Фармацевти
Контакт

<< Назад

Љубојно

јули 1, 2017

Место каде љубовта започнуваИвана Коцевска
Фото: Нехру Сулејман

Едно од најстарите и најубавите села во Преспа во еден од најпечалбарските краеви во Македонија е наш предлог за посета во овој топол летен месец. Поволната местоположба, пријатната клима, изобилството со извори и водни текови,  и особено близината на Преспанското Езеро, го прават Љубојно исклучително примамливо за посетителите

На крајниот југозапад на Македонија ве дочекува Љубојно, село со исклучително поволна географска положба. Се наоѓа во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, на надморска височина од 920 метри во пазувите на гордата планина Баба и 3 км оддалечено од Преспанското Езеро. Најблиски градови се Ресен и Битола, на 28 и 50 километри. Низ атарот на селото тече водоносната, брза и бистра Брајчинска Река. Штрбово, Брајчино, Долно Дупени и Наколец се селата со кои се граничи.

Целиот овој предел е под влијание на континентална, медитеранска – поради близината на Егејско и Јадранско Море и алпска клима –поради близината на планинскиот масив на планината Баба.

Љубојно е старо христијанско село. Под различни облици на денешното име – Љубоини, Лјубојно, Љубоино и Љубојно – неговото постоење е забележано во повеќе извори. Најрано се споменува во втората грамота на царот Душан од 1337 година кога тој ја подарил селската црква Свети Никола на манастирот Трескавец. Љубојно повторно се спомнува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба.

За време на владеењето на Турците селото било речиси комплетно изгорено. Силните миграциски движења особено се интензивирале по Втората светска војна и довеле до речиси масовно иселување на ова некогаш исклучително значајно населено место, па преминало од големо во мало село. Денес, како и во другите села во Преспа единствена земјоделска гранка е овоштарството, односно производството на јаболка. За ова село се карактеристични вкусните јаболка, со посебниот начин на чување во јаболкова слама.

Карактеристично за Љубојно е што од дамнина претставувало просветен центар. Првото школо било изградено уште во првата половина на 19 век. Во селото имало школувани луѓе и пред Втората светска војна, а оттука потекнуваат и повеќе луѓе кои биле или се доктори на науки и универзитетски професори.

Движејќи се низ селските улици, во непосредна близина на селската Полена, погледот ќе го привлечат остатоците од една масивна градба, специфична по својот изглед и стил. Тоа е зградата на некогашното училиште во Љубојно, изградена во 1907 година. По ослободувањето во 1944 година во Љубојно започнало со работа  првото училиште на македонски јазик во Преспа и второ во цела Македонија.

Легенди за името Љубојно
Бидејќи во коренот на неговото име е зборот љубов, се раскажува дека токму љубовта го крепи ова село.

Според народните преданија, Љубојно своето име го добило од зборот „љубов“. Многу одамна се вљубиле момче и девојка од соседните населби, но поради лошите односи на жителите од населбите, не смееле да се земат. Но, љубовта била толку силна, тие побегнале и се зеле. Се доселиле во близината на реката и останале среќно да живеат. Подоцна во близината се доселиле и други семејства и поради тоа местото го нарекле Љубојно.

Втората легенда говори дека името на селото настанало кога две населби, Калинци и Куќиштата, почнале да се соединуваат и да ја градат новата населба (на сегашната положба). Тоа го правеле со голема љубов и меѓусебна почит (се сакале, се љубеле). Така настанало името на селото.

Во историските извори, ова село е забележано како „Љубовино“. Според едно предание името го добило по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“.

Шармот на Љубојно
Шетајќи по тесните улички на Љубојно можете да го почувствувате мирот и шармот на селото. Високите куќи изградени од камен или во бондрук техника ќе ве заинтригираат со својата таинственот, но и со својата убавина и за момент ќе ве пренесат во друго време, кога тесните улици биле полни со народ, се слушале детски гласови, смеа, но во исто време и шепотот и тивкиот плач на семејствата кои ги испраќале најблиските на печалба.

Селската стара архитектура наликува на барокниот стил од западноевропските земји и може да ѝ позавидат не само градовите во Македонија, туку и познатите светски метрополи, познати по своите архитектонски убавини. Љубојно наликува повеќе на мала градска населба. Тоа е типично ридско-планинско и печалбарско село од збиен тип, составено од неколку селски маала. Со околу 350 куќи, градени блиску или поврзани и правилно распоредени од двете страни на тесните улички. Куќите градени меѓу двете светски војни со печалбарски пари, ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади на кои висат пространи балкони, бројните прозорци со декоративни метални решетки укажуваат на естетиката и вкусот на домаќините, но и на умешноста на мајсторите.

На дрвените чардаци кои се надвиснати над улиците жителите се одморале во летните горештини, но и се дружеле во попладневните и вечерните часови.

Високите и широки порти кои навидум ги штитат широките дворови од погледите на љубопитните, денес остануваат широко отворени пред секој гостин – добронамерник. Се обновуваат старите, но се градат и нови современи куќи.

Што може да се посети
Уште при доселувањето во овие краеви, старите жители почнале да градат цркви. Денес во селото постојат три цркви и уште девет во околината, кои според верувањето на локалните жители се поставени така што го штитат селото од сите негативни сили.

Уште оддалеку пред и да може да се здогледа селото, погледот ќе го привлечат неколку бели градби вткаени во бескрајното зеленило на околните ридови. Тоа се црквите Св. Атанас изградена во XIV век и црквата Св. Петар и Павле, со нејзината камбанарија, изградена 1923 год. Од дворот на оваа црква се протега бескрајниот поглед врз Преспанското Езеро и врз поголемиот дел од Преспанската котлина.

Свети Петар и Павле е манастирска црква, оддалечена 1,5 километри источно од селото. До црквата води земјен пат. Се наоѓа на околу 800 метри надморска височина, над црквата Св. Атанас, на една убава рамнина.

Света Марена се наоѓа на западниот крај на селото, претставува мала и неугледна градба во маалото на Шерденковци. Култот на Света Марена е многу раширен во делот на Преспа кој денес се наоѓа во границите на Албанија.

Во околината има и неколку археолошки локалитети – населби и некрополи од римско време и од доцноантичко време.

Празникот Илинден секој 2 август во Љубојно се прославува како верски празник и како еден вид собир на иселениците. За Љубанци, Илинден е „најголемиот ден“ во годината и сите се трудат да бидат овде, без разлика каде живеат во светот. Селото е најпосетено во периодот јуни-септември, како од домашни така и од странски туристи.

Многумина велат: Оној кој еднаш ќе дојде во Љубојно, повторно се враќа!

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>