Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЛЕТНИ ШЕШИРИ

август 1, 2018

Бидете шик и на плажа

 

Освен што нè штитат од сонце, шеширите ни даваат можност да го заокружиме сопствениот моден стил, и да се истакнеме со оригиналност дури и кога сме на плажа.

 

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Шеширите се составен дел од секојдневието на човекот веќе илјадници години. Носени од практични причини, како заштита од сонце и дожд, од церемонијални причини, во тек на религиски обреди. Го означувале социјалниот статус, политичките определувања, а некогаш биле и само она што се главно и во денешно време ‒ моден детаљ кој го заокружува вашиот стил на облекување.

 

Под капата на историјата

Првата археолошка трага за носењето шешири нè враќа 26000 наназад, во времето на настанокот на Венера од Брасемпуј. Оваа скулптура, пронајдена во Франција, освен што претставувала еден од најраните примери на приказ на човечко лице, на главата има нешто што би можело да се дефинира како шешир или капа. Во поблиското минато, пред околу 5000 години, живеел Оци, „леден човек“, чија мумија е откриена во Алпите. На главата имал шубара сошиена од неколку парчиња крзно од мечка. Не баш соодветно за лето, но него го штитела од суровото ледено опкружување.

Историјата ни открива дека првиот шешир со обод настанал во Грција. Го нарекувале петасус. Го носеле земјоделците и патниците. Од тој период потекнува и фригиската капа. Ја носеле робовите, а во текот на француската и американската револуција била симбол на отпор кон тиранијата. Денес ни е позната како капа на главата на симпатичните штрумпфови.

 

Занает и уметност

Шеширите биле изработувани од слама, кожа, крзно, волна и други материјали. Просто речено, од сè што им се наоѓало при рака на луѓето. На свети Клемент, заштитник на шапкарите од западниот свет, му се припишува откритието на филцот (иако многу поверојатно е дека овој материјал бил во широка употреба и порано). Филцот има можност со обликот да се приспособи на калапот, што го направило еден од материјалите кои биле најмногу употребувани во шапкарскиот занает. Англискиот термин за овој вид фин занает, кој долго време бил резервиран за жените, е „milliner“. Овој збор потекнува од името на италијанскиот град Милано, каде во 18 век биле изработувани најфините шешири на планетава. Уште тогаш овој занает ја преминал онаа фина граница кога го делела од уметност. Кај нас на почетокот на 20 век било нормално дамите да посетуваат „модистка“. Одделни дуќани во некои градови сè уште ја одржуваат оваа убава традиција во живот и покрај поплавата од евтини, конфекциски модели од масовно производство.

 

Изложба на екстраваганција

Британските дами кои до половината од минатиот век во јавноста се појавувале без шешир биле сметани за непримерно облечени. Големи спортски случувања, како финалиња од тениски турнири во Вимблдон, не може да се замислат без присуство на некој од членовите на кралското семејство. Дрес кодот за сите кои се наоѓаат во нивно опкружување е многу јасен: шеширот е задолжителен. Меѓутоа, коњските трки, кои секоја година се одржуваат во Аскот под името Ројал Аскот, претставуваат врв на модната сезона за сите љубители на екстравагантни шешири. Присутните дами се натпреваруваат во тоа која на главата ќе стави посмела и поневеројатна креација, а некои од нив често им пркосат на познатите закони на гравитацијата и успешно балансираат цели скулптури на своите глави. Оваа традиција, но во помала мера, се проширила и од другата страна на Атлантикот, на Кентаки дерби.

 

Новите осумдесетти траат

Осумдесеттите години од минатиот век донеле единствени модни стилови, кои неретко биле на границата на бизарното. Почетокот на 21 век оживеа некои од тие трендови, а посебен акцент е ставен на шеширите. Таа страст трае и денес, така што на модните ревии на сите повлијателни креатори можеме да се увериме во безграничноста на човековата фантазија кога е во прашање создавање нешто што може да се носи на глава. Шанел ни препорачува пластичен проѕирен шешир, додека моделите на Гучи нè наведуваат на помислата дека шешир од слама, налик на мешавина од абажур и виетнамски традиционален шешир, е она што морате задолжително да го прошетате на глава при престој на плажа. Брендот Мисони ни ги прикажа сите предности на екстремно зголемен обод на шешир од слама, а Мајкл Корс отиде во рибарски стил, со принтови од нежни пастелни бои. Сугестиите на Версаче одат во правец на каубојски шешири и качкети за бејзбол. На креаторите на шешири не им недостига фантазија, иако терминот „луд шапкар“, се појавил во времето кога овој занает вклучувал употреба на одредени хемикалии, кои, по долгогодишно секојдневно изложување на мајсторите на штетните супстанции  доведувало до сериозни ментални проблеми.

 

Кој материјал да се избере?

Шеширот за плажа би требало да задоволи неколку основни критериуми. Како прво, би требало да има широк обод за што подобро да ве заштити од сонце. Следна е удобноста. Шеширите од слама и платно, доколку се добро направени, ѝ овозможуваат на кожата „да дише“, што е многу битно во текот на топлите летни денови. Фактор кој никако не би смееле да го запоставиме, а кој посебно кај дамите е на убедливо прво место, е тоа како избраниот шешир ви стои. Ова е веќе работа на индивидуален вкус, но некои од моделите имаат вредност која не минува. Верзија од слама на шеширот „Bowler“ (сетете се на оној на главата на Чарли Чаплин, само замислете го во летна варијанта), борсалино, федор, платнени рибарски шешири, или женски со широк обод од слама се некои од ненадминливите. Сето ова се додатоци кои може да ве направат единствени на плажа. Посебно место на листата вечни летни хитови има Панама шеширот.

 

Личен печат

Понекогаш само малку фантазија е потребна за својот шешир да го претворите во уникатен предмет. Малку бисери, некој цвет, пердув од егзотична птица или обична шарена марама, сè се тоа додатоци кои зборуваат за вашата креативност. Лето е, на плажа сте, зошто не би се забавувале најдобро што можете. Еден ист шешир може да има илјада различни лица, ако вие тоа го посакате, доволно е само малку да се заиграте.

 

Панама или Еквадор?

Дилемата од насловот се однесува на земјите на потекло на прочуениот Панама шешир. Вистина е дека тој настанал во почетокот на 19 век во Еквадор, каде и денес е центарот на неговото производство. Панама била попатно стојалиште за илјадници луѓе кои во текот на калифорниската златна треска поитале кон сонот за лесно стекнато богатство, а овие шешири набрзо се прочуле како корисен дел од опремата на секој иден ловец на богатство. Оние кои навистина се збогатиле биле трговци кои од Еквадор носеле шешири и ги продавале по повеќекратно повисока цена. И денес се случува крајната цена на врвниот Панама шешир да биде неколку стотина пати поголема од онаа која ја добил човекот чии раце вешто го сплеле.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>