Со терапија до движења без болка
Aвтор: Душан Гољиќ м-р по фармација
Нашите секојдневни активности често може да претставуваат непријатно искуство поради болка во грбот. Оваа тегоба спаѓа во најраспространетите здравствени проблеми со кои се среќаваат сите генерации. Болката во грбот е сигнал кој не смееме да го игнорираме, особено ако стане хронична
’Рбетниот столб заедно со слоевите грбни мускули ја сочинува моќната апаратура која овозможува исправено држење и изведување одредени движења. Низ централниот канал на ’рбетот поминува ’рбетниот мозок кој претставува комплексен збир на нервни влакна чија функција е координација на физиолошките процеси на многу системи на органи. Болката во грбот е доживување кое настанува како производ на бројни нервни импулси, а целта е да нè предупреди на потенцијално штетно движење. Силната болка при движење на екстремитетите или, пак, лоцирана во одреден сегмент на грбот, може да биде исцрпувачка сама по себе и значително да го загрози квалитетот на живот.
Воспалителен процес во мускулното ткиво се манифестира како болка, која се протега долж еден или повеќе мускули и при тоа се создава чувство на ограниченост на движењата (вкочанетост на мускулите). Јасно е лоцирана и се јавува само при одредено движење. Може да биде последица на механичка повреда, истегнување или преоптоварување на мускулите на грбот. Често се јавува како резултат на неправилно движење на мускулатурата во текот на интензивна физичка активност.
Воспаление на нервите се чувствува како болка која зафаќа повеќе функционално поврзани снопови мускули, со тенденција да се засилува или дури да се шири на екстремитетите. Болката перзистира, често ограничувајќи поширок спектар на движења, вклучувајќи одење, свиткување, па дури и лежење. Вклештувањето на нервите на ниво на долниот (лумбален) дел на ’рбетот за последица може да има невропатска болка, често опишувана како чувство на жарење, палење, чувство на лазење мрави, струење и сл.
Лекувањето зависи од самата природа и јачина на болката во грбот.
Аналгетиците се лекови против болка кои меѓусебе се разликуваат по хемиската структура, местото на дејствување, должината на траење на дејството и профилот на несакани дејства. Претставуваат незаобиколна терапија за лекување болки во грбот. Пред да започнете со терапија, задолжително посоветувајте се со лекар или фармацевт.
Во случај на болка во мускулите главно се даваат аналгетици со послабо дејство и поголема тераписка ширина, како што е парацетамолот. Доколку болката перзистира, во терапијата се воведуваат појаки лекови, со противвоспалително дејство, како што се ибупрофен, диклофенак, ацеклофенак, кетопрофен, кеторолак и др. Изборот на лек го одредува лекар според индивидуалните карактеристики на самиот пациент. Кај болка со невроген карактер терапијата започнува со појаки лекови, со честа комплементарна терапија. Кај интензивна болка често се препишуваат инјекции со поголеми дози аналгетици, за да се избегне нивното штетно дејство на дигестивниот тракт. Доколку воспалението на нервите е придружено со вкочанетост на мускулите, дополнително се препорачува земање лекови за опуштање на спазмата на мускулатурата.
Аналгетиците се користат и во вид на масти, креми и гелови за надворешна употреба, со што се потенцира нивното локално дејство на воспалениот мускул. Во аптеките можеме да најдеме и производи чии активни принципи се издвоени од лековити билки. За опуштање на мускулите и стимулација на периферните нерви најчесто се користат лаванда, рузмарин, евкалиптус, арника, мента, ѓаволска канџа, бор и лута пиперка.
Суплементите не може да ги заменат аналгетиците, но често се користат како поддршка на терапијата. Се препорачува земање витамини Б1, Б6 и Б12, поради нивната незаменлива улога во метаболистичките процеси на нервниот систем. Јоните на магнезиум и калиум дејствуваат релаксирачки на скелетните мускули, па се препорачува дневен внес на овие минерали. Се разбира, изборот на терапија и нејзиното земање се прават по консултација со лекар и фармацевт.