Фармацевти
Контакт

<< Назад

На летување со мало дете

јуни 11, 2015

[vc_column width="1/1"]д-р Радмила Косиќ
спец. педијатар

На првото летување тргнете на почетокот или на крајот од сезоната, зашто ќе ги избегнете метежот, вревата и високите летни температури, бирајте помирни локации на планина, езеро или море, на бебето и вам ви е потребен одмор од забрзаното секојдневие

Колку детето е помало, летувањето треба повнимателно да се испланира. Изберете проверена туристичка агенција, распрашајте се за минатогодишните искуства од роднините и пријателите со мали деца. Проверете ги податоците за начинот на патување, условите за сместување, близината на плажата и достапност на лекар. Добро е да уплатите здравствено осигурување да не бидете непријатно изненадени со цената на здравствените услуги во летувалиштето.

Подобро е на првото летување да тргнете на почеток или на крај на сезона, зашто ќе ги избегнете метежот, вревата и високите летни температури. Бирајте помирни локации на планина, езеро или море, на бебето и вам ви е потребен одмор од забрзаното секојдневие. Ќе има време подоцна заедно да уживате во популарните егзотични локации. Годишниот одмор е можност за уживање во чистиот воздух, сонцето, водата и здравата храна, како и за повеќе движење и физичка активност за целото семејство.

ИСХРАНА: На летување се приспособува на условите на сместувањето и на возраста на детето. Не треба да ги менувате навиките во исхраната на детето. Распоредот на оброците, количината и видовите намирници не е добро да се менуваат. Доколку сами ги подготвувате оброците купувајте свежи намирници, добро мијте го овошјето и зеленчукот и секогаш имајте го на ум лесното расипување на храната на високите летни температури.

За време на ручекот секако ќе го избегнувате најтоплиот дел од денот, искористете го ова време да подготвите супи, чорби, варива од месо и зеленчук, со свежа салата – ете вистински, здрав, летен оброк кој целото семејство ќе го закрепне пред повторното одење на плажа. Доколку немате можност на бебето да му подготвите свежи оброци, а хотелското мени не одговара на неговата возраст, нема да штети ни исхрана со готови кашички од проверен производител.

На плажа не треба да носите млеко, млечни производи, креми и колачи. Труењето со храна често ќе го расипе долгоочекуваното летување. За ужинка понесете измиено овошје, суви кекси, солени стапчиња. Доколку мајката дои, храната ќе биде секогаш достапна и безбедна; доколку детето се храни со адаптирана млечна формула, можете да понесете стерилизирано шише со превриена вода и пред хранење во неа додадете млеко во прав според упатството. Никогаш не ја подготвувајте млечната формула однапред.

За постари деца редовното давање вода (најсигурно од шише) или разблажен овошен сок е поважно од храната. Сладолед, пица или крофни на плажа се можен извор на опасни цревни бактерии. Ако попуштите пред лицето кое милно ве гледа, можно е дел од летувањето да го поминете во локалната болница.

ДЕСЕТ ДОЛГООЧЕКУВАНИ ЛЕТНИ ДЕНОВИ: Можат да ни се чинат прекратки за сè што сме планирале. Затоа често запаѓаме во замката на предолг престој на плажа, особено во најтоплиот дел од денот. Престојувајте на сонце рано наутро и доцна попладне. Бирајте плажа со природна ладовина со зимзелени дрвја. Децата ќе си играат без опасност да добијат изгореници од сонце. Чадорот за сонце не е добро решение за мали деца. Под пластичната купола нема струење на воздух, па често се случуваат топлотни удари и изгореници, иако детето било во ладовина.

Изгорениците од сонце не се ништо помалку опасни од кои било други. За жал, за нив ќе станеме свесни дури навечер, кога „препечени“ ќе се вратиме од плажа. Шеширче со широка стреа и крем со максимален заштитен фактор се подразбираат. Повторувајте го мачкањето после секое излегување од вода, без разлика на препораката на произведувачот.

Глобалното затоплување и озонската дупка ја избркаа од мода привлечната исончаност како задолжителен сувенир од летувањето. Темниот тен не е посебно важен за детето.

За климатско опоравување е многу поважен престој на морски воздух, бањање и нуркање во чиста солена вода и топлината на раното утринско сонце.

Доколку детето, сепак, поцрвенело од сонцето, истуширајте го со млака вода, дајте му вода или чај и намачкајте го со дебел слој хранлив крем препорачан за возраста. Следните неколку дена нека не излегува од ладовина, а во вода можете да го пуштите во бела, тенка маичка која ги штити рамењата од сонце. Доколку добие зголемена температура, дајте му антипиретик (ибупрофен или парацетамол) и одведете го на педијатар.

ПАТНА АПТЕКА: Се подразбира кога на пат тргнувате со деца. Понесете лекови против болки и зголемена температура, пробиотик, кесички раствор за рехидратација во случај на повраќање и пролив, сируп за смирување на алергиски реакции во случај на каснување од инсект или медуза. Топломер, инхалатор (доколку повремено го користи), завој, стерилна газа, алкохол, јод – спакувајте го сето она што го користите и дома при полесни болести и повреди. Детето на летување не е во поголем ризик да се разболи, ако тоа, сепак, се случи ќе бидете подготвени да му дадете прва помош и нега. Планирањето на летување во семејства со мали деца бара повеќе време и внимателно пакување, а детето секоја година ќе биде сè поискусно и поподготвено за уживање во морските волшепства.

Патување
Патувањето е составен дел од секое летување, затоа планирајте го начинот и должината на патот во зависност од возраста на детето. Ноќе е поладно, помали се метежите на патиштата и наплатните рампи, а детето уште полесно ќе заспие со брмчењето на моторот. Дење правете почести паузи, а местото за одмор приспособете го на ритамот на хранење и спиење на најмладиот член на семејството и возачот. Најдобро е во најтоплиот дел од денот да се одморите во ладовина во градината на некој ресторан и после лесен ручек да го продолжите патот. Во автомобилот треба да имате доволно свежа вода, суви „грицки“ и многу трпение да ги забавувате малите во исчекување на летната авантура. Сетете се на игрите од своето детство („на буква, на буква“, „брза географија“, загатки, броенки), на поголемите деца дозволете им да се забавуваат со игри на мобилен телефон или таблет. Децата добро го поднесуваат летот со авион. Распрашајте се за можност за внес на колички, или дополнителен простор за бебето во носилка пред вашите нозе. Болката во ушите при слетување ќе ја смирите со давање цуцла или шише со вода. Избегнувајте долги патувања со автобус или воз. Недостигот од простор и чист тоалет може да предизвикаат нервоза уште пред летувањето да започне.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>