Ризик-фактори, симптоми и терапијад-р Јована Стијовиќ
Со дијагноза мултиплекс склероза се живее, храбро, и со многу верба и надеж за подобро утре
Мултиплекс склероза е хронично воспалително заболување на централниот нервен систем (мозокот и ’рбетниот мозок) и една од водечките причини за онеспособеност кај млади возрасни лица. Иако за оваа тешка и неизлечива болест се знае дури 150 години наназад, точната причина за настанокот е понатаму е непозната.
Во основата на мултиплекс склероза е автоимун процес каде, всушност, доаѓа до пораз на имунолошкиот систем кој погрешно ги препознава сопствените делови на нервните клетки како туѓи, па доаѓа до активација на одбранбените механизми против сопствениот организам. На оваа автоимуна реакција обично ѝ претходи контакт со некој од агенсите од надворешната средина (вирус или бактерија). Меѓутоа, за болеста да се јави, лицето мора да биде генетски подложно. Станува збор за полигенски тип на наследување, што значи дека болеста настанува како последица на наследување збир гени кои овозможуваат нејзин развој. Мултиплекс склероза настанува во интеракција на генетски и надворешни фактори.
Кој најчесто заболува
Иако може да се јави во која било животна доба, најчеста е меѓу младите возрасни лица, на возраст меѓу 20 и 40 години. Болеста е два пати почеста кај жени отколку кај мажи. Докажано е дека на развојот на мултиплекс склероза влијае и годишното време во кое личноста е родена, поточно бројот на сончеви месеци на кои мајката била изложена во текот на бременоста. Според наведените испитувања, поради недоволна изложеност на сонце и недоволно создавање на витамин Д, интересен е податокот дека најголеми шанси за заболат имаат лицата родени во мај, а најмалку оние родени во ноември. Лицата кои боледуваат од други автоимуни болести поседуваат поголема веројатност дека кај нив, како компликација на основната болест, ќе се развие и мултиплекс склероза.
Ризик-фактори
Три фактори на средината доколку се јават во периодот на детството и адолесценцијата, може да придонесат во подоцнежниот развој на болеста. Тоа се инфекција со Епштајн-Бар вирус, кој доведува до мононуклеоза, недостиг од витамин Д, односно недоволна изложеност на сончеви зраци во тој период и пушење, како активно така и пасивно.
Како се манифестира МС
Не постои ни еден симптом специфичен за мултиплекс склероза, па често се вели дека таа е најголем „имитатор“ меѓу невролошките заболувања. Бидејќи болеста го зафаќа мозокот и ’рбетниот мозок, кој било симптом од страна на централниот нервен систем може да биде и прв симптом на болеста.
- Најчести се првите знаци на болеста: пречки во видот на едното око, појава на двојни слики, вртоглавици, нестабилност при одење, слабост во рацете и нозете, трнење на лицето или трупот, отежнато изговарање на зборови, тресење на рацете, пречки при мокрењето, сексуални пречки, како и епилептични напади.
- Заморот е еден од најчестите симптоми на мултиплекс склероза. Типично, болните со МС најдобро се чувствуваат во утринските часови и им треба одмор во попладневните часови.
- Пречки со концентрацијата, вниманието, памтењето, исто така, се многу чести.
- Депресија и пореметувања во расположението се јавуваат дел како последица на самиот процес на болеста, но дел и како реакција на самата болест (проблеми со самопочитувањето, влијание на социјалниот живот, емотивни врски, спиење).
Тек и прогноза на болеста
Мултиплекс склероза е многу хетерогена болест и кај ни еден болен со сигурност не може да се предвиди текот и прогнозата на болеста. Најчест облик на оваа болест е т.н. релапсно ремитентна форма кај која се карактеристични влошувања на споменатите симптоми во траење најмногу до 30 дена, по што следува заздравување. Но, во текот на болеста болниот може да има и повеќе такви влошувања. Овие пациенти може да водат нормален живот, да работат и да имаат деца. Кај околу половина од болните после 10 години, болеста преминува во потежок облик, но има пациенти кај кои никогаш не добива драматични облици. Кај 10 насто од пациентите болеста почнува веднаш во вид на прогресивна форма.
Како се дијагностицира
Покрај клиничките параметри, болеста се докажува со промени во мозокот и ’рбетниот мозок видливи на магнетна резонанца, како и промени во составот на ликворот. Критериумите за поставување дијагноза се сè почувствителни и имаат за цел што порано поставување дијагноза, а со самото тоа и што порано започнување со терапија.
Што ја влошува болеста
Влошување може да предизвика и најлесна вирусна инфекција, пушење, физички или психички стрес или висока надворешна температура, бањање во топла вода. Пациентите не треба да се изложуваат на висока температура, но сончањето многу им годи, бидејќи витаминот Д има одредени имунолошки својства, поради што многу е корисно неговото ниво кај заболени од мултиплекс склероза да се зголеми. Бидејќи во основа на болеста е зголемена активност на имунолошкиот систем, земање на кој било препарат за стимулација на имунолошкиот систем (екстракт од аронија, ехинацеа, масло од ајкула), може драматично да ја влоши болеста.
Терапија
Засега сè уште не постои терапија која може да ја излекува болеста. Денес се достапни лекови кои го модифицираат природниот тек на болеста и може да ја забават. Меѓутоа, како што ни кај еден болен со сигурност не може да се предвиди текот и прогнозата на болеста, не постои ни лек кој кај сите пациенти би бил подеднакво ефикасен.
Најдолго се применуваат
interferon beta и glatiramer acetat кои имаат многу слаби несакани ефекти, добро се поднесуваат, се даваат како инјекции, континуирано до крајот на животот. За жал, интерферон бета е ефикасен кај околу 50 насто од заболените. За останатите пациенти кај кои наведената терапија не довела до позитивен учинок, постојат понови помоќни лекови, кои, за жал, може да дадат и посериозни несакани ефекти.
Во модерната медицина и неврологија дијагнозата мултиплекс склероза не претставува веќе бауч. Тераписки можности има сè повеќе. Слушајте го својот организам, занимавајте се со спорт, хранете се здраво, чувајте се од настинки, и не се изложувајте на екстремно високи температури.