Едноставни, практични и шикВо летната сезона 2017 се носат едноставни, свежи и природни фризури, направени за неколку минути, без употреба на фен и други топли апарати кои дополнително ја сушат косата
Модните трендови на фризури за лето 2017 кои ги предлагаат познатите светски фризери, наједноставно може да се опишат како едноставни и практични, било да е во прашање долга или кратка коса. На годишен одмор, кога секојдневно се оди на плажа или на долги прошетки покрај брег, не се препорачува употреба на фен, како ни на други топли апарати, на пример, за „пеглање“ на косата, бидејќи покрај сонцето и солената вода дополнително го оштетува влакното. Исто така, шармот на природната фризура најдобро се вклопува во природниот амбиент, па затоа советите на славните фризери се вртат околу тоа како кога сте на летување да ја скротите косата за неколку минути и како во секој момент да имате топ свежа и убава фризура со минимум потрошено време.
Две пунџички: Веќе неколку сезони се носат т.н. „пунџички“. Ако косата не ви е ни долга ни куса, жива и по малку нескротлива, ова е идеална фризура за вас. Се прави буквално со неколку шнолички, така што косата ќе ја разделите по средина, па потоа ќе направите две високи коњски опавчиња, ќе ги завртите во пунџички и ќе ги закачите со шноли. Оваа фризура е идеална за плажа и долги прошетки покрај море, бидејќи ќе ви овозможи да го исончате и вратот, само не заборавете да го заштитите со крем со заштитен фактор кој одговара на вашата кожа.
Коњско опавче: Фризурата „коњско опавче“ е тематски многу широка, бидејќи постојат безброј интересни решенија. Ако косата ви е релативно кратка, на пример, со должина до под ушите, можете да направите мало опавче на темето, кое најмногу личи на сликарска четкичка и многу е шик. Ако не можете целата коса да ја соберете во опавче, бидејќи ви испаѓаат прамени, не грижете се, токму тоа дава опуштен и весел изглед на вашата фризура.
Ако косата ви е долга, можете да направите високо коњско опавче и да го украсите со ленти, весели ластичиња за коса, со цвеќе. Ова е проверена женствена фризура, која на летното сонце изгледа особено убаво, особено ако имате неколку извлечени прамени со посветла боја од основниот тон на косата. Ако на одмор не сте љубители на затегната коса, многу е модерно и опуштено опавче, кое не мора да биде ни центрирано на средина на главата, туку можете слободно да го поместите на една страна.
Плетенки: Исплетената коса во плетенки е вистински моден хит ова лето, било да станува збор за една опуштена плетенка која лежерно паѓа, или за две цврсто стегнати околу главата. Сите варијанти на исплетена коса се ултрамодерни, толку што некои модни диктатори препорачуваат и користење вештачка плетенка.
Кратка коса: Во сезоната 2017 многу се модерни и многу кратките фризури, „на тројка“ резервирани за оние похрабрите дами, кои сакаат едноставност и практичност. Меѓутоа, за оваа фризура добро е да се посоветувате со фризер и со пријателки, бидејќи не секој има лице за така кратка коса, која баш сè открива. Ултракратката коса најдобро им прилега на многу млади девојки, бидејќи ја истакнува свежината на нивниот тен без брчки. Добар пример за ваква фризура е глумицата Кристен Стјуарт.
Кадрава коса: Иако е познато дека женските лица кои ги краси природна кадрава коса сакаат да ја „пеглаат“ и исправаат, модните фризери за ова лето препорачуваат токму спротивно. Пуштете ги своите природни кадрици, обликувајте ја косата на средна должина и ќе го постигнете шикот на една Иман Хамам.
Боб фризура: Љубителите на боб фризура сметаат дека нема подобро решение посебно ако косата е добро шишана и обликувана според лицето, стилот и годините. Било да е рамна или брановидна, асиметрична или симетрична, боб фризурата е фантастична за деновите на годишен одмор, бидејќи е атрактивна од утро до вечер и не излегува од мода.
Марами и шнолички
Било да сакате косата само да ја скротите или целта ви е да се заштитите од силното сонце, марамата е детаљ со кој можете да играте на многу начини. Можете да ја врзете на собрана или пуштена коса, да ја завиткате како турбан, да ја направите во ролна и да ја врзете над челото, да ја усогласите со костимот за капење и фустаните. Марамата можете да ја носите и под шешир од слама, но и над него, сите комбинации се дозволени и модерни.
Шноличките за коса не се само корисни, туку се и прекрасен украс, било да се во различни бои, имаат панделки, цвеќе и ленти. Летното време и одморот се идеално време да ја пуштите фантазијата и да ги користите сите видови шноли.
Здрава коса
За фризурата и на одмор да биде убава и да изгледа здраво, косата треба да се негува, така што по пливање во море ќе ја измиете со вода и не ја изложувајте на најјако сонце, бидејќи ја суши. По пливање добро е во краевите на косата да се втрие и некое масло, односно во целиот скалп некој препарат за хидрирање на косата.