Важно е да се разликуваат безопасните од опаснитед-р Радмила Косиќ, педијатар
Пореметувањата на крвавењата и згрутчувањата во детска возраст се ретки и најчесто наследни, а се откриваат рано кога детето има забавено зараснување рани, невообичаено обилно крвавење на безопасни повреди, или појава на хематоми (модринки) на необични места и во голем број
Секој момент во нашето тело се случуваат ситни повреди на крвните садови и околното ткиво. За среќа, постои сложен механизам за запирање на крвавењата и поправање на оштетеното. Тој процес останува за нас невидлив сè додека не се повредиме, го видиме крвавењето и го следиме процесот на спонтано запирање на крвавењето и зараснување на раните. Попросто кажано, сложениот механизам на згрутчување започнува со оштетувањето на внатрешноста на крвниот сад. Низ низа каскадно поврзани реакции се лачат фактори на коагулација (згрутчување), на местото на повредата ќе се направи „чеп“ или тромб, кој оневозможува понатамошна загуба на крв. Згрутчувањето е опфатено од белковинеста мрежичка и започнува обновувањето на оштетениот крвен сад. Во исто време функционира и процесот на растворање на создадениот тромб, за поправениот крвен сад да си ја врати функцијата на нормален проток на крв.
За правилно функционирање на овој сложен механизам е потребен здрав црн дроб, нормален облик, состав и број на тромбоцити и непречен, брз доток на крвна струја. Некои лекови може да влијаат на попречување на овој процес, а на некои болни намерно им се даваат лекови за да се намали способноста за создавање тромб.
Пореметувањата во крвавењето и згрутчувањата во детска возраст се ретки и најчесто наследни. Се откриваат рано, потоа кога детето има забавено зараснување рани, невообичаено обилно крвавење на навидум неопасни повреди или појава на хематоми (модринки) на необични места и во голем број. Овие појави бараат темелно испитување на крвната слика и функциите на сите органи кои учествуваат во крвавењето и згрутчувањето. За среќа, кај децата чести се безопасните крвавења, најголем број од нив може да се запрат во домашни услови.
ПОВРЕДИТЕ се убедливо најчеста причина за крвавење. Иако секое дете (а и мајка!) ќе го мрази погледот на раната, истекувањето на крвта е корисно, бидејќи од раната се испираат туѓите тела и бактериите. Забавување на истекувањето ќе постигнете со притисок на раната со чиста крпа или марамче. Во домашни услови раната може да се испира со 3% хидроген, а потоа да се превие со стерилна газа. Површинските рани не ги испирајте долго со вода, ни со алкохол – ќе ги попречите спонтаните механизми на „репарација“на оштетениот крвен сад.
Доколку не сте сигурни дали раната бара хируршка интервенција, однесете го детето на педијатар или хирург на понатамошна обработка. Доколку од раната истекува крв во големи млазеви во ритамот на работата на срцето, веројатно е пресечен поголем артериски крвен сад и таквото крвавење не може да се санира во домашни услови и е потенцијално опасно. Силно притиснете го повреденото место и итно побарајте стручна помош. По повредата консултирајте педијатар во врска со вакцинација против тетанус.
КРВАВЕЊЕТО ОД НОСОТ кое е последица на удар во глава задолжително треба да го види лекар, поради можни преломи на околните коски околу носот. Спонтаните помали крвавења се јавуваат за време на настинки или затоа што детето има навика да го „чепка“ носот. На внатрешната страна на носната преграда, во секоја ноздра, се наоѓа мал сплет од вени кој е сместен плитко под слузокожата. Отечена и надразнета слузокожа оштетена од вирус за време на настинка често не може да ги заштити овие крвни садови, па се јавува спонтано крвавење од едната или поретко од двете ноздри. Ова крвавење е краткотрајно и спонтано престанува.
Детето треба да ја наведне главата кон напред и да ја притисне ноздрата со прст околу 2 минути. Доколку ја навали главата кон назад, постои веројатност дека ќе проголта крв, што може да предизвика мачнина и повраќање. Носот не треба да се испира одвнатре, ни да се „дува“ во наредните неколку часа.
Некои деца почесто крвават од нос од други. Ако се повторува крвавењето, однесете го детето на педијатар кој ќе ги анализира крвните слики, времето на крвавење и коагулација. Треба да се измери и крвниот притисок и да се упати на преглед кај специјалист за уво-нос-грло. Доколку се утврди вродено зголемување на венскиот сплет од кој носот крвави, може да се отстрани со едноставен зафат. Се препорачува земање поголеми дози на витамин Ц кој ги јакне крвните садови, а не се советува земање препарати со ибупрофен и ацетилсалицилна киселина, бидејќи го продолжуваат времето на крвавење. Контролирајте ја должината на користење на вазоконстрикторните капки за нос, бидејќи долготрајното земање трајно ја оштетува слузокожата на носот и провоцира крвавење.
ХЕМАТЕМЕЗА (повраќање крв) и МЕЛЕНА (темна крв во изметот) се симптоми на крвавење од горните делови на системот за варење. ХЕМАТОХЕЗИЈА е појава на свежа, светлоцрвена крв од долните делови на цревата. На секое крвавење од системот за варење треба да му се пристапи сериозно и за време на разговорот со родителите да се утврди:
– Дали пред крвавењето детето јадело цвекло, боровинки, малинки или некоја друга храна која интензивно го бои изметот во црно или црвено?
– Дали детето зема некои препарати кои содржат железо за лекување анемија (тогаш појавата на црн измет е вообичаена)?
– Дали детето имало крвавење од носот или вадело заб, па можеби во тој случај ја повратило проголтаната крв?
– Дали мајката која дои има рани околу брадавиците, па детето при секое доење голта мали количини крв?
– Дали детето има тврд измет по кој се појавува свежа крв?
– Дали детето пиело некои лекови кои го продолжуваат времето на крвавење?
– Има ли знаци на крвавење и на други места (модринки на необични места кои не се предизвикани од повреда)?
– Дали појавата на крв е проследена со болки, повраќање, зголемена температура?
Ако ги исклучиме и неопасните причини за појава на крв, потребен е детален клинички преглед, лабораториски анализи и преглед од хирург, бидејќи постојат болести и состојби кај кои е потребна итна интервенција.
КРВАВЕЊЕТО секогаш предизвикува загриженост кај родителите и поголемите деца. Секој педијатар се сретнал со исплашена мајка која во изметот видела „крвави конци“ (ги предизвикува бактеријата Campylobacter и лесно се лекува), или детето повратило поголема количина крв по доаѓањето од болница по операција на крајници, или детето одбива да седне на нокшир, бидејќи видело крв на хартијата. Причините за крвавења во детска возраст се многубројни, за среќа, најчесто се неопасни и не бараат лекување. Доколку крвавењето се јавува во рамки на потешки болести, зголемена температура, пореметувања на општата состојба, потребен е интензивен надзор и следење. Педијатриските хемато-онколози и детските хирурзи располагаат со низа лабораториски тестови и дијагностички методи со кои се утврдува вистинската природа на крвавењата во детска возраст.