Фармацевти
Контакт

<< Назад

Манифестации во септември

септември 1, 2017

Ивана Коцевска

Во септември кога календарски сè уште е лето ви предлагаме да посетите барем една од понудените манифестации кои се одржуваат кај нас. На исток во Делчево и Кочани, во центарот на Македонија во Кавадарци и Штип, и на крајниот југозапад во Ресен, за секого има по нешто што ќе го привлече вниманието и ќе ви ги разбуди сетилата за мирис и вкус

Делчево
Пијанечки денови на сливата

Со цел промоција на сливата и на производите од слива како земјоделски производ карактеристичен за Делчево и регионот Пијанец, Општина Делчево од 2013 година ја организира манифестацијата Пијанечки денови на сливата.

Оваа година манифестацијата ќе се одржи на 7 септември, со голем број културни настани и активности, преку кои е овозможена промоција на речиси сите  производи чиешто производство е базирано на сливата, како и промоција на фирмите кои се вклучени во одгледување на слива и производи од неа.

Симболично манифестацијата започнува со берење сливи од најдобро култивираниот насад со сливи, како и залевање на коренот со најубавата минатогодишна ракија произведена од конкретниот сливов насад.

Се организирана натпревар во печење ракија, подготвување специјалитети од слива и нивна дегустација. Сето тоа е проследено со богата културно-уметничка програма.

Кочани
Денови на оризот

По 26. пат од 25 септември до 1 октомври оваа година во Кочани и околината се одржуваат Деновите на оризот. Со оваа манифестација се оддава признание на оваа значајна култура која се одгледува во кочанскиот крај и по која овој крај е надалеку познат. Притоа, посетителите ќе можат да видат како порано се правело рачното  зажнејување на оризот и вршидбата, со сите ритуали на жетва, ручек и песни. Се избира жетварска убавица. Манифестацијата започнува со учество на гости од странство и од збратимени градови. Првата вечер се одржува Меѓународен фолклорен концерт и дефиле со учество на здруженија на граѓани, при што секое од здруженијата ја презентира својата активност. Се разбира, на посетителите ќе им биде достапна дегустација на јадења, подготвени од жителите на населените места, различни специјалитети од ориз, солени и благи.

Кавадарци
Тиквешки гроздобер

Во времето на античка Македонија во чест на богот на виното Дионис и виновата лоза биле одржувани „Дионисиеви денови“. Свеченостите траеле неколку дена со учество на целото население, слободните граѓани и робовите. Античките Македонци со голема умешност и љубов ја одгледувале и негувале оваа култура, за што сведочат многубројните надгробни стели, мозаици и релјефи на бројните археолошки локалитети во Тиквеш. Во средниот век лозарството продолжило да се негува на овие простори, со центри во црковните и манастирските имоти, каде што се приготвувало и најубавото вино. Со доаѓањето на Турците стагнира неговото производство, бидејќи со коранот била забранета употребата на алкохолни пијалаци.

Денес, Тиквешкиот гроздобер претставува продолжување на една долга и богата традиција. Кавадарци е најпознат и најголем производител на грозје и вино во Република Македонија и еден од поголемите на Балканот. Оваа година на 7, 8, 9, 10 септември во организација на Општина Кавадарци по 53. пат ќе се одржи Тиквешкиот гроздобер. Со Манифестацијата ќе се означи почетокот на берба на грозјето. При тоа на посетителите ќе им бидат презентирани старите начини на изработка на вино, како тоа порано се правело. Составен дел од манифестацијата  е дегустација на вина од винарии од цела земја. Се одржува и карневал, со гости кои се членки на Европската асоцијација на карневали. Ден пред карневалот се избира винска убавица. Секоја година се избираат претставници на гроздоберот: крал, кралица и нивни придружници. Учесници во карневалската поворка се најчесто ученици од кавадаречките училишта. Дефилето секоја година го збогатуваат гости ансамбли и уметнички друштва од нашата Република, од бившите југословенски простори, соседните држави, Романија, Бразил... Во вечерните часови се одржуваат голем број на концерти на познати групи и изведувачи од Македонија и Балканот.

Штип
Штипска пастрмалија

Една изрека вели дека сите вкусови водат кон стомакот. Кој пробал пастрмалија никогаш не останал со една. Вкусно тесто послано со свинско или пилешко месо, со чашка црвено вино или пиво е вистиско обележје за градот Штип.

Манифестацијата Штипска пастрмалија ќе се одржи на 15, 16, 17 септември, во согласност со традицијата на првично палење на печките во минатото за правење пастрмалии. Општината ја организира манифестацијата од 2007 година и  трае три дена. Угостителите ги продаваат пастрмалиите на своите штандови, а локалната самоуправа организира културно-уметничка и забавна програма со настапи на познати музичари.

Во септември 2011 година Општина Штип доби сертификат со кој се озакони брендирањето на Штипската пастрмалија. Според многу пресметки, во штипските кафеани и ресторани годишно се печат околу еден милион пастрмалии. За штипјани ова е култен специјалитет. До пред неколку години традиција било во Штип да се прават пастрмалии само во месеците кои ја содржат буквата р во името, значи од септември до април. Во минатото се правеле само со свинско месо и биле мрсни за да се јадат во лето. Според легендите, се правела уште од турско време. Кога турскиот аскер доаѓал по арач, додека го собирал данокот, населението морало да му прави јадење. Бидејќи претходно ќе им зеле сè, на селаните најлесно им било да замесат тесто и врз него да стават месо за да ги најадат неканетите гости. Инаку, да истакнеме и дека штипската пастрмалија се разикува од другите пастрмалии кои се прават во околните градови, бидејќи не се додава сирење или јајца врз месото.

Ресен
Преспански јаболкобер

Ресен и Преспа во септември живеат во знакот на манифестација со која официјално започнува бербата на јаболката во овој регион. Оваа година Преспанскиот јаболкобер ќе се одржи по 13. пат, и секогаш без разлика колку дена ќе трае (вообичаено од 3 до 5) мора да почне или да заврши на 27 септември, на верскиот празник Крстовден, кога традиционално се откинува првото јаболко во Ресен на симболичен начин во претходно договорен овошен насад.

За време на манифестацијата се одржува и саем во организација на Општина Ресен. На него се присутни компаниите чија работа е поврзана со производството на овошки (механизација, заштитни препарати, семенски материјал), земјоделски задруги и здруженија (со свои производи), но и многу други компании преку свои производи (осигурителни компании, произведувачи на мед, винарски визби и др). Во вечерните часови се одржуваат концерти на македонска поп и фолк музика. Се одржува и детски еко-базар, има и стручно советување-форум, работилница за овоштари, отворање изложби, турнири во ракомет и фудбал. Манифестацијата завршува со доделување општински награди и признанија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>