Фармацевти
Контакт

<< Назад

Најчести медикаменти за лекување деца

декември 1, 2017

Совети за полесно давањед-р Радмила Косиќ

педијатар

Сите родители ја доживуваат болеста на детето како стресна ситуација. И често болното дете кое не оди во градинка предизвикува напнатост затоа што родителите не одат на работа, следуваат непроспиени ноќи, одбивање на оброци и лекови, плачење и нервоза. Во таква ситуација родителите мора да ја задржат присебноста и да се придржуваат до советите на лекарите

Многубројни се специфичностите на детскиот организам кои мора да се почитуваат кога негуваме или лекуваме дете. Инфекциите со вируси и бактерии се почести кај децата отколку кај возрасните, затоа што децата немале прилика да се сретнат со сите микроорганизми од околината и на нив да развијат имунитет. За среќа, најголем број детски болести завршуваат со целосно излекување.

Децата најчесто заболуваат од вирусни инфекции на горните дишни патишта. Овие болести ги препознаваме по течење од нос, сува или продуктивна кашлица, солзење на очите, со или без зголемена температура. Мали деца кога ќе тргнат во градинка обично првите неколку месеци кашлаат и киваат, што доведува до очај на вработените родители кои бараат решение за побрзо заздравување и враќање на работа. Во лето почесто заболуваат од цревни вирусни инфекции. Многу поретки се посетите на педијатар поради бактериски инфекции на мочните патишта или воспаление на средно уво. Тешките  бактериски инфекции кои го загрозуваат животот на детето денес се ретки, а стравот од потешки компликации е неоправдан. Тешки хронични или неизлечиви болести кај децата се многу поретки.

ЛЕКОВИ ЗА СМИРУВАЊЕ НА СИМПТОМИТЕ: Моќно оружје во рацете на педијатарот претставуваат лекови со кои се смируваат симптомите (болка или зголемена температура) или дејствуваат на самите причинители на заболувањето. Симптоматска терапија може да се даде и дома, без консултација со лекар. Семејство со дете треба секогаш да има домашна аптека со лекови против болки и за симнување на зголемена температура. На децата им се даваат таблети или сируп ибупрофен или парацетамол, во облик и доза која одговара на нивната возраст. Лекови против болка и намалување на температурата треба да се дадат пред доаѓање на лекар ‒ така нема да го отежне поставувањето на дијагнозата, а дете полесно ќе го поднесе патот и прегледот. За лекување на бактериски инфекции се користат антибиотици, но исклучиво ако така одреди педијатар и никогаш „на своја рака“. Преголемата употреба на овие лекови довела до развој на отпорност на постоечките антибиотици. Еднаш внесен лек се метаболизира преку црниот дроб и бубрезите, преку крвта „ја снабдува“ секоја клетка на младиот организам ‒ за тоа треба да размислуваат и педијатрите и родителите!

ДОЗИРАЊЕ ЛЕКОВИ: Лековите се дозираат во однос на телесната тежина или површината на телото. Во секојдневната педијатриска пракса се користат лекови со голема тераписка ширина, што значи дека е широк распонот од минимална и максимална доза на лекот која е безбедна за детето. Детето постаро од 12 години, и/или потешко од 40 кг, може да зема лекови во доза за возрасни. Упатствата се задолжителен дел на пакувањето на лекот, а при дозирање е најважна и најточна препораката на лекарот. Дозирање според возраст е ризично! Децата со иста возраст се разликуваат по тежина и висина. При секоја посета на педијатар прашајте за дозата на лековите кои можете да ги купите без рецепт (ибупрофен, парацетамол), а дозата ќе расте заедно со тежината. Доколку не сте ја „коригирале“ дозата, ќе се чудите зошто се одржува високата температура или болката во ушите на детето, иако редовно сте му давале лек.

АНТИБИОТИЦИ: Доколку лекарот препише антибиотик, мора да го давате во препорачаната доза и пропишаните временски растојанија. Ваква дисциплина е потребна за во крвта да се одржи нивото на лекот кој ги уништува бактериските предизвикувачи  на болести. Денес се тежнее кон комфорно давање лекови еднаш или два пати дневно. По доаѓањето дома од ординација размислете кој час најмногу одговара на рутината на детето и така распоредете го давањето. За успех во лекувањето никогаш не е пресудно дали првата доза сте ја дале веднаш, ако тоа го диктира будењето на детето во текот на ноќта или рано наутро. Распрашајте се дали лекот се дава со оброк (некои антибиотици имаат и до 50% поголем ефект доколку се земат на „полн стомак“), или е потребно од последниот оброк да поминат барем два часа. Не прекинувајте го давање на лекот штом состојбата се подобри! Лекот мора да се дава во препишаната доза доволно долго за да се спречат компликациите или развојот на отпорност на бактериите на лекот.

Помалите деца земаат антибиотски сирупи кои имаат непознат и непријатен вкус. Раздразливо болно дете обично протестира поради вкусот или мирисот на лекот, меѓутоа ова е ситуација во која нема преговарање. Лекот е неопходен за излекување во соодветна доза и временски интервал. Обидете се да го скриете вкусот со додавање мала количина сок, џем или мед, но кажете му дека му давате лек, инаку секоја следна кашичка сомнително ќе ја одбие. Подигнете го во седечка положба, бидејќи легнато може да се засркне или да го поврати лекот. Помало дете можете да го спречите да го истури лекот држејќи го во раце ‒ замотајте му ги рацете во ќебенце или побарајте помош од домашните. Кај повеќето деца често ќе помогне „мито“ ‒ омиленото колаче, играчка или стрип.

ПРОМЕНА НА ЛЕКОТ: Доколку сите обиди лекот правилно да се земе пропаднат, обратете се кај лекарот за да го смени обликот или видот на лекот. Обрнете внимание на лекарот да му кажете доколку детето на некој лек реагира со повраќање, пролив или вкусот толку не му се допаѓа па лекувањето се претвора во семејна драма. Денес постојат толку видови лекови што ниеден не е незаменлив. Давањето антибиотски инјекции е ретко и главно се користи во болнички услови, за излекување потешки инфекции. Иако вбризгувањето на лекови по интрамускулен или венски пат гарантира точна доза во вистинско време, за детето е секогаш трауматично. Денес сè повеќе се напушта ваков начин на лекување зашто лековите што се пијат подеднакво се ефикасни.

ДОМАШНА НЕГА: Болеста на детето е голем стрес за родителите поради непроспиените ноќи, одбивање на оброци и лекови, плачење, посебно ако мора да одат на работа, а ќе се разболи и другото дете... Најважно е да се зачува присебноста, како и правилно да се даваат лекови и почитуваат советите на лекарите за нега на болното дете, затоа што го олеснуваат текот на болеста и го намалуваат развојот на компликации. Домашна нега, доволно спиење, како и топли супи и чаеви, најчесто се доволни за брзо заздравување на секое дете.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>