Фармацевти
Контакт

<< Назад

Модерен балет

февруари 1, 2017

Волшепство на современиот танцАлександар Вучковиќ

Модерниот балет, за чиј предводник пред сите се смета Исидора Данкан, опфаќа различни играчки школи и стилови, а го претставуваат изведувачи, кореографи и педагози од многу земји, кои се стремат да создадат нови форми на игра кои би одговарале на потребите на современиот човек

Иако за татко на модерниот балет се смета Жан-Жорж Новер (1727–1810), француски балетски играч, реформатор на танцовиот театар од 18 век, кореограф и автор на книгата „Писма за танцот и балетот“, а неговиот роденден секаде во светот се одбележува и како Светски ден на играта, факт е дека класичниот или т.н. бел балет, како уште се нарекува, доминирал до првата половина на 20 век. Дури во 60-тите години на минатиот век почнува вистинското признавање на модерниот балет, кој техниките од класичниот балет ги користи за послободен начин на игра  и посовремена експресија и тема, изразувајќи ги со движење духот и приказната на модерното време.

Универзален јазик на играта
Исто како и музиката, така и модерниот балет, или современиот танц, ја има таа уметничка универзалност која ги прескокнува сите пречки и ги зближува и обединува луѓето со јазикот на играта. Славниот фламенко играч Израел Галван  (Israel Galván) тврди дека играта има и исцелителна моќ, дека му помогнала да ја победи личната интровертност и да се отвори кон луѓето.

Како во пракса изгледа врвен современ танц, добар пример е претставата  F.A.R (акроним од Flesh in the Age of Reason), на британскиот кореограф Вејн Мекгрегор и неговата трупа Random Dance, која на величествен начин го илустрира модерниот балет проследен со семплови на музика од Вивалди, електронска бука и футуристичко светло. Ништо необично што Мекгрегор бил првиот модерен кореограф кому му се отвориле вратите на конзервативниот Лондонски кралски балет, што Нујорк тајмс го споредува со рок ѕвезда, како и дека бил ангажиран како консултант за движења во филмскиот серијал за Хари Потер. „Балетот е и денес релевантен бидејќи има способност да ги  покрене, предизвика, возбуди и провоцира нашите човечки сензибилитети. Дури и класичниот балет има невидена можност да ни овозможи да искусиме нешто друго, нешто посебно, нешто што инаку го нема во сите останати наши животни искуства“, вели тој  и објаснува дека кореографијата и креативноста се негови матрици на создавање.

Не се вели случајно дека „секое време создава своја уметност“. Во 20 век се развиле нови танцувачки форми, како современ и неокласичен балет, кои се одликуваат со побогати и послободни движења на телото и изразување чувства, мисли, но и драматика на современото време. Жорж Баланшин (George Balanchine) во САД го развил неокласичниот балет, развивајќи поинаков танц во својата компанија „Њујорк сити балет“ (New York City Ballet). Набргу доаѓа до процвет на џез балетот, за денес во 21 век модерниот балет да стане танцувачка форма целосно отворена за фузија на најразлични музичко-сценски изразувања. Во Речникот на модерен балет, издаден во 1957 година, авторот Фернард Хазан ја дава и хронолошката структура на игра, а книгата Современа игра од 1980, која ја потпишува Џон Френклин Коениг, денес се смета за антологиска.

Чудо од движења и грациозност
Меѓутоа, модерниот балет не е само набљудувачка уметност во која гледачот ужива во чудото од движења, грациозност, експресивност и во фигурите на танцувачите, туку е и активност која може да ја прави секој кој сака танц, во склад со своите можности, здравствена состојба и интересирања. Како јогата и аеробикот, модерниот балет може да се вежба во многубројни школи за почетници и е наменет за сите возрасти, од деца до возрасни. Со еден збор, никој не мора да биде примабалерина за рекреативно да се занимава со модерен балет.

Бенефитите од вежбање модерен балет се огромни, бидејќи вежбите се насочени кон обликување на телото со низа движења кои ги активираат основните мускули на нашето тело, но го ангажираат и умот бидејќи за да се изведат сите вежби како што треба, потребна е и концентрација и контрола, бидејќи секој чекор и движење во балетот  се многу складни. Во салата за вежбање нема други помагала освен хоризонтална шипка, или пречка која помага кај вежби на рамнотежа и дишење, снага и издржливост. Еднаш кога ќе се совладаат основните чекори, освен уживање во танцот, секој рекреативен играч почнува да забележува како е сè поеластичен, како фигурата му е поубава, а сигурноста во сопствените движења  му е поголема и подобро контролирана.

Историја
Во Италија уште во 15 век се јавуваат почетоци на она што денес го нарекуваме современ балет, за еден век подоцна идејата за поинаков танц да се прошири во Франција и други земји. Во почеток се нарекувал слободен танц, а епитетот модерен најмногу се користи околу 1900 година, кога еден број славни балетски играчи ја отфрла крутоста на класичниот балет, како и класичните балетски патики и костими. Во почетокот на 20 век Сергеј Ѓавиев (роден 1872 година во Русија, умрел 1929 година во Венеција) почнува соработка со „побунетите“ млади кореографи и музичари, креирајќи своја верзија на модерен балет. Овој руски балетски импресарио, покровител и уметнички критичар, влегол во историјата на модерниот балет и како основач на трупата Ballets Russes, во која се родени и некои од најголемите танцувачки и кореографски ѕвезди на 20 век.

Пина Бауш
Иконата на модерниот танц Пина Бауш (1940–2009), ќерка на гостилничар, се вљубила во балетот уште како мала девојка. Во четиринаесеттата година почнала да учи танц на Високата балетска школа, за студиите да ги продолжи во Њујорк, а потоа како солист се вратила во родната Германија, каде во 1973 станува најмлад директор на Танцовиот театар во земјата, за кој зборувала: „Не станува збор само за уметност и способност, станува збор за животот за пронаоѓањето говор за животот. Танцот, како што ние го покажуваме, да буди чувства, сеќавања и надеж  заеднички за сите луѓе.“

Пина Бауш направила вистинска револуција во танцовиот театар и како икона на современиот танц и кореографија е добитник на многубројни награди (јапонската награда Кјото, Златен лав на Биеналето во Венеција и др.). Кога починала, театарот Ла Фениче во Венеција ги спуштил завесите на половина копје, за неа жалеле и Педро Алмодовар и Вим Вендерс и целиот уметнички свет на планетава,  нарекувајќи ја и најголема дама на танцовиот театар.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>