Фармацевти
Контакт

<< Назад

МАНТИЛ ЗА ДОЖД

октомври 1, 2018

Елегантно решение за есенските денови

 

Доаѓањето на есента на улиците го вади ова единствено парче облека кое никогаш не излегува од мода.

 

Модните трендови се менуваат, некогаш во недостиг на инспирација креаторите посегнуваат по рециклажа на старите решенија, некогаш некои модни лудости се носат една сезона и никогаш повеќе. Меѓутоа, тоа не е случај со мантилите за дожд. Ова парче облека едноставно секогаш е актуелно, а покрај тоа е и исклучително практично за есен, пролет, па дури и за благите зимски денови.

 

Автор: Милица Ѓокиќ

 

Што велат креаторите?

За разлика од некогашната изедначеност во боите (претежно преовладувала беж бојата) денес на улиците е можно да се сретнат разновидни бои и шари применети на материјалите од кои е изработен мантилот. Некогашните правила за должина под колената одамна престанаа да важат, така што денес гледаме и кратки варијанти на мантили кои имаат повеќе естетска отколку практична функција, посебно кога времето е ладно и ветровито. Некои модни куќи оваа година понудиле класична варијанта на мантил во две должини, додека некои на одреден крој додале специфична двобојна шара и со тоа понудиле само ограничен број примероци. Оваа година е претставен и „Ресторед“ модел, еден од најпрочуените кроеви, како дел од колекцијата на Кристофер Бејли. Љубителите на готик културата сè уште ги сакаат своите кожени мантили кои скоро секогаш ја допираат земјата. Нивното потекло, сепак, не е исто како кај класичните мантили, тие се, всушност, изведени од дастер, парче облека кое го носеле коњаниците за да ја заштитат облеката од прашина. Ситуацијата е моментално таква што многу американски училишта не им дозволуваат на учениците да ги носат, поради можност за криење оружје под долгите делови на ткаенината. Келвин Клајн, Хелмут Ланг и Александар Мек Квин, исто така, го дале својот печат на изгледот на мантилите за дожд оваа сезона. Една  од причините поради кои ова парче облека е толку омилено е и тоа што можете да го облечете над сè, од класично одело до искинати фармерки, и сè уште добро ќе изгледате.

 

Како настанал мантилот за дожд?

Првите манитили за дожд се појавиле во Кина пред многу векови и биле изработени од бамбусови влакна. Меѓутоа, во Европа ова парче облека станува популарно дури во првата половина од XIX век откако шкотскиот хемичар Чарлс Мекинтош успеал да направи водоотпорно платно. Тој ова го постигнал така што уфрлил слој од гума омекната со нафта во сендвич помеѓу две ткаенини, а до изумот дошол барајќи решение за водоотпорно шаторско крило. За разлика од модерните материјали на денешницата, Мекинтошовиот изум не дозволувал поминување на воздух, па оној кој носел ваква облека за заштита од дожд завршувал влажен од пот. Решението е пронајдено во правење вентилациски отвори под пазувите, но требало да се променат уште многу работи за ова парче облека да се носи со задоволство. Во меѓувреме, покрај лошите страни, се создала цела индустрија која со овој материјал, и производот направен од него, ги снабдувала сите на кои им била потребна заштита од дожд.

 

Време е за нов материјал

За да се направи мантил за дожд каков што ни е денес познат, било потребно да се сложат уште некои делчиња од сложувалката. Иако до ден-денес за авторските права за правење мантил за дожд се спорат двата британски бренда Aquascutum и Burberry, сепак, непобитен е фактот дека Томас Барбери е изумител на габарденот, ткаенина без која мантилот не би постоел. Тој патентот за габарден го пријавил во 1879 година, а му требале уште цели дваесет и две години за на британската војска да ѝ понуди дизајн на мантил наменет за замена на непрактичните шинели направени од сукно.

 

Офицерска елеганција и практичност

Новиот дел од униформата првобитно е резервиран за офицери. Меѓутоа, Првата светска војна, и тоа што овој конфликт останал запаметен и по рововските начини на војување, довеле до потреба за практични решенија, а мантилот бил токму тоа. Од тој период водат потекло карактеристични детали како дупли преклоп кој штити од ветер, каивчиња на копчињата на рамениците, наменети за ставање еполети со чинови, како и метални алки на каишот наменети за ставање делови од воена опрема. Каишите околу рацете спречувале паѓање на дождот на надлактиците кога офицерот ќе подигне рака за да го држи двогледот. По враќањето од војната многу ветерани го задржале ова парче облека, кој од навика, кој поради неговата практичност. Мантилот за дожд полека влегувал во гардероберите на обичниот свет, а од тоа време потекнува и називот trenchcoat, што во слободен превод можеме да го сметаме за рововски мантил.

 

Нов конфликт, нова мода

Следните големи светски конфликти, исто така, вклучувале употреба на мантил за дожд, а од борбените дејства го потиснувале пократки и попрактични јакни. Втората светска војна придонела за популарност на уште едно слично, иако, сепак, поинакво парче облека – Монтгомери капут. Познат и како дафл, во нашите краишта и како ѓубретарец, ова е еден од ретките класични, машки парчиња облека со качулка. Монти, како што во Англија го викаат од милост, своето име го должи на сер Бернард Монтгомери, прочуениот британски војсководец. Тој не се одвојувал од својот капут, токму како и Дејвид Стирлинг, основач на САС единиците, кој својот дафл го носел дури и во пустина.

 

Влијание на популарната култура

Иако можеби го губел првенството во својата основна воена функција, мантилот за дожд сè повеќе господарел со модните трендови. Хемфри Богарт го носел во филмот Казабланка, втиснувајќи го во колективната свест на човештвото како дел од имиџот на индивидуалец и борец за вистински работи. Го носеле и Марлен Дитрих, Одри Хепберн, Џеки Оназис, Кетрин Денев, Брижит Бардо, Твиги, Кејт Мос, Гвинет Палтроу, Клер Дејнс, Сара Џесика Паркер, Џулија Робертс, Кира Најтли, Ема Вотсон... Листата нема крај, замислете славна личност која се грижи за  стилот и сигурно ќе најдете нејзина фотографија во мантил. Затоа, кога ветерот оваа есен ќе реши да го покаже своето непријатно лице, затегнете го каишот на својот мантил за дожд, подигнете ја јаката, спуштете го шеширот на очите и упатете се смело во нова модна авантура во својот живот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>