Лековитоста на звукот и ритамот
Музикотерапијата има големо значење во јазичниот и емоционалниот развој, разбирањето меѓу врсниците, влијае на когнитивните способности и развојот на моториката и е поврзана со музичката психологија, педагогија, етномузикологија и етнопсихологијa.
Автор: м-р Весна Кнежевиќ
Верувањето во лековитоста на музиката е многу старо. Сведочења за елементите на музикотерапија се наоѓаат во многубројните извори на сите народи во светот, од антички списи и библиски текстови, преку шамански ритуали и историја на музичките инструменти, до народни игри и стари песни за заспивање. Грчкиот филозоф Аристотел тврдел дека „музиката има моќ да го формира карактерот“. Затоа што „звукот од почетокот на нашиот живот се менува во нешто што останува во кожата, тој е во нашите движења, тој е сила и движечка сила на тензијата и опуштањето“, како што тоа го објаснил д-р Роналдо Бенензон, музикотерапевт и прв претседател на Светската музикотераписка федерација.
Луѓето уште во праисторијата се изразувале преку игра и песна, а слухот е прво функционално сетило во развојот на човечкото суштество кое уште во ембионална фаза се развива пред видот. Токму со тие податоци некои антрополози го објаснуваат огромното значење на ритамот и звукот низ историјата на човештвото за изразување емоционални состојби (болка, радост, тага, веселба), како на индивидуата, така и на група луѓе.
Намалување тегоби
Модерната музикотерапија настанала врз таа исконска сила на изразување со звук и ритам. Таа е збир од методи и техники кои во превенција, дијагностика, лекување и рехабилитација на најразлични проблеми и болести користи музички инструменти и човечки глас, односно звучни вибрации и тонови. Тоа можат да бидат и импровизирани инструменти, како тенџериња и канти, дрвени и метални лажици. Кај пеењето не се мери слухот туку акцентот е на емоциите, тоновите, техниките на дишење и сл.
Музикотерапијата се применува кај здрави лица и кај оние кои имаат различни здравствени тегоби, како и кај деца со проблеми во развојот. Во овој вид терапија многу е важна тимската интеракција и интерперсоналната комуникација, затоа што така се развиваат и социјалните вештини. Некои автори ја нарекуваат „музичка медицина“. Професионални музикотерапевти се членови на Европската музикотераписка конфедерација која е основана во 1991 година (EMTC, European Music Therapy Confederation), односно Светската музикотераписка федерација која е регистрирана во 1985 година (WFMT, World Federation of Music Therapy).
Во болничката пракса прв пат е воведена по Втората светска војна, кога е уочено дека слушањето музика им помага на воените ветерани. Американските научници експериментално заклучиле дека едночасовно дневно слушање музика ги намалува тегобите кај болните со хронични болки во зглобовите и грбот. Во Меморијалната болница Мористаун на пациентите кои се буделе од анестезија, или кои заздравувале од операција на срцето, во живо жена им свирела на харфа, што се покажало многу позитивно во рехабилитација.
Активна и рецептивна музикотерапија
Со време се искристализирале две основни насоки во музикотерапијата. Секоја има развиена техника и методи. Првата се нарекува „активна музикотерапија“, а цел ѝ е со помош на гласот, односно музичкиот инструмент во најширока смисла на зборот да оствари интеракција со пациентот кој отежнато вербално комуницира. Активната музикотерапија се нарекува и „интегративна“ и во последните две децении се применува во медицински установи за лекување церебрална парализа и развојна неврологија.
Другата насока е таканаречена „рецептивна музикотерапија“, која има за цел по пат на звук да предизвика посакуван психолошки ефект. Во пракса е позната како техника за аналитичко слушање музика, или метода на водени фантазии. На почетокот на сеансата, терапискиот однос се развива со звучна слика која одговара на емотивната состојба на пациентот (на пример, тага), од кој терапевтот бара да го визуелизира она што го слуша. По анализата, се пушта музика која „подига“, дава енергија, врз основа на која се прави нова фантазија, во рамките на која се бара решение на проблемот. Виктор Иго со право рекол дека „музиката го изразува сето она што не може да се каже со зборови, а не смее да остане неискажано“.
Слушен интеграциски тренинг
Еден од познатите видови музикотерапија е и СИТ или Слушен интеграциски тренинг. Го применуваат професионални терапевти (логопед, психолог), а можат да го користат и родители и деца со потешкотии во развојот, кога од стручно лице ќе добијат детаљни упатства. СИТ се покажал корисен во работа со деца со оштетен слух, како и со деца кои имаат проблеми во емоционално-социјалната област.
Слушниот интеграциски тренинг не треба да се меша со музичката едукација и култура, тој не служи за подигнување на нивото на музичко образование. Музиката која се користи во овој облик на терапија е често и модифицирана, или посебно креирана и конципирана. Нејзина цел е да влијае на поквалитетна социјализација, предизвикување емоционални реакции, подобри комуникациски способности (зборување, читање), како и развивање перцепција, внимание и моторички способности, затоа што вклучува и ритмично движење.
Терапија против болка
Музикотерапијата се користи во случаи на психијатриски, психо-соматски и дефектолошки пореметувања. Се покажала ефикасна во терапија кај депресивни пореметувања, лекување фобични пореметувања, а и опсесивно-компулсивно пореметување, како и во терапија на стресни состојби. Во некои средини се применува и во текот на подготовките за породување, за време на давање анестезија, при стоматолошки интервенции, но и како помошно средство во нега на бебиња во инкубаторите. Исто така, се користи и во терапија против болка.
Музика за бебиња
Се смета дека нероденото бебе развива способност за слушање околу петтиот месец од бременоста, како и дека е свесно за звуците од надворешната средина. Истражувањата покажале и дека новороденчињата ја препознаваат музика која ја слушале во стомакот на мајката, што се смета за позитивна когнитивна стимулација.
Моцартов ефект
Во едно истражување на Калифорнискиот универзитет спроведено во 1993 година една група студенти пред испит слушала Моцартова соната, а друга не. Резултатите покажале дека студентите кои го слушале Моцарт имале подобар успех од оние кои не слушале ништо, односно не слушале класична музика. Истражувачите заклучиле дека класичната музика ја стимулира работата на мозокот, а во подоцна дека е важна за развојот на децата и младите.