Фармацевти
Контакт

<< Назад

МИГРЕНА

ноември 1, 2018

Минлива тегоба или сериозен симптом

 

Иако ова е честа болест која во светот ја намалува работната способност и доведува до променет квалитет на живот, денес постојат современи методи на лекување со помош на кои мигрената се држи под контрола, со превенција на напади и продолжен период без тегоби.

 

Автор д-р Александар Макевиќ

 

Мигрената е основната клиничка карактеристика на овој вид главоболка, а тоа е болка во половина на главата. Од мигрена страдаат 16 % од населението. Тоа е трета најчеста болест во светот, после кариес на забите и тензиски главоболки. Хроничната мигрена се јавува кај близу два процента од светската популација, а ја спомнуваат Хипократ и Гален уште за време на античка Грција. Истражувањата покажуваат дека секојдневно се јавуваат 3000 напади на мигрена на милион припадници на светската популација. Првите напади на главоболката најчесто се јавуваат пред 20-тата година од животот, а најголемиот број припаѓа на лицата на возраст 22-55 години. Мигрената почесто се јавува кај жените.

 

Како настанува мигрената?

Причината за мигрена не е сосема јасна, но наследниот фактор има значајна улога. Механизмот на настанок на мигрена е следниот: во почетокот доаѓа до намален проток на крв во задната половина на мозокот, па подрачјето со намалена прокрвеност се шири и зафаќа поголем или помал дел од задната половина на мозокот. Овие промени се здружени со симптоми кои се јавуваат пред мигренозниот напад. За време на фазата на главоболка крвотокот расте на супранормални вредности и се одржува и после појавата на главоболка.

 

Класична мигрена

Постојат повеќе видови мигрени, но за нас најважни се две: обична мигрена и класична мигрена. Класичната мигрена, или мигрената со аура, ги сочинува 15 % од мигрените, се јавува во напади на кои 24 часа порано може да им претходат следниве симптоми: претерана радост, тага, желба или загуба на наклоност кон одреден вид храна. Нападот почнува со аура која се доживува во сферата на видното поле и тоа во вид на блескава светлина, светлечки топчиња кои се јавуваат во центарот на видното поле и одат кон периферијата или обратно. Обликот на забележаниот предмет може да биде изменет, а може да се јават и испади во видното поле. Чувството на трнење се јавува кај третина од болните, обично од едната страна и почнува во шаката, се шири во подлактницата, надлактицата, лицето и јазикот. Потоа се јавува фаза на болки и тоа во едната половина од главата, имаат пулсирачки карактер и се зголемуваат при обични физички активности. Болката е проследена со мачнина и повраќање, чувство на пречење на светлина и звуци, така што болниот обично се повлекува во затемнета соба. Некогаш може да се јави и бледило, несвестица и модрило на лицето. Главоболката трае од 4 до 72 часа. Во некои случаи аурата се јавува и без главоболка што значајно пречи при поставување на дијагнозата на болеста.

 

Мигрена без аура

Обичната мигрена или мигрена без аура, е многу почеста, ги сочинува 80 % од сите мигрени. Нема аура и често е обострана па ја нарекуваме и атипична. Обично е предизвикана од провокативни фактори. Во бременост нападите се проретчуваат, додека во менопауза доаѓа до минливо влошување на обичната атипична мигрена. Од провокативни фактори најчести се: стрес, алкохол, пушење, консумирање чоколадо, лук, сирење, гладување, блескава светлина, непријатни мириси, климатски промени, менструални периоди, па дури и употреба на лекови. За дијагностика на мигрената е потребно да се земе исцрпна анамнеза, да се анализираат факторите кои доведуваат до напади, лична и семејна анамнеза, да се направи невролошки преглед и општ преглед. Кај атипични наоди може да се направат дополнителни дијагностички испитувања, во смисла на компјутеризирана томографија на мозокот, електроенцефалографија и магнетна резонанца. Мигрената може да биде комплицирана кога за време на нападот и по нападот заостануваат невролошки испади. Кај овие мигрени е неопходно да се исклучат сериозни причини за нападот како што се аневризми, малформации во мозокот или тумори.

 

Важно е да се реагира на време

Со оглед на тоа што нападите на мигрена може да траат и до три дена, неопходен е преглед од лекар за да бидеме сигурни дека е во прашање мигренска главоболка. Важно е и навремено започнување со терапија. Болеста е поблага доколку на време се препознае, доколку симптомите кои се јавуваат пред нападот се појасни, аурата поизразена, болките се со послаб интензитет, со пократко траење и доколку по нападот изостануваат невролошки испади, т.е. доколку не е нарушено нормалното функционирање на заболениот. Во спротивно, доколку продромалните симптоми се нејасни, аурата е краткотрајна или ја нема, нападите на главоболка се зачестени, со продолжено траење, а болката е со јак интензитет кој ја парализира заболената личност, каде заостануваат невролошки симптоми после нападот, на пример, одземеност на едната половина од лицето, пад на капаците, неможност за разбирлив говор, дупли вид или испад во видното поле, одземеност на рацете и слично, тогаш станува збор за мигрена со компликации која може да биде здружена со други болести како што се проширувања на крвните садови во мозокот, некои отстапувања во нормалната градба на мозокот или присуство на патолошко проширување на процесот во мозокот.

 

Лекување и превенција

Лицата кои боледуваат од мигрена имаат и карактеристични психолошки црти на личноста. Тоа се амбициозни, предантни, опсесивни, пречувствителни и ранливи, префекционисти, склони кон депресија.

Во лекување на мигрената силите може да бидат вперени во прекинување на нападите со еднократна или повеќекратна примена на медикаменти или превенција на нови напади со продолжена примена на соодветни лекови. Во пракса во болнички услови се применуваат препарати Sacele cornatum во вид на инјекции, капки или лингвалети, аналгетици, додека за превентивна терапија најчесто се применуваат антагонисти на калциум, анксиолитици, трициклични антидепресиви, антиепилетици, диуретици. Освен медикаментозна терапија треба да се советува и хигиено-диететски режим.

Во некои случаи повторените исхемии во мигренозните напади може да дадат трајно оштетување на мозочното ткиво со невролошки дефицити или епилептични напади.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>