Најважна е превенцијатад-р Радмила Косиќ
педијатар
Во исхраната треба да се избегнуваат конзерванси, вештачки бои, засладувачи и други потенцијални алергени. Детето треба да има свој прибор за хигиена, да не се разменуваат облека и обувки. Во случај на промени на кожата, лекувањето треба да се препушти на стручњак
Кожата го покрива целото тело и нè штити од надворешни влијанија. Таа изобилува со нервни завршетоци и не е иста на сите делови на телото. Во детска возраст е нежна. Предизвикувач на кожни болести кај децата може да биде алергија, бактерии, габички или вируси.
КОПРИВНИЦА (УРТИКАРИЈА) е алергиска реакција на кожата, која потсетува на промени кои се јавуваат после контакт со коприва. Се појавуваат црвени печати со различна големина, со неправилен облик, подигнати над нивото на кожата. Детето се жали на чешање, со што состојбата се влошува, а може да се појават и ситни повреди. Копривницата се јавува кога детето преку уста ќе внесе некој алерген (храна, пијалак, лекови). Најчести алергени се конзерванси, вештачки бои и засладувачи, риба, јаткасти плодови, јајца, чоколада.
Промените на кожата и јачината на чешањето не се показатели за сериозноста на реакцијата. Важно е детето нормално да дише, да нема чувство на задебелен јазик, и „кнедла во грло“. Можете да му помогнете со давање вообичаена доза на антихистаминик (сирупи или таблети во зависност од возраста). Одведете го детето на педијатар и ќе добиете совет за тоа дали е потребно да продолжите да го давате истиот лек, како и за тоа дали од исхраната треба да се исфрлат намирници кои се најчести „виновници“. Промените може да се јавуваат уште неколку дена и покрај диета и лекови. Испитувањето на предизвикувачот не е потребно по првата епизода на уртикарија, но ако се повтори, детето ќе биде упатено кај алерголог или дерматолог.
АТОПИЧЕН ДЕРМАТИТИС е заболување на кожата со имунолошка основа. Често е придружен со поленска кивавица и астма. Почнува во првата година од животот, обично во наборите на кожата или на лицето. Се појавува црвенило, ситни меурчиња кои пукаат и се создаваат красти. Детето е вознемирено и малку спие. Болеста има епизоди на подобрувања, но некоја храна, лекови, сапуни, вирусни или бактериски болести на дишните патишта ја влошуваат состојбата. Лекувањето е сложено ‒ прво се воведуваат препарати за нега кои не содржат сапун, парабени, парфеми. Во фаза на влошување, по препорака на лекар, се воведуваат кортикостероидни креми или масти.
ИМПЕТИГО е заразна болест која ја предизвикуваат стрептококи или стафилококи. Се јавува кај деца без оглед на возраста, почесто кај оние кои веќе имаат егзема, каснување од инсект кое со чешање дополнително се заразува со бактерија. Се појавуваат црвени ранички на лицето, особено околу усните и носот, кои чешаат и пукаат, како и жолтеникави красти. Лошата хигиена и престој во колектив го зголемуваат ризикот. Доколку промените се ограничени на помала површина, лекарот ќе препише антибиотска маст. Спречете го ширењето на импетиго помеѓу останатите членови на семејството со строга лична поделба на облеката, пешкирите, сапунот. Детето не е за колектив до целосно излекување.
ГАБИЧНИТЕ ИНФЕКЦИИ ја зафаќаат кожата, косата и ноктите. Може да бидат површински или да ги зафатат подлабоките слоеви на кожата. Почнуваат во вид на црвени жаришта со правилен облик со лушпести рабови и ширење кон периферијата, додека средината бледнее. Доколку се зафатени подлабоки или делови од телото со влакна, може да се јави чешање, опаѓање на влакната, гноење. Најчесто предизвикувачи се дерматофити и кандида. Им годат топлина и влага, синтетичка облека, гумени чизми, тесни обувки. Лекувањето почнува по поставување дијагноза од страна на дерматолог. Постои голем број ефикасни лекови, но лекувањето е долготрајно. Превенцијата е важна! Детето треба да користи свој прибор за хигиена, да не ја разменува облеката и обувките. По престој во базен задолжително е туширање и детаљно миење, особено наборите и просторот меѓу прстите.
ВИРУСНИТЕ БРАДАВИЦИ (Verrucae) се бенигни израстоци предизвикани од вируси. Чести се кај школските деца. Тоа се безболни израстоци со различна големина и облик, кои се шират во најблиската околина (семејството или колективот). Доколку се повредат или се на незгодно место, може да се инфицираат или да крвават. Родителите се склони да испробуваат лекови од „домашна аптека“, пред да се јават на дерматолог. Лекувањето треба да се препушти на стручњак. Отстранувањето со течен азот или со ласер е рутина во дерматолошките ординации. Како и кај повеќето кожни болести, полесно се лекуваат почетни промени.
ПЕЛЕНСКИОТ ДЕРМАТИТИС е обично прва болест на нежната кожа на бебето. Тоа е влажно црвенило во пределот на задникот или препоните. Родителите ги загрижува лупењето на површинскиот слој на кожата, а како болеста одминува, ќе се појават ранички во кои се размножуваат бактерии и габички. Магепсаниот круг на влажна, топла средина, постојано миење и бришење (особено со влажни марамчиња!) ќе доведе до сериозно воспаление. Во првите неколку дена треба да се остава детето без пелени и по миењето со вода и благо средство да се исуши пеленскиот предел со слаб фен од далечина. Задолжително е честото пресоблекување. Користете креми кои содржат цинк, пантенол, екстракт од овес, сè што помага за регенерација на кожата. Доколку домашното лекување не помогне, посетете педијатар кои ќе процени дали дошло до инфекција со бактерии или со габички и ќе ви препише креми или масти. Секојдневната хигиена на чувствителната бебешка кожа ќе спречи повторно појавување.
Како и кај повеќето болести кај децата, превентивата е поважна од лекувањето. Кожните болести се упорни, лекувањето обично е долготрајно. Слушајте совети од педијатрите за исхрана и нега. Доколку на кожата на вашето дете се појават промени кои не поминуваат за неколку дена, задолжително одведете го на педијатар или дерматолог.