Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЛЕТНА ТОРБА

јули 1, 2019

Елегантна и практична

Без разлика дали ја носите на свечена вечера или сте тргнале на плажа, вашата торба е ваш сојузник. Нејзе секогаш можете да ѝ верувате и во неа секогаш можете да пронајдете сè што ви е потребно. Или барем речиси секогаш.

Автор Милица Ѓокиќ

Доаѓањето на летото нè асоцира на ослободување од вишок гардероба, слобода на движењата, уживање на плажа. Меѓутоа, сите оние ситници кои ни се неопходни, а кои така згодно биле сместени по џебовите, сега мора да се преселат на друго место. Тоа место, секако, е нашата торба. Во идеални услови таа би требало да има зафатнина на мала соба, или просечен контејнер за прекуокеански транспорт на стоки, но поради ограничувањето кое ни го наметнува нежната женска анатомија, мораме да се задоволиме со она што можеме да го поднесеме.

Работа или плажа?
Кога зборуваме за летните торби важно е да направиме разлика помеѓу она што го носиме секојдневно и она што ни служи да понесеме сè што ни е потребно за уживање на плажа. Сепак, таа поделба не е толку строга, па сè почесто на улица гледаме жени со торби кои сосема слободно можеме да ги наречеме торби за плажа.
Враќањето на блејзерот, костимот и воопшто построгиот елегантен деловен изглед во женската мода во текот на последните неколку сезони, услови и враќање на класични облици на торби. Овде нема многу место за напредок, иако дизајнерите успеваат да им дадат свежина со комбинации на материјали и дезени во кои е вметната фантазијата.
Меѓутоа, за поопуштени стилови на облекување кои не се дефинирани со строга бизнис облека, нема строги правила. Она што ве ограничува е исклучиво вашата фантазија и склоност кон испробување нови трендови, ако ги занемариме ограничувањата од финансиска природа. Не постои правило кое ќе ве спречи својата омилена торба за плажа да ја понесете и за вечерно излегување, под услов да е усогласена со остатокот од вашата облека за забава. Што се однесува на дневните активности, овие торби се идеални за во нив, покрај сите ситници без кои не можете, ставите и лаптоп, шишенце вода, средство за заштита од сончеви зраци, пакување кекс и сè останато што може да ви притреба.

Плетеното е сè уште во тренд
Иако плетените торби направени од лико, слама или прачки веќе не се ултимативен хит, како што тоа било во текот на минатото лето, сè уште не можеме да им одолееме. Излегувањето на модната писта на овие торби го овозможиле Одри Хепберн и Џејн Биркин уште во текот на 50-тите, 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Неколку децении пред тоа американските богаташи, како еден од знаците на својата добра имотна состојба, користеле и плетени куфери, но споменатите две дами имале клучна улога во растот на популарноста на плетените торби. Одри Хепберн навиката за носење торба направена од прачки ја стекнала уште во детството во Холандија, а Џејн Биркин едноставно ја прифатила практичната страна на големите торби направени од природни материјали.
Прочуената Биркин торба ја дизајнирала модната куќа Hermes по случајна средба во авион на оваа глумица со нивниот претставник. Тие како материјал употребиле кожа, додале малку порафинирани линии и жените добиле елегантно место за складирање на сè што им е потребно. Биркин торбата повеќе од триесет години е присутна на модната сцена. Одделни примероци достигнуваат цена и до 300 000 долари. Познато е дека Викторија Бекам поседува повеќе од сто вакви торби. Неверојатно е што модната популарност може да направи од обична сламена торба, зарем не? Самата Џејн Биркин пред неколку години барала нејзиното име да не го користат за торби направени од крокодилска кожа, поради примедбите кои заштитниците на правата на животните ги имале во процесот на производство.

Дрвени бисери и геометриски облици
Торбите направени од нанижани дрвени бисери во разни бои и големини се прикажани на бројни ревии оваа пролет. Како и кај употребата на останати материјали, актуелни се геометриски облици, па речиси да немало ревија на која манекенките не носеле торби со совршен кружен облик. Имало и трапези, квадрати и паравоаголници, а посебна категорија се популарните торби во облик на кофа. Покрај лико, слама и прачки, дизајнерите, покрај традиционалните кожени варијанти, се определувале и за најлон и пластика. Овие материјали овозможуваат креирање целосно транспарентни торби, што можеби и не е така лошо со оглед на тоа дека нè наведуваат самостојно да преиспитаме дали баш сè што носиме ни е неопходно, особено ако сме свесни дека и другите тоа може да го видат. Од природните материјали актуелна е и употребата на бамбус.

Силни неонски бои
Што се однесува на боите кои преовладуваат за ова лето, неонските нијанси дефинитивно се нешто што не можете да го заобиколите. Тоа можеби и не е толку непрактично колку што оние склони кон традиционализмот би можеле да помислат. Правилно избран моден детаљ, како торба во ваква боја, може во целост да го освежи вашиот изглед и да му даде сосема поинаква модерна нота, без напуштање на утврдените норми на деловно облекување. Розовата во различни нијанси одлично се вклопува во овој концепт, во комбинација со остатокот од облеката со сиви или црни тонови. Кралско сината, огнено портокаловата или зелената која потсетува на непрегледна амазонска шума, исто така, високо котираат ова лето.
Присутни се и ретро дезени од 90-тите, цветните мотиви, исто така, опстојуваат, иако мислевме дека нивното време е поминато. Дефинитивно во мода е носење поголеми торби со долги рачки. Бидејќи се обесени на рамото, рацете се слободни за употреба на телефонот.

Идеална за пешкир, средство за заштита од сонце и сè останато
Торбата за плажа мора да биде доволно голема за во неа да собере сè што ви е потребно, а, сепак, мора да задржи и одредена доза на стил. Затоа уште еднаш добро разгледајте дали навистина ви е неопходно сè што сте наумиле да понесете на плажа. Згоден детаљ на торбата за плажа се ситните прегради во кои можете да уфрлите ситници, како клучеви и очила за сонце. Водоотпорните торби имаат своја предност, под услов да не изгледаат како обична најлон кеса. Тие може да бидат транспарентни и во себе да содржат несесери, во кои можете да ги уфрлите своите лични работи за да бидат скриени од туѓите погледи.
Спротивно на нив, ова лето се популарни и малите торби кои немаат голема практична употреба, но може да изгледаат навистина неверојатно доколку добро ги искористите во вистински момент со соодветна комбинација на облека.
И за самиот крај, каде и да тргнете ова лето не заборавајте во својата торба да го спакувате и доброто расположение, тоа е нешто што секогаш ви е потребно.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>