Фармацевти
Контакт

<< Назад

Кратово и Лесновски манастир

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]Ивана Коцевска
Фото Влатко Петрески

Ако сте љубители на природа, чист воздух, стара архитектура, културно-историски знаменитости, гостопримство ви предлагаме да го посетите североисточниот дел на Македонија, гратчето Кратово и Лесновскиот манастир, една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија

Кратово
На западните падини на Осоговските Планини, на 80 км источно од Скопје, пристигнувате во Кратово, мало, мирно и живописно градче со над 7 000 жители. За него се знае дека е една од најстарите урбани населби на Балканот. Се одликува со единствени камени лучни мостови, автентична архитектура, калдрмисани тесни улици и гостољубиви жители. Кратово, како што кажува и името, лежи на изгаснат вулкански кратер. Низ вековите отсекогаш бил важен рударски град од кој потекнуваат некои од првите монети во земјата.

Кратово е град на кулите, мостовите, римските рудници, старата чаршија, град на прекрасни цркви и манастири изградени уште во XIV век, и град на св. Ѓорѓи Кратовски. Во римските извори се спомнува под името Cratiscara, а во византиските под името Koritos. Оттогаш потекнува трговијата со рачно изработувани предмети од злато, сребро и бакар. На почетокот на средниот век градот Кратово бил значаен рударски и трговски центар, со колонија на трговци од Дубровник. Покрај локалното население, трговците од Дубровник, овде живееле и рударите Саси, занимавајќи се со експлоатација на руда од олово, цинк, сребро, злато, бакар и железо од кратовските рудници.

Ковачницата на пари во Кратово била втора по големина во Отоманското Царство.  Интензивната експлоатација и преработка на рудите траела и за време на турското освојување, а во периодот од XVI до XVIII век овде се ковале сребреници. До крајот на XIX век градот нагло пропаѓал, кога постепено исчезнувале бројните златари и кујунџиски работилници во чаршијата.

Ако сте во Кратово посетете ја црквата „Св. Јован Опсечен“, обновена во 1836 година. Ја реставрирал познатиот архитект Андреј Дамјанов. Податоците говорат за нејзино неколкупатно уривање и пљачкосување. Жителите милуваат да ја именуваат и како женска црква. Во неа се влегува со шамија на главата и во беспрекорна понизност. „Сребрените раце“ на Исус Христос, мајка Богородица, апостол Тома и св. Јован, секој верник посакува да ги допре. Пред 10 години, левата рака (сребрениот дел) од мајка Богородица исчезнала. Црковниот одбор претпоставува дека неа ја зела некоја жена што немала деца, со надеж дека ќе ги добие.

Радин мост
Кратово е познато и по мостовите, на почетокот на XX век ги имало 20, денес се само 4 функционални. Најпознат е Радин мост, кој раскажува тешка и жална приказна. Мостот го граделе тројца браќа, но се уривал навечер. Еден локален пророк им рекол дека мора да жртвуваат една од своите невести, за да престане уривањето. Браќата се договориле дека жртвувана ќе биде онаа жена која  следното утро ќе дојде прва. Но, двајцата постари браќа им кажале на своите сопруги за планот, а најмалиот не. Неговата сопруга Рада била првата која дошла следното утро и била фрлена во темелите на мостот од страна на двајцата постари браќа. Оттука мостот го добил нејзиното име за вечноста, Радин Мост.

Кратовските кули
Кратовските кули кријат интересни моменти од животот кој се одвивал во минатото. Имале две функции: одбранбена, како бедем за заштита од Турците, но и место каде живееле закупците на рудниците, со семејствата, работниците и чуварите. Тука ги чувале парите ковани од рудата во рудниците, а кулите биле поврзани со тунели и подземни ходници. Подземните коридори им овозможувале на сопствениците да избегаат заедно со златото и монетите во блиската густа шума и во планината при доаѓањето на Османлиите. До ден-денес локалното население сè уште верува дека постои богатство загубено при бегањето, па чекаат да биде откриено.

Градени се во средновековието и некогаш биле 13 на број, па затоа Кратово е познато како град на кулите. Денес, во некоја попристојна состојба се: Симиќева, Емин-бегова, Златкова, Саат-кула, Крстева и Хаџи-Костева кула. Најубава е Симиќева, најбогата била Крстевата, а најстара е Златковата кула. Саат-кулата е претворена во изложбена постановка. Се претпоставува дека кулите ги градел Костадин Дејанов.

Лесновски манастир
На 15 километри од Пробиштип, на југозападните падини на планината Осогово, на надморска височина од околу 870 метри, на старо вулканско подрачје, е распослано селото Лесново. Пристигнувањето до селото е со искачување по еден импонзантен планински пат. Ве дочекува недопрена природа, како времето овде да застанало, тишина, спокој и напуштени стари куќи. Овде има мал број на постојани жители.  Но, овој мир одвреме-навреме го нарушуваат посетителите на комплексот Лесновски манастир, кој се наоѓа во селото. Неговото целосно име е „Свети Архангел Михаил и пустиножител Гаврил Лесновски“. Комплексот се состои од манастир, посветен на Св. Гаврил Лесновски и црква, посветена на Св. Архангел Михаил, кула-камбанарија, магацинска зграда со неколку помошни простории и обновени конаци, подигнати во XIX век.

Лесновскиот манастир е еден од најубавите и најзначајни византиски споменици на Балканот и еден од најимпресивните и културно најзначајни меѓу манастирите кај нас.

Во големиот двор на комплексот ќе видите црница во форма на крст, стара околу 600 години. Плодовите на ова дрво се необично големи, вкусни и црни, и нивната трага на облеката многу тешко се отстранува. Според домаќините-монаси, има само три вакви дрвја на Балканот. Една интересна случка се раскажува од турско време. Мурат-бег дошол со многубројна војска во манастирот со намера да го разурне и да ги погуби монасите. Кога го потпишувал ферманот под оваа иста црница, похулил на Христа и на верата Христова. Веднаш потоа десната страна од телото му се парализирала и му се одзел видот, а истото се случило со неговите најблиски. Но, откако се покајал и побарал прошка од светителот, Бог му го повратил видот и го исцелил. Мурат-бег го оставил манастирот неразурнат, му подарил 50 хектари земјиште, а под крстот на централното кубе поставил полумесечина, како знак за заштита на манастирот од Османлиите.

Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. Постои мислење дека е изграден во втората половина на XI век, кога во краиштата северно од Брегалница силно бил развиен култот за пустиножителите, меѓу кои и за Гаврил. Се смета дека ктитор на црквата е деспотот Јован Оливер, кој во 1341 година ја подигнал врз темелите на постара базилика од времето на Гаврил, чија испосничка пештера се наоѓа недалеку. Во средината на XV век српскиот цар Душан го назначил манастирот за седиште на новоформираната Злетовска епархија. Денес, манастирот £ припаѓа на Брегалничката епархија.

Во црквата се влегува низ дводелен отвор, што ја прави единствена во склопот на т.н. Вардарски стил, на кој му припаѓа. Таков тип на врати може да се најде во црквите во Солун и на Хиландар. Црквата е добро сочувана, а кога ќе влезете во нејзината внатрешност ве пречекува иконостасот и зачуваниот богат фрескоживопис, дело на четворица сликари. Целокупната внатрешност е осликана со фрески. Меѓу сцените се издвојуваат портретите на оснивачот, деспотот Јован Оливер, и на неговата жена Марија, портретите на српскиот цар Душан, кој се смета за негов најдобар приказ, и на царицата Јелена, и архангелот Михаил и свештеникот Гаврил.

Иконостасот од 1814 година е од особено значење, изработен од мајсторското длето на познатата мијачка копаничарска школа, предводена од Петре Филиповски-Гарката и претставува воедно и нивно првенче. Ова е најстариот од трите зачувани иконостаси работени од овие мајстори, покрај оние во скопската црква Св. Спас од 1824 година и во Бигорскиот манастир од 1835 година.

Во минатото над 200 монаси живееле во манастирот, правејќи го Лесново големо духовно светилиште и центар на средновековната Кратовска книжевна школа, во кој покрај монашкиот живот се одвивала и богата книжевна дејност. За жал, во текот на XIX век па сè до завршувањето на Првата светска војна ракописите биле разнесени на разни страни, па и надвор од Македонија, така што денес 40 ракописи од XIII до XIX век се чуваат во библиотеките во Софија, Белград, Загреб, Москва и Санкт Петербург. Ако книгите што некогаш му припаѓале на Лесновскиот манастир повторно се вратат, селото Лесново може слободно да го нарекуваме Александрија.

Овој манастир имал богат економски статус и бил засолниште на многу револуционери и ослободителни групи кои се бореле за слободата на македонскиот народ. Најмасовно е посетен на празниците на 21 септември и на 28 јануари, кога доаѓаат голем број верници.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>