. Исто така, секогаш е добро да имате и резервен костим за капење. За него е важно да биде удобен и безбеден, значи, да стои „како излиен“ кога пливате, или играте со децата во песок и во плитко. И не заборавајте, на годишен одмор костимот за капење е нешто што покрај базен, река, езеро или море се носи секој ден и освен естетска има и практична цел. Поради тоа пред купување добро подгответе се, замислете го вашиот идеален модел и не се женирајте во продавница да пробате повеќе модели, како и да се консултирате со продавачката за квалитетот и издржливоста на одреден костим за капење.

Тренд за ова лето
Иако некои мислат дека едноделните костими за капење се малку demode или се резервирани за дами во години со вишок килограми, тоа не е точно. Квалитетен, добро скроен едноделен костим за капење од добар материјал, кој лесно и брзо се суши, е моден хит за ова лето. Варијанти има безброј, од класичен црн кој не излегува од мода (како ни малиот црн фустан) до модели со многу прорези, отворен или затворен стомак, повеќе или помалку исечени ногавици, длабоко или плитко деколте, со прерамки, без нив. Едноделниот костим за капење добро е да се носи кога ќе добиете боја и не се препорачува при долго сончање, бидејќи телото ќе ги прими необичните шари од сонцето. Со едноделен костим за капење одлично прилега и широко здолниште за плажа. Оваа година летен хит ќе биде црн, златен, тиркизен, зелен, но во тренд се и окер, бел и костим со боја на песок.

Вечни бикини
Бикините веќе со децении не излегуваат од мода и не се резервирани само за жени со совршено тело, без и еден грам сало. Дводелните костими за капење се одлични за сончање, а малку поголем стомак или премногу истакнат задник може визуелно да се прикријат со долен дел кој е кроен речиси до половината и има минијатурни ногавици.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>