Фармацевти
Контакт

<< Назад

КРОСФИТ

мај 1, 2019

Максимално интензивно, потенцијално опасно

 

Напорите кои овој вид тренинг ги наметнува може да бидат голем предизвик дури и за најискусните и најуспешните спортисти.

 

Автор Марко Симиќ

 

Во текот на последниве години кросфит (crossfit) системот на вежбање доживеа исклучителна популарност ширум планетава. Се смета дека повеќе од 16 000 сали за вежбање поседуваат оригинална лиценца, додека бројот на оние кои вежбаат надвор од официјалните институции само се претпоставува.

 

Сестран психофизички развој

Системот од вежби кои ги нуди кросфитот може во основа да се подели на оние поедноставни, основни фискултурни вежби наменети за лица кои не се претерано физички подготвени, и на посложени вежби конципирани така што искусните атлети се напрегнуваат до максимум на своите можности.

Кросфитот ја подобрува општата физичка подготвеност, ја развива издржливоста, силата, еластичноста, брзината, координацијата на движења, менталната фокусираност и силата на волјата. Многу интензивните тренинзи се комбинација на атлетски дисциплини, класична гимнастика и дигање тегови. Лицата кои се многу посветени на овој спорт тренираат дури и два пати дневно, бројот на неделни тренинзи може да достигне до 12, а некогаш и го надминува. Вкупните вежби траат до 15 минути и се изведуваат со максимален интензитет на секој тренинг. Периодот на одмор помеѓу вежбите е сведен на минимум, се тежнее кон тоа воопшто да го нема. Нивото на оптоварување се менува на секој тренинг, што претставува дополнителен предизвик за организмот. Дневниот тренинг е насочен кон одредена група мускули или на подобрување на одредени параметри на кондицијата, како брзина, издржливост или сила.

 

Вежбање надвор од термин и силна заедница на вежбачи

Не е ретка појавата вљубениците во кросфит да ги видите како трчаат, прават склекови или клекнувања и надвор од редовните термини за тренинг. Задоволството кое постигнатиот успех го носи е мотив за дополнително вежбање. Своите искуства и совети вежбачите ги разменуваат меѓусебно, а благодарение на интернетот, кросфит заедницата е поврзана со линкови на сите континенти. Секојдневно се појавуваат нови предлози кои го подобруваат системот на тренинг, ги унапредуваат справите потребни за вежбање и даваат корисни совети за исраната.

 

За и против

Кросфитот носи бројни бенефити за вежбачите, од јакнење на волјата, преку брзо напредување на сите параметри на физичка способност, до губење килограми и постигнување совршено извајано тело. Со оваа дисциплина може да се занимаваат и вежбачи постари од педесет години, се разбира, во согласност со своите здравствени можности.

Негативните страни на кросфитот се гледаат во тоа што одделни стручњаци сметаат дека ваков вид оптоварување му штети на кардиоваскуларниот систем, особено кај неподготвените вежбачи. Повредите се втора опасност која демне и настануваат како резултат на занемарување на техниките на правилно изведување одредени движења. До повреди, исто така, доаѓа и кога вежбачот ќе ги прецени своите можности и во желба да постигне што повеќе, всушност, се елиминира од тренинг на подолг период. Затоа од голема важност е да се консултирате со својот лекар пред почеток на занимавање со спорт, особено кога е вака напорен.

 

Настанок на кросфитот

Американските спортисти Грег Гласман, кој професионално се занимавал со гимнастика, и Лорин Џенај во средината на деведесеттите години на минатиот век покренале сопствен бизнис насочен кон развој на специфичен вид тренинг. Компанијата CrossFit, Inc. постои од 2000 година и е овластена за давање лиценци на сали за вежбање ширум светот.

Во текот на речиси две децении од постоењето кросфититот стекнал голем број поклоници, но, исто така, наидувал и на извесни оспорувања во стручните кругови. И покрај тоа, некои држави, како Канада, ја вклучиле оваа програма во обуката на пожарникарите и специјалните единици на војската.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>