Голем стомак, уште поголем ризик
Метаболистички синдром претставува збир на фактори кои водат во дијабетес и кардиоваскуларна болест.
Автор: проф. д-р Весна Димитријевиќ Среќковиќ
ендокринолог Клинички центар Србија, Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот
Според најновата дефиниција на Светската организација за дијабетес, основни фактори за поставување дијагноза за метаболистички синдром се:
‒ зголемен обем на половината, (за мажи вредност поголема од 94 см, за жени над 80 см);
‒ гликемија (вредности поголеми од 5,6 mmol/l)
‒ крвен притисок (доколку е поголем од 130/85 mmHg),
‒ триглицериди (вредности поголеми од 1,7 mmol/l)
‒ ХДЛ - холестерол (помал од 1,0 mmol/l за мажи, и помалку од 1,3 mmol/l за жени).
Според оваа дефиниција, истакнат е обемот на половината како основен, најважен и неопходен фактор за да се постави дијагноза метаболистички синдром.
Поголем обем на половината значи зголемен ризик
Појавата на стомачната дебелина укажува на ризик за развој на шеќерна болест, атеросклерозни компликации како што се ангина пекторис, инфаркт и мозочен удар, масни неалкохолни болести на црниот дроб, сексуални пореметувања и неплодност, депресија и карцином. Откриено е дека во масните клетки на стомакот се лачат бројни фактори за воспаленија и тромбоза кои се одговорни за сите овие процеси.
Кога зборуваме за факторите на инфламација, можеме да ги споменеме интерлеукините кои се лачат, потоа тумор некрозис фактор. Сите тие влијаат на црниот дроб, а црниот дроб тогаш произведува еден маркер, Ц реактивен протеин, кој е многу лесно мерлив и денес можеме да го користиме во пракса како показател за ризик доколку некој го има. Порано тоа не се знаело и кога би се нашол зголемен Ц реактивен протеин во крвта, луѓето обично го поврзувале со факторите за воспаленија, инфекција. Денес се знае дека Ц реактивен протеин е мерка за дебелина и кај тие луѓе постои поголема веројатност дека ќе добијат некоја од компликациите како што е коронарна болест.
Покрај фактори на инфламација, кај лицата кои имаат стомачна дебелина се лачат и фактори за тромбоза која во последно време се јавува и кај младите. Масното ткиво во детската возраст ги лачи сите овие фактори. Децата кои имаат стомачна дебелина можат да имаат метаболистички синдром исто како и возрасните. И кај децата, и кај возрасните е намалена антиоксидативната заштита.
Прооксиданти и антиоксиданти
Прооксиданти и антиоксиданти во нашата надворешна средина се сите оние фактори кои водат до промена на ниво на клетките и побрзо стареење. Тоа може да биде чадот од цигари, алкохол, масна храна од животинско потекло, заситени масти, пржена, похувана храна. Фактори кои нè штитат се здрава исхрана која содржи маслиново масло, сина риба, потоа престанување со пушење, престанување со земање алкохол, намалување на стресот физички и емоционален, а потребна ни е и физичка активност.
Зголемено ниво на инсулин
Дебелите луѓе поради зголемениот внес на концентриран шеќер имаат повеќе нивоа на инсулин во крвта, хиперинсулинизам. Зголеменото ниво на инсулин е одговорно за намален број на врзувачки рецептори на клетките, што може да предизвика пореметување на гликорегулацијата и настанување на предијабетес и дијабетес. Покрај тоа, инсулинот се врзува со натриумот и со тоа придонесува за покачување на крвниот притисок, а влијае и на пореметување на метаболизмот на мастите. Сè почестата појавата на карциноми кај дебелите луѓе може да биде предизвикана со зголемено ниво на инсулин кој ја поттикнува канцерогенезата. Метаболистичкиот синдром можеме да го поврземе со ризик за атеросклерозни пореметувања, депресија, сексуални пореметувања и неплодност, како и со ризик за појава на карцином.
Депресијата – придружник на дебелината
Во масното ткиво на дебелите луѓе се лачат цитокини кои на ниво на мозокот го блокираат создавањето серотонин – хормон на среќата. Се создаваат одредени токсични киселини кои придонесуваат за невротоксичност на мозокот, а клиничката манифестација и последица е депресија, како кај возрасните, така и кај адолесцентите и младите. Нашите научни истражувања откриле присуство на депресија кај 32% од дебелите адолесценти и млади.
Неплодноста како последица
Метаболистичкиот синдром е поврзан со неплодност кај двата пола. Кај жените сè почесто откриваме синдром на полицистични јајчници во чија основа е инсулинската резистенција. Ова пореметување е следено со често присуство на предијабетес или дијабетес, зголемен крвен притисок, влакна, акни, нередовни циклуси и отсуство на овулација. Кај мажите во масното ткиво на стомакот се губи машкиот хормон тестостерон и се претвора во женски хормон естрадиол, доаѓа до сексуални пореметувања, промена во спермограмот и до неплодност.
Совети за коригирање на метаболистичкиот синдром
Како да се коригира метаболистичкиот синдром и да се спречат сите овие хронични пореметувања и болести? Нашите научни истражувања покажале дека се поволни ефектите од медитеранската исхрана и физичката активност. Медитеранската исхрана се карактеризира со изобилство од овошје, зеленчук и житни растенија богати со сложени јаглехидрати и диетални влакна, маслиново масло богато со мононезаситени масти, морски риби богати со омега полинезаситени масти со намален внес на заситени масти од животинско потекло. Физичката активност има големо значење во коригирање на дебелината и метаболистичкиот синдром и се препорачува прошетка или брзо одење еден час дневно. Со медитеранска исхрана и физичка активност сме придонеле за превенција од дијабетес, атеросклерозни пореметувања, масни неалкохолни болести на црниот дроб, како и превенција од депресија, сексуални пореметувања и неплодност, остеопороза, Алцхајмерова болест и карцином. Лицата кои имаат само стомачна дебелина или стомачна дебелина со уште еден од наведените критериуми имаат преметаболистички синдром, состојба која претходи на метаболистичкиот синдром.
Стомачето како аларм
Секое лице со стомаче, а тоа се однесува и на детската возраст, адолесцентите и младите, има преметаболистички синдром кој се карактеризира со хиперинсулинизам, инсулинска резистенција, појава на албумини, белковини во урината, зголемени фактори на тромбоза и намалена антиоксидантна заштита. Стомачето е аларм дека мораме да се тргнеме и да го спречиме метаболистичкиот синдром, кој води во предијабетес и дијабетес ако не реагираме на време.