Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЛЕТНА ДЕЛОВНА ЕЛЕГАНЦИЈА

јуни 1, 2018

Изградете го својот стил

 

Летото секогаш носи посебни предизвици кога е во прашање изборот на деловна гардероба. Како да се остане елегантен, а да се биде доволно лесно облечен е вечна дилема.

 

Автор: Милица Ѓокиќ

 

Големите корпорации, сериозни фирми, како и бројни државни институции, на своите вработени им даваат јасни инструкции во врска со правилата за избор на облека во која можат да се појават на работното место. Дури и таму каде што дрес-кодот не е толку строг постојат одредени непишани правила на кои треба да се придржувате. Меѓутоа, постоењето правила не значи нужно и апсолутна униформираност. Со малку ангажирање е можно да се изгради сопствен препознатлив моден стил, кој ни во еден сегмент не ги крши пропишаните правила, а, сепак, се издвојува од просекот со својата оригиналност.

 

Машки летни комбинации основни правила

 

  1. Бои


За почеток би требало да се држите до едноставното правило: боите се согласуваат. Тоа не значи дека би требало да изгледате како шумар или раководител на смена во фабрика, во смисла избор на само една боја. Слободно покажете малку смелост во комбинирање на колоритот. Некогаш убаво дизајнираната вратоврска е сосема доволен детаљ кој ќе ве издвојува на групната црно-бела фотографија на забрзани вработени луѓе.

 

  1. Крој


Облеката би требало да одговара на вашиот стас, а не да изгледа како подарок од роднина кој ја надраснал. Во неа го поминувате најголемиот дел од денот, така што задолжително мора да биде удобна. Оделото шиено по мерка е секогаш добро решение, а со малку труд истиот резултат можете да го постигнете со правилен избор на конфекциските броеви. Маиците припиени за тело се сè уште во мода, и сосема е во ред да ги носите ако изминатите месеци активно сте вежбале. Не е препорачливо да се користат за истакнување на резултатите од зимското посетување слави. Исто така, кога ги бирате, слободно изберете малку поголем број, не морате да изгледате како да купувате на детско одделение. Кратките панталони оставете им ги на децата, а одредени неформални собирања и состаноци можат да бидат толерантни за носењето бермуди.

 

  1. Обувки


Колку и да се практични сандалите со отворени прсти и петици во текот на врелите летни денови, не се прифатливи за сериозен деловен состанок. Изборот на чевли многу зборува за мажот, обрнете внимание на тоа.

 

  1. Модни додатоци


Иако многу мажи го игнорираат значењето на модните детаљи, токму тие ја дефинираат препознатливоста. Рамка за очила, избор на рачен часовник, футрола за телефон, приврзок за клучеви од кола... Понекогаш е доволно незначително финансиско вложување во овие ситници за да се етаблирате како моден познавач.

 

Деловната жена во летен период

Оваа тема може да биде обработена во томови книга, па ќе се обидеме да ги сведеме информациите на минимум. Фустаните од природни материјали помагаат да се чувствувате попријатно. Нивниот крој мора да биде елегантен, колку и да сте во искушение да облечете нешто лелеаво и да се упатите директно на плажа. Должината на фустанот, како и здолништата, не би требало да биде пократка од класичниот крој кој е до колена. Панталоните се одлично решение, можат да бидат сошиени од лесни материјали. Избегнувајте проѕирни ткаенини, претесни кроеви, како и евтини принт дезени. Неутрални и пастелни нијанси се примерни во деловното опкружување. Фармерки и патики можат да поминат во некои компании. Во тој случај водете сметка за тоа кога тргнувате на работа популарните скинати модели да останат во гардероберот. Тоа важи и за модели на патики кои не спаѓаат под терминот спортска елеганција. Пожелно е оваа комбинација да ја дополните со сако. Доколку вашиот избор на обувки е насочен кон чевли со потпетици, запаметете дека тие не би требало да бидат повисоки од 6 см.

Својот единствен изглед можете да го постигнете со детали комбинирани со употреба на фантазија. Марама, ешарпа, накит, избор на чанта... Една комбинација на облека може да има сосема поинаков ефект доколку ја искомбинирате со различни додатоци.

 

Што велат креаторите за 2018?

 

Еден детаљ ги обележа модните писти кон крајот на минатата година, во текот на претставувањето на колекцијата за ова лето. Во прашање е предимензиониран цветен мотив. Меѓутоа, ако тоа не му одговара на вашиот личен стил, нема причина за грижа. Моделите прикажани на модните писти нудат сосема доволно опции за „тренди“ комбинации и без споменатиот детаљ.

 

Ако пругите се вашиот избор, тогаш е поверојатно дека нема да погрешите доколку изберете вертикални. Колекцијата на Мисони сето тоа ни го збогати со карнери и мали набори, кои дури можат да се најдат и на истиот модел. Том Браун и Розета Гети прикажаа смели комбинации на бои, додека, за разлика од нив, Викторија Бекам своите модели ги базирала на монохроматски пристап. Маиците се шарени со големи логотипови, а шминката е сведена на минимум. Во мода е свеж изглед кој доаѓа како природна последица на прифаќање на здравиот начин на живот.

 

Крај на тесните ногавици

 

Изгледа дека на слим панталоните конечно им истече времето. Ногавиците се пошироки, некои креатори ги пуштија да тргнат накај „ѕвонарки“, додека половината е подигната. Ваквите кроеви, секако, им прилегаат на далеку поголем број жени. Со тоа, одлично се вклопуваат со лесни сакоа и елегантни чевли. Забележавме и појава на панталони кои имаат еднобојна црта од страна, како долен дел на тренерка. Овој детаљ може совршено да се вклопи во вашето деловно издание, доколку правилно го искомбинирате со остатокот од гардеробата. Фармерките, исто така, го следат трендот на ширење на ногавиците, во мода е посветол џинс.

Бермудите се згоден дел од гардеробата кој убаво се вклопува во различни деловни стилови, а веќе со години не излегува од мода. Ив Сен Лоран и Нина Ричи во колекциите ни понудија интересна примена на шорцеви над кои се носат здолништа или фустани.

 

Обувки и модни додатоци

 

Мокасините ги освојуваат женските сандачиња за чевли, иако тоа во помала мера може да се каже и за сандалите со кристали. Влечките, покрај популарноста, никогаш не спаѓаат во дел од деловната гардероба на сериозниот свет. Чорапите оваа година донесоа многу изненадувања, од бои до материјали, а наша препорака е во текот на работното време да останете верни на класичниот избор. Знаеме дека Ријана направила хаос на социјалните мрежи носејќи ги доколенките на Гучи од 1300 долари со сандали, ама таа е дел од шоу бизнисот, а таму важат други правила.

Трендот кој нема да го загрози вашиот изглед е врзан за големината на обетките. Тие оваа сезона едноставно пораснаа. Слободно надополнете ја вашата колекција со неколку парчиња. Ќе му дадат на вашиот изглед современа нота, а дрес-кодот нема да биде нарушен. Проѕирни чанти се „ин“, а Валентино и Шанел, за оние дами кои не сакаат да ја прикажуваат содржината на својата торба во јавност, овој проблем го решиле така што внатре вметнале влошка од непроѕирен материјал.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>