Фармацевти
Контакт

<< Назад

Надминете ја социјалната анксиозност

август 3, 2019

ПЗУ Аптека Хеледона, Охрид
Појави на акни и митесери во лето

Acne vulgaris се хронично-воспалителни заболувања на пилосебацеларниот апарат, кои најчесто се јавуваат кај тинејџерите. Типична карактеристика им се комедоните, папулите, цистите, белезите и дамките.
Арета Ангеловска
м-р по фармација

За појавата на акни кај тинејџерите на почетокот на пубертетот е одговорна хормонската продукција. Хормоните прават стимулација на лојните жлезди, при што се лачи повеќе лој, кожата станува масна и порите се затнуваат, формирајќи акни. Тие, пак, покрај тоа што претставуваат естетски проблем, дејствуваат и на психата, намалувајќи ја самодовербата.
Лекувањето е комплексно, најчесто со редовни пилинзи (кристали, дијамантски и хемиски) и јонтофореза. Во летната сезона акните привидно се ставаат во мирување, бидејќи покрај силното УВ-зрачење бактериите предизвикувачи не можат лесно да се размножуваат.
Препораки за третман на акни во летната сезона:
- лесен пилинг со благ раствор на морска сол;
- умерено користење млеко или масло за сончање, бидејќи таквите препарати ги затвораат порите кај масната кожа. Затоа треба да се користи структура на крем која не е премногу масна или лосион наместо крем, бидејќи содржи помалку масти а хидрира сосема доволно;
- да не се носи облека од синтетика која би ја иритирала кожата, бидејќи поради топлите временски услови е отежнато регулирањето на топлина на самиот организам. Наместо тоа да се носи облека од природни материјали;
- да не се претерува со миење и чистење на кожата, пред сè, со хемиски препарати, бидејќи претераното миење го интензивира проблемот. Со претерано миење се отстранува и природната заштитна маснотија и урамнотежената pH на кожата, што доведува до прекумерно сушење на кожата. За да компензира, кожата тоа го регистрира како сувост и почнува да лачи повеќе масти, кои, пак, од друга страна, остануваат заробени во порите. Тоа предизвикува нивно ширење и последователно акумулација на поголеми количини токсини, нечистотии и изумрени клетки како совршен коктел за развој на акни;
- одморете го лицето од тешките шминки во лето и практикувајте урамнотежена исхрана богата со овошје и зеленчук, како и пиење доволни количества вода. Само така кожата во летниот период ќе блеска.

СТРАВ ВО ДРУШТВО НА ДРУГИ ЛУЃЕ
Надминете ја социјалната анксиозност

Наместо панично да смислувате што ќе кажете, бидете внимателен слушател. Не се оптоварувајте со своите ситни гафови и не ги броите личните грешки, туку опуштете се и уживајте во друштвото. Не мора да бидете беспрекорен сезнајко, доволно е да сте љубезни и искрени.

Автор м-р Весна Кнежевиќ

Дали ви се случило да почувствувате блокада тогаш кога треба да одржите роденденска здравица? Имате ли кнедла во грло на устен испит и впечаток дека важните работи сте ги заборавиле? Колку ги избегнувате јавните презентации иако вашата работа тоа го бара? Дали ви е речиси невозможно да кажете дека некој ви се допаѓа? Се плашите ли често дека нема да оставите добар впечаток во друштво? Ве фаќа ли паника кога другите луѓе во нешто ќе ве одбијат? Ако одговорот на повеќето прашања е потврден, вие страдате од проблем кој стручњаците го нарекуваат – социјална анксиозност.
Многумина грешат од страв да не погрешат, рекол германскиот писател Готхолд Ефрајм Лесинг. Веројатно нема ни еден човек кој никогаш не почувствувал трема пред испит, несигурност пред некој јавен настап или каков впечаток ќе остави на личноста која му значи. Исто така, сигурно нема ниедна личност која никогаш не потфрлила, бидејќи се исплашила, испаничила и се загрижила каков впечаток ќе остави. Ние не сме машини, туку чувствителни човечки битија и нормално дека не сме секогаш совршени, па понекогаш настапуваме под нивото кое сами себе сме си го задале или кое другите го очекуваат од нас. Меѓутоа, ако чувството на страв, паника и трема во присуство на други луѓе често е присутно, ако чувствуваме блокада и во секојдневните социјални интеракции на кои сме изложени, или избегнуваме комуникација со други луѓе за да не се посрамотиме, како и ситуации кои не ни се целосно познати и рутински, тогаш е време сами на себе да си признаеме дека имаме проблем. Ако само страдаме во тишина и се криеме, проблемот нема да исчезне сам од себе.

Соочување
Социјалната анксиозност не е ретка. Од социјална фобија страдаат луѓе од сите години, од тинејџери до лица во поодминати години. Обично се смета за последица на насобрани проблеми. Колку порано се соочите со самите себе и престанете да измислувате изговори за да избегнете контакти со други луѓе, како и најнезначајни јавни настапи (честитање роденден, разговор со колегите за работа), побрзо ќе го надминете проблемот кој може сериозно да го наруши квалитетот на живот. Разговарајте со членовите на семејството, со личноста која ја сметате за блиска и со луѓето кои сте ги процениле како сочувствителни. Кажете им што ве мачи. Обидете се да се сетите кога и како сте почнале да се повлекувате и да се чувствувате несигурно во друштво. Рационализирајте ги тие ситуации. Ќе видите, нешто поради што вие чувствувате срам, губење самодоверба, другите луѓе или го заборавиле или не ни го забележале. Не се вели залудно дека правиме од мравка слон.
Трезвено размислување
Ако со студена глава и без адреналин разгледате некој настан кој го сметате за мачен, ќе видите дека самиот настан и не е страшен, туку таков го направиле вашите мисли и чувства. Ако во некој период сме пречувствителни, и ситница може да нè исфрли од рамнотежа. Преувеличување и придавање важност на неважни ситници може да ни ја замагли стварноста, да провоцира разни негативни чувства, но и да ја намали самодовербата. Претераната грижа за тоа каков впечаток оставаме на околината (дали сме доволно паметни, убави, духовити) ќе го дефинира нашето однесување, ќе се јави нервоза, бес (на себе, на другите), анксиозност, стравови дека сме глупави, грди, дека ќе се посрамотиме.
Овие негативни чувства може да бидат придружени и со физички симптоми (црвенило на лицето, потење, петелчење, повишен тон, забрзано дишење) и така се прави маѓепсан круг. Ако помислиме дека сме поцрвенеле во друштво, другата мисла ќе биде сакам да пропаднам во земја. Затоа трудете се да мислите со студена глава кога сте во друштво. Не се сите очи вперени во вас! Луѓето околу вас не го мерат секој ваш збор! Никој однапред ни за што не осудува! Не е ни ситуацијата, ни друштвото напнати, туку вие! Грижата дека нешто лошо ќе се случи не ја намалува шансата, на пример, да ја истурите супата на важен ручек. Опуштете се. Насмевнете се. Дури и ако направите некој гаф, со насмевка тоа е симпатично, а не трагично.

Надминување
Социјалната анксиозност не настанала преку ноќ, па не може да помине за еден ден. Самодовербата се јакне чекор по чекор. Совршени суштества не постојат. Не сме роботи и никој од нас не очекува во социјалните интеракции да бидеме секогаш програмирано перфектни. Човечки е да се греши. Неуспехот не е најстрашната работа на светот, најстрашно е да не се обидете, велат паметните луѓе. Не дозволувајте фокусот да ви биде на негативните нешта. Мајкл Џордан, кого многумина го сметаат за најдобар светски кошаркар на сите времиња, промашил повеќе од 9 000 шута во својата кариера и изгубил 300 натпревари. Доживеав неуспех неброено многу пати, но токму поради тоа успеав, вели тој.
Не бидете премногу строги кон себе. Научете да се опуштите. Претераната самокритичност ја намалува нашата самодоверба и го руинира самопочитувањето. Сакајте се себеси! Набљудувајте го своето опкружување, трудете се да забележите што повеќе ситници. Вознемиреноста во друштво често ни пречи во тоа да забележиме најобични нешта, како бојата на ѕидовите, или часовникот кој го носи нашиот соговорник. Ориентирани сме на себе и се фокусираме да не згрешиме, ја губиме моќта на забележување, често не ни слушаме што некој ни вели. Наместо панично да смислувате што ќе кажете, бидете добар слушател. Личноста која умее да ги сослуша другите луѓе е омилена во друштво. Спротивно на тоа, луѓето кои на сè имаат одговор, баш и не се.

Со вежбање против напнатост
Кога имате многу трема, страв и ве фаќа паника, не ги подлабочувајте своите чувства со дополнително анализирање, туку променете го фокусот, одете во прошетка, со темпо и ритам кои ви одговараат додека не се смирите. Научете правилно да дишете. Одете на јога или пливање, вежбајте медитација. Физичката активност секогаш помага да се надмине емотивната напнатост.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>