Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЗДРАВА И НЕЗДРАВА ЉУБОМОРА

октомври 1, 2019



Страв од губење на љубовта

 

Иако се вели дека каде што има љубов има и љубомора, не дозволувајте љубоморните испади да ви го направат животот пекол и да ви ја ограничат слободата, затоа што во затворениот круг на обвинувања, каења и простувања и најцврстите љубовни врски се дестабилизираат и рушат.

Автор: м-р Весна Кнежевиќ

Љубомората секогаш се раѓа со љубовта, рекол Шопенхауер. Точка на активирање за оваа сложена состојба секогаш е некоја трета личност за која мислиме дека на некој начин ни ја загрозува љубовната врска. Поради тоа се зборува за триаголник на љубомора, без разлика дали е тој вистински или исконструиран. Во љубовта често се сомнева во она во што најмногу се верува, рекол Стендал.

Посесивност

Иако посесивноста и љубомората имаат сличности, станува збор за различни чувства. Посесивност е чувство на перманентен страв, и за разлика од љубомората, не поминува. Посесивната личност живее под товарот на сомнеж дека ќе биде оставена или изневерена. Таа во сè гледа сигнали за опасност и е склона кон измислување докази кои ја потврдуваат и ја хранат нејзината сомничавост.

За разлика од посесивната личност, љубоморната личност секогаш има некоја реална причина за чувство на сомнеж и страв, а точката на активирање може да биде сериозна како изневерување или сосема безопасна како што е, на пример, ненамерен флерт. Љубоморната личност можно е да се разувери дека нема причина за страв, па може да се каже дека љубомората е минлива појава. Посесивната личност мисли параноично, таа своите стравови од отфрлања ги припишува на надворешните фактори и никакво разуверување не помага.

Триаголник на љубомора

Ако релацијата на двајца луѓе се заснова на љубов, љубомората е чувство кое се поврзува за трета личност која може да ја загрози љубовната врска. Како што се вели дека каде што има чад има и оган, така може да се каже дека каде што има љубов, има и љубомора. Колку е личноста во врската посамоуверена и има развиено доверба во партнерот, толку шансите за љубоморни испади се помали. Зрелите личности, искрени во врска, љубоморните сомнежи и грижи ги решаваат со разговор и доверба.

Нормална љубомора

Нешто ве штрекна околу срцето затоа што вашиот партнер се загледал во некоја убава личност? Не ви годи кога вашата партнерка се смее на некоја шега од шармантен маж? Не го сакате атрактивниот фустан на вашата партнерка затоа што мислите дека сите ја гледаат? Сè се тоа нормални реакции на личност која сака, мали љубоморни грижи кои се решаваат со зборување и шега. Нормална љубомора, која не ја нарушува слободата на другиот, не ѝ пречи на љубовната врска, дури и ја зајакнува.

Нездрава љубомора

Пауло Коелјо со причина вели како можам да мразам некого кој ми дал само љубов. Нездравата љубомора е налик на омраза. Несигурните личности, со ниска самопочит и лоши навики на стресот да реагираат со агресивност, во состојба се да направат непријатна сцена поради безопасна причина. Солзи, обвинувања, навреди, удирање по вратите се само дел од арсеналот кој во напад на љубомора го приредуваат нездраво љубоморните личности.

Извинувањето после љубоморниот испад краткорочно ја смирува ситуацијата. Долгорочно, квалитетот на врската се намалува и се претвара во маѓепсан круг на обвинувања, каења и простувања. Нездраво љубоморната личност ја ограничува слободата на другиот, се труди да контролира сè, од движење до смеење. И безопасната насмевка може да биде повод за љубоморен испад. Излегување во пресрет на таквата личност е невозможна мисија. Наместо исполнување на барањата кое не води никаде треба да се разговара и да се работи на подигање на самопочитта и развивање доверба. Нездравата љубомора треба да биде поттик за работа на себе, а партнерот кој е мета на љубомора, соработник е во тој процес на подигнување на самопочитта на љубоморната личност. Тоа е макотрпен пат кој се исплати, а понекогаш е потребно да се побара помош од стручно лице.

Надминување на љубомората

Ако вашиот партнер е патолошки љубоморен, објаснете му со мирен тон како се чувствувате поради тоа и предложете заедно да работите на надминување на таа болна состојба, но не така што ќе се намалувате себеси, туку така што со заедничка сила ќе разгледате зошто е толку анксиозен и несигурен. Трауматично детство, лошо претходно љубовно искуство, притисок на работа и уште многу причини кои немаат врска со вас може да бидат причина за напад на љубомора. Не се согласувајте на истражување на вашата вина! Можете да гледате во под, да носите невпечатлива облека, да се откажете од социјалниот живот, работата и пријателите, но тоа нема да помогне изливите од љубомора да престанат. Нездраво љубоморен партнер ќе копа по вашето минато или мислите и секогаш ќе најде причина.

Ако вие сте таа љубоморна личност, признајте го тоа. А потоа размислете зошто љубомората управува со вас, зошто сте така полни со недоверба? Поради што до ситници го истражувате движењето на партнерот, се сомневате поради секое задоцнување, ги прислушувате телефонските разговори и тајно ги прегледувате џебовите?

Наместо себеси и на партнерот да му правите пекол од животот, свртете се кон позитивни мисли и реакции. Ако поминувате малку време заедно, најдете заеднички активности како прошетки или спорт. Ако мислите дека вашиот партнер се оддалечил, не го поврзувајте тоа веднаш со себе. Можеби е само уморен или има проблеми на работа. Работете на атмосфера на доверба, не ставајте го веднаш другиот на обвинителна клупа. Бидете искрени и срдечни и повторно поврзете се со партнерот. Можеби ќе биде потребно некое време тој да го прифати вашето ново однесување, растоварено од сомнежи и обвинувања. Бидете трпеливи и имајте на ум дека врските се градат.

Завист

Љубомората не треба да се меша со завист, чувство во кое едно лице копнее за нешто што го има некој друг (материјални добра, физички изглед, работа). Зависта се случува помеѓу две личности. Тоа можат да бидат брат и сестра, маж и жена, колеги на работа, но и луѓе кои меѓусебно не се познаваат, на пример, позната пејачка и нејзина обожавателка. Завидливоста не е љубомора, туку чувство дека другото лице поседува или ужива во нешто што би го сакале за себе.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>