Фармацевти
Контакт

<< Назад

МАЛ, ЦРН ФУСТАН

декември 1, 2018

Совршен во секоја прилика

 

Веќе речиси цели 100 години ова парче облека едноставно одбива да излезе од мода.  

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Со едноставен крој, променлива должина во зависност од желбите и количината на лична смелост, со можност за носење на апсолутно сите видови друштвени настани, малиот црн фустан претставува моден феномен кој не може да се спореди со кое било друго парче облека. Во време кога се подготвуваме за претстојните празници, секогаш е добро да се знае дека постои сигурно решение кое нема да нè остави незабележани на прославата.

 

Како сè започнало?

Коко Шанел била единствена личност, која со сопствен труд, со повремена помош на поволни животни околности, успеала да изгради и да сочува модна империја. Еден од столбовите на кои почива Шанел доминацијата низ страниците на модната историја, секако, е и дизајнот на малиот, црн фустан.

Кога се појавил во 1926 година, црниот фустан без ракави претставувал многу повеќе од обично парче облека. Во себе ја имал есенцијата на Шанел стилот, склоност кон едноставно и елегантно, нови материјали, предност на масовно производство и општествен момент во кој жените чекор по чекор се бореле за остварување на своите права. Веќе во моментот на појавување бројни коментатори го споредувале со појавата на Фордовиот Т-модел, автомобил кој засекогаш ја променил историјата на транспортот носејќи им на милиони поединци можност самостојно да одлучат по кој правец во животот ќе тргнат. Влијателното списание Вог веднаш го прогласил за идна униформа на жените со стил. Заради историска правда, мора да напоменеме дека, покрај Коко Шанел, за настанок на малиот, црн фустан е одговорен и Жан Пату.

 

Симболика и влијание

Иако по некое непишано правило војната е нешто што се поврзува во приказните за машкото херојство, вистинските јунаци на овој бесмислен судир, всушност, биле жени. Тие се оние кои на себе презеле многу работи, до тогаш резервирани за другиот пол, тие се тие кои во услови на општа немаштија успевале од ништо да создадат оброк и облека. Тој вид минимализам имал силно влијание и во годините по војната. Од друга страна, жените сè повеќе искажувале одбојност кон традиционалната улога и гардеробата која им била наметната.

Коко Шанел со своите креации им дала на жените можност да ги искористат сите предности на машкиот начин на облекување, а, сепак, да ја задржат неверојатната доза на префинетост и женственост. Кратка коса, удобни материјали, облека која не ги попречува движењата, сето тоа биле обележја на модерната, ослободена жена. Со ослободувањето од наметнатите корсети, кринолини, пунџи и тантели, жените се ослободувале и од општествените стеги.

Малиот, црн фустан им донел едноставно, но моќно средство за остварување на таа цел. Употребата на жерсеј како удобен и пристапен материјал, едноставноста на кројот и разновидност на примената, им овозможила на милиони жени во својата гардероба да го имаат фустанот кој ќе ја истакне нивната убавина, наместо да укажува на нивното потекло.

 

Холивуд и камерите

Никогаш нема да се дознае дали Коко Шанел, всушност, благодарение на своите врски во високите општествени кругови и информациите кои ги добивала од нив била во можност да го предвиди доаѓањето на Големата депресија и крахот на берзата. Малиот, црн фустан со својата едноставност совршено се вклопувал во новонастанатата економска ситуација, така што неговата популарност само продолжила да расте.

Холивудската филмска индустрија жилаво одолевала на економските предизвици нудејќи ги сништата на целулиодна лента. Преминувањето од црно-бели на филмови во боја донело дополнителна популарност на малиот, црн фустан. Една од основните причини поради кои филмските диви од тоа време во своите улоги биле облечени речиси исто била од техничка природа. Имено, покрај економската исплатливост за изработка на таков костим, малиот, црн фустан создавал најмалку проблеми при примена на Technicolor технологијата. Останатите бои на екранот често изгледале разлиено и неприродно, а малиот, црн фустан забележал уште една рецка во својој долг инвентар на победи. Го носела и Бети Буп, прочуен карактер од цртаните филмови, во своето првобитно издание (нејзиниот фустан станал црвен дури со напредокот на филмската технологија). 40-тите години на 20 век и новиот светски судир придонеле за зацврстување на веќе освоените позиции.

 

Појадок кај Тифани

Педесеттите со својот релативен конзервативизам природно го усвоиле малиот, црн фустан како дел од модното наследство од претходните децении. Меѓутоа, шеесетите носат сосема ново видување и примена на ова парче облека. Од една страна, имаме рапидно скратување на должината на фустанот, во согласност со мини-модата. Налетот на хипи култура носи цветни мотиви и евтин накит, кои црниот фустан достоинствено ги прифаќа. Од друга страна, величествената Одри Хепберн со својата појава во филмот Појадок кај Тифани од 1961 година, воспоставила вечен канон на елеганција и шарм. Во 2006 година фустанот од Живанши кој го носела во тој филм на аукција достигнал цена од 410 000 фунти.

 

Куриозитети

Сопранот Дебора Војт била во центарот на скандал кој се случил во лондонската опера Covent Garden во 2004 кога е заменета со друг сопран поради бизарна причина. Имено, директорот на операта тврдел дека таа не изгледа добро во мал, црн фустан. Освен што е непристојно, а и противзаконско во смисла на работното право, ова тврдење е и апсолутно бесмислено. Малиот, црн фустан едноставно на сите им стои добро и не постои ништо што би можело тоа да го промени. Дека е така, сведочи и урбаната легенда според која еден таков фустан во својот орман секогаш имал и Џон Едгар Хувер, првиот детектив на ФБИ. Дури и да не е вистина, оваа приказна отсликува колку е влијателен црниот фустан. Затоа облечете го и оставете да ве однесе во добра забава.

Комбинации и варијации

Црната боја ја има таа супершик вибрација која не се порекнува. Тоа ви дава солидна основа на која со помош на фантазијата можете да го изградите својот препознатлив моден стил во секоја прилика.

Едноставна и уредна фризура, сјајни, црни чевли со потпетица, голема „плик“ чанта, мал, црн фустан и подготвени сте за неверојатен број на различни друштвени настани. Доколку сакате да излезете од моноколорната шема, секогаш можете да посегнете по некој од атрактивните модни детали во друга боја. Промена на бојата на чантата во црвена, златна или сребрена ве води во три сосема различни правци, при што ни еден не е погрешен. Или оставете ја чантата црна, но обујте чевли во неонски силна боја. Сосема нова личност, зарем не? Мал трик за продолжен изглед на нозете се состои во обување чевли со боја на кожа. И овде чантата во доминантна боја може да помогне да се издвоите од масата. Останете верни на минимализмот, шаренилото препуштете го на новогодишната елка, доволно ќе засјаете ако верувате во себе. За оние кои се склони кон истакнување на сопственета индивидуалност препорачуваме комбинација на мал, црн фустан и кожена јакна.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>