Благотворното дејство на морската сол е познато од дамнина, затоа и не чуди нејзината сè поголема примена во козметичките третмани.
Автор Весна Марковиќ
Морската сол била составен дел од древните козметички рецепти. Денес оваа сол има широка примена, вклучувајќи ги во последно време сè попопуларните „солени соби“. Престојот во нив доведува до опуштање и има благотворно дејство на дишните патишта. Но што е тоа што ја разликува морската сол од обичната камена сол?
Покрај натриум хлорид, како главна состојка, морската сол содржи и многу други минерали кои ги нема во камената сол. Покрај тоа, покрај самата нејзина природа таа содржи и остатоци од алги, што сè заедно влијае на нејзиниот состав, а и вкусот. Со оглед на тоа дека нас овде нè интересираат аспектите на нејзината примена во козметиката, ќе споменеме дека морската сол има благо антибактериско и противвоспалително дејство.
Маска за лице
Помешана со мед, во однос две лажици сол на четири лажици мед, оваа маска треба да се остави на лице десетина минути. Потоа се плакне со млака, па ладна вода. Морската сол продира во порите и таму ја балансира маснотијата на кожата, со тоа ги уништува бактериите.
Антистрес купка
Шолја морска сол ставете во топла купка и дозволете си половина час врвно опуштање од секојдневните стресови. Побрза и поедноставна форма од овој третман се состои во подготовка на купка за уморни стапала. Освен што дејствува на опуштање, ова има и ефект на сузбивање габични инфекции на стапалата. По завршената купка измијте ја кожата со ладна вода, ќе биде посјајна и затегната.
Природен пилинг
Третманот со морска сол еднаш неделно ќе придонесе за омекнување и хидрирање на кожата. Смесата направена од еднакви количини морска сол и маслиново масло (обично е доволно по половина шолја за кафе) со помош на дланките нанесете ја на кожата. Потоа нежно тријте го тој дел. Измијте со млака вода.
Два и пол милениуми со нас
Собирањето сол од морска вода се спомнува во индиските списи настанати пред повеќе од 2500 години. До денес процесот во суштина не е променет. Потребен е дел од брегот кој не е изложен на директно дејство на бранови, многу плитки вдлабнатини во кои морето се излева во текот на прилив, и низ кои водата испарува под дејство на сонцето. Кога процесот е завршен солта треба да се собере, дополнително да се исуши и тоа е тоа, иако овде би можеле да кажеме и „тоа е солта“.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци