Тој префинет моден детаљМарија Јоксимовиќ
Во Јапонија и денес постои верување дека врвот од дршката од лепезата претставува почеток на живот, додека ребрата ги симболизираат животните патишта кои се шират во сите правци и носат среќа и радост
Лепезата, незаобиколен и важен моден додаток на секоја дама од минатите времиња, ни денес не е сосема заборавена, како ни победена со клима-уредите, иако главно е сведена на лепеза за ладење во лето. Ја има речиси секоја жена, како практичен реквизит против летни горештини, а некои дами ја третираат и како моден детаљ и ја согласуваат со бојата на фустанот, шеширот, торбата за плажа, или рамката за очилата за сонце. А колку некогаш била важна и сеприсутна, може да се насети и од јазикот, бидејќи денес се вели „лепеза на можности“ или „лепеза на работи“, со што се нагласува шаренило на избор и различни варијанти од нешто, односно, во преносна смисла, се зборува за обемот и ширината на проблемот за кој се расправа. Сето тоа воопшто не е случајно, зашто за историја на лепезите се врзува цел еден свет на знаци и значења, богат и комплициран, со тоа што во Азија лепезите ги користеле и мажите, како за разладување, така и за означување припадност на воениот ред, а ги носеле и владетелите како статусен симбол.
Јазик на љубовни сигнали
Лепезата во минатото била многу важна за социјалните контакти, а нејзината положба на суптилен начин зборувала многу, дури и она што не било пристојно, или, пак, било незамисливо да се изговори со зборови во традиционалното друштво, полно со пуритански правила. На пример, бавно и лесно мавтање со лепеза значело дека дамата е верена или мажена, а одлучно и брзо дека е слободна.
Во невербална комуникација со мажите, жените се служеле и со чадори за сонце и ракавици како помошни средства, но лепезата, сепак, била кралица на контактите, нешто како современите сообраќајни знаци. Меѓутоа, додека испуштањето на ракавицата значело „следи ме“, фрлањето на лепезата зборувало нешто сосема спротивно, како „не те сакам“. Од друга страна, ако била држена во десна рака, пред лицето, тоа значело повик на мажот да ја следи дамата, а „зелено светло“ за бакнеж било отворање и затворање на лепезата, како и кога полузатворена ќе се наслони на уста. Не било сеедно ни на кој образ се наслонува, зашто во комплицираната машко-женска игра на додворување, допирање на десната страна на лицето значело „да“, а на левата „не“. Отворена и навалена во пределот на срцето, лепезата ја праќала пораката „те сакам“.
Во раскошниот јазик на лепезата влегувало и допирање на нејзините рабови со прстите, што било еднакво на неизговорените зборови „сакам да разговарам со тебе“. Широко отворање значело „чекај ме“, а затворена лепеза, позиционирана покрај десното око, одговарала на неизговореното прашање „кога можам да те видам“. Се подразбира дека мажите и го знаеле „јазикот на лепезата“ и внимавале нешто да не пропуштат, па држење лепеза во левата рака значело „дојди и разговарај со мене“, броење на „перјата“ на лепезата порачувало во колку часот е состанокот, а нејзиното кокетно наслонување на образите емитирало „те посакувам“. Затоа некогаш флертот без лепези бил незамислив, сè до нивното држење во затворен облик покрај срцето, што зборувало „ме освоивте“, преку покривање на увото што порачувало „не ја откривај нашата тајна“, до затворање на очите, што било подеднакво како дамата да рекла „жал ми е“.
Носи среќа и радост
Додека денес лепезите се носат на плажа, или се вадат од чанта во градина од ресторан ако нема ветерче а температурата на воздухот е висока, некогаш се носеле и во театар, опера, а биле неизоставен реквизит на балови. Служеле за праќање љубовни пораки и сигнали, зад нив дамата можела да се скрие, или, пак, да ја покаже својата незаинтересираност и емоции на суптилен начин кој никој не можел да ѝ го замери. За волја на вистината, освен како мистично средство за комуникација во функција на романтика, лепезите служеле и за бркање муви и други инсекти.
Лепезите водат потекло од Исток, а во Европа стигнале кон крајот на 15 век. Во Јапонија биле правени од хартија од ориз, бамбус, злато, тантела и свила. Во земјата на изгрејсонцето и денес постои верување дека врвот на дршката претставува почеток на живот, додека ребрата на лепезата симболизираат животни патишта кои се шират во сите правци и носат радост и среќа.
Лепезите биле на склопување, имале дршки од слонова коска, абонос, скапоцени метали, седеф, од желка и коска од кит. Биле украсувани со ноеви, жерави и орлови перја, дијаманти, правени од тантела и брокат, раскошно изрезбани, а во зависност од големината, можеле да се носат во торбичка, закачени за појасот на тоалетата, претставувајќи статусни симболи и вистински ремек-дела чија врв на популарност била во времето на барок и рококо. Славни колекции од лепези од царските дворови можат да се видат во музеите од Истанбул, до Санкт Петербург и Виена. Ги имало и во стариот Египет и во Грција, каде се сметани за статусен симбол. Се претпоставува дека првите лепези биле направени пред повеќе од илјада години од лист од палма и перја од птица и дека биле привилегија на господарите кои така ги ладеле робовите. На далечниот Исток, во Кина, некогаш во царски процесии се користени гигантски примероци на долги стапови, а и денес играат значајна улога во различни церемонии и во театар.
Во Франција постоело многу развиено производство на лепези, па во 17 век било прашање на престиж да се има лепеза од Париз. Таму ги купувала и Елизабета Петровна, ќерка на Петар Велики, позната по исклучителна колекција на лепези, но и отворање работилница за нивна изработка. Исто така, декорирањето на лепезите често ги правеле уметници, па овие уникатно насликани примероци и сега имаат голема вредност. А, бидејќи лепезите и сега се многу популарни во Јапонија, градот Кјото денес е главен за нивно традиционално производство.
Колку биле значајни се гледа и по тоа што влегле и во литературата. Англискиот писател со ирско потекло Фингал О'Флаетри Вилис, познат како Оскар Вајлд (1854-1900) го напишал делото „Лепезата на леди Виндермир“ (Lady Windermere's Fan), кое доживеало повеќе филмски екранизации, а првата во 1925 во режија на Ернест Лубич.
Снежен цвет и тајна лепеза
Портрет на заемно пријателство на две девојчиња тема е на славниот кинески бестселер, преведен на многу јазици „Снежен цвет и тајна лепеза“, кој го напишала Лиса Ли. Во истоимениот филм е даден портрет на вонвременско пријателство на две детски сродни души, кои и кога семејствата ќе ги разделат, остануваат поврзани и комуницираат со тајниот јазик на бели, свилени лепези. Во паралелното случување, во модерниот Шангај, потомците на девојчињата од 19 век се трудат да го сочуваат своето пријателство, но и да ја сфатат приказната на предците.
Игра со ветрот
Во бројните јазици и културите зборот „лепеза“ е поврзан со ветрот и птиците, а се смета и дека првите лепези се изработувани по моделот на птичјото крило. На индиски јазик „лепеза“ (панка) значи перце или птичјо крилце, а исто значење има и кинеското име „шан“. На турски јазик лепеза означува оној кој се игра со ветрот, кој го прави. Едно од правилата кои ги налага фенг шуи вели дека овој традиционален кинески украс служи за пренасочување на енергија, па треба да се чува на врата или на ѕид, но никогаш во бела или црна боја, зашто тие се бои на жалост.