Фармацевти
Контакт

<< Назад

МЕНОПАУЗА

април 3, 2017

Психолошки реакции и промениМарина Брашиќ
дипл. специјален педагог и психотерапевт по ОЛИ интегративна психодинамска психотерапија

Жените би требало да ги прифатат своите години со љубов. Секоја година е носител на некое животно искуство кое може да се искористи за постигнување поголемо задоволство и успех. Фокусирајте ја својата енергија на иднината, а не на минатото и пропуштените можности

Средните години често се сметаат за ризична доба за појава или манифестирање  психолошки проблеми. Во тој период жените и мажите имаат потреба да се осврнат и да согледаат колку се исполнети во животот. Често се случува да се преиспитуваат колку се остварени во работата, бракот, социјалните односи и какви избори направиле до тогаш. Се повлекува паралела помеѓу она колку се остварило со она што некогаш се посакувало или сè уште се посакува. Овие години донесуваат и промени во семејната динамика, децата се осамостојуваат и заминуваат од семејниот дом, па родителите се соочуваат со синдромот на празно семејно гнездо и нови доживувања за себе и партнерскиот однос. Се поставуваат многу  прашања за себе, својата индивидуалност и постигнување животен баланс. Покрај личните преиспитувања и реакции на животните околности, жените се соочуваат и со хормонални промени познати како менопауза.

Менопаузата е важен период во животот на жената. Хормоните го менуваат репродуктивниот систем на жената, влијаат на телесните промени (на пр., дебелина, опуштање на кожата, брчки, промени во сексуалниот живот...) и по природен пат се јавуваат физиолошки симптоми карактеристични за овој процес. Хормоналните промени ги следат и психолошки промени кои ги загрижуваат жените. Тие често мислат дека нивниот емотивен живот, а и целиот процес на телесни промени, е надвор од нивна контрола, што доведува до чувство на беспомошност. Меѓутоа, жените може да влијаат на овој процес на физички и психолошки транзит, иако не мислат секогаш така.

Емоциите и менопаузата
Секоја жена има единствен индивидуален начин на управување со емоциите во овој период, па некои полесно се носат со промените и емоциите, а некои потешко. Како жената ќе се носи со емоциите во овој период, не зависи само од хормоните туку и од начинот на кој ги разбирала емоциите, ги прифаќала и се носела со нив во текот на животот.

Жените во менопауза се соочуваат со чести промени во расположението, без јасен увид во тоа дали ги поттикнуваат некои надворешни ситуации или не. Не можат јасно да ги препознаат своите емоции, немаат ни трпение да дефинираат што ги вознемирува или ги плаши, само чувствуваат и реагираат. Бурните и агресивни реакции може да бидат начин на реагирање на стресни ситуации, но и начин на носење со промените кои доаѓаат во менопауза.

Недостигот на мотивација, намалување на желбата и волјата за усогласување со секојдневните и животни околности често претставуваат прозорец низ кој ранливоста на жената влегува и станува поголема. Чувството на тага и недостиг на разбирање за себе, за другите и животните околности ја зголемуваат анксиозноста и напнатоста.

Ако на тоа се додадат несониците, валунзите и други физиолошки промени карактеристични за менопауза, жените често имаат доживување дека се целосно други личности во однос на порано. И наместо да ја прифатат таа состојба како една фаза од своето созревање, жените обично се борат против промените и се трудат да ги запрат.

Анксиозните и депресивни состојби често се поврзуваат со менопаузата. Меѓутоа, тие проблеми не се исклучиво поврзани за хормоналниот статус на жената. Ако жената порано имала психолошки проблеми, била анксиозна и депресивна, ако квалитетот на животот бил нарушен и претходно, може да се очекува дека во овој период симптомите на тие состојби само ќе се засилуваат. На жените кои имале трауматични животни искуства кои битно го менувале нејзиното доживување за себе, влијаеле на стратегиите на носење со емоциите, како и на квалитетот на нејзиното психичко функционирање, ќе им биде потребна стручна помош.

Сексуалност и самодоверба
Хормоналните промени носат телесни и физички промени кои може директно да се одразат на доживувањето за себе и својата сексуалност. Во текот на менопауза може да се намали либидото или сексуалната желба, иако тоа не е правило. Некои жени стануваат послободни во сексуалните односи, бидејќи се ослободени од стравот од бременост или имаат желба да пробаат поинаков сексуален живот од оној кој го имале. На други жени повеќе им е потребна блискост и разбирање од партнерот. Меѓутоа, сексуалноста на жената најмногу зависи од нејзиното доживување за себе. Соочувањето со физичките промени понекогаш може да биде проследено со уверување „не сум повеќе млада, убава и привлечна“. Ако тоа уверување е прифатено како апсолутно точно, ќе се јават проблеми со самодовербата.

Соочувањето со сознанието дека младешкиот изглед одминува може да побуди непријатни чувства, особено кај жените на кои физичкиот изглед им е многу важен. Кај некои жени може да се јави страв дека ќе ги напушти партнерот, дека не се сексуално пожелни или дека се сега со физички ограничени можности. Незадоволството од физичкиот изглед понатаму доведува до тоа жената да се чувствува лошо во својата кожа. За да ги надминат овие процеси, многу жени се одлучуваат за корекции на своето тело, што и не е така страшно ако напоредно се работи и на коригирање на внатрешното доживување за себе. Себеразбирањето, промена на сликата за себе (не само оние засновани  на физичкиот изглед), како и прифаќање на чувствата во врска со промените кои се случуваат може да помогне во проширување на позитивната слика за себе и во јакнење на самодовербата. Со мирно прифаќање на своите телесни промени жената и понатаму може да се чувствува привлечно.

Позитивно носење со менопаузата
Жените би требало да ги прифатат своите години со љубов. Секоја година е носител на некое животно искуство кое сега може да се искористи за постигнување поголемо задоволство и успех. Фокусирајте ја својата енергија на иднината, а не на минатото и пропуштените шанси и прилики. Минатото не можете да го менувате,  но можете да го искористите како добра животна лекција нешто да промените во сегашноста и иднината. Ако сте имале помалку време за себе бидејќи сте биле посветени на семејството или работата, размислете како можете своето слободно време да го реорганизирате и да го насочите кон постигнување лично задоволство.

Занимавајте се со физичка активност во мера кој ви носи задоволство, а не стрес. Обидете се со нова стратегија за регулација на стресот, запознајте ги стресните ситуации и кои чувства тие ги предизвикуваат. Научете како да се носите со стресот, можеби и преку некој едукативен семинар. Откријте некое хоби, своја креативна страна или некоја активост која ве релаксира и во која уживате. Целта не е пополнување на слободното време, туку уживање во своите способности. Разговарајте со партнерот за тоа што чувствувате, што ве плаши и на што се надевате. Ако имате впечаток дека околината не ве разбира или дека немате доволно поддршка, не се срамете и побарајте стручна помош.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>