Фармацевти
Контакт

<< Назад

НАЈЧЕСТИ ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ

април 1, 2019

Како да се ублажат

 

Алергискиот ринитис е меѓу најчестите заболувања, а застапен е кај 30 % од популацијата, и тоа главно кај млади луѓе.

 

Автор д-р Владимир Лазовиќ

 

Имунолошкиот систем е интегрален дел на одбранбените системи на човекот, но заштитните реакции можат понекогаш да бидат штетни за домаќинот. Тогаш се нарекуваат реакции на пречувствителност. Тип I (рана пречувствителност) го вклучува имуноглобулинот E (IgE), а пациентите склони на IgE, со посредство на алергиски реакции, се нарекуваат атопичари. Атопија е генетска предиспозиција да се создаваат IgE антитела по изложување на алергени. Алергени се супстанции кои со врзување со специфични IgE антитела покренуваат алергиска реакција. Оваа  реакција ги вклучува воспалителните клетки, вклучувајќи ги гранулоцитите како еозинофил и мастоцити и може да доведе до хронично воспаление, хиперреакција на дишните патишта, бронхијално стеснување, зголемено лачење течности и слуз, и во некои случаи последици опасни по живот. Атопичарот е лице кое има високо ниво на вкупни IgE во серумот, роднини од прв степен на сродство со алергиски заболувања или покажува најмалку една позитивна проба на некој нутритивен или инхалациски алерген.

 

Зачестеноста на алергиските болести е во постојан пораст

Студиите покажале поголема зачестеност кај урбаната популација во однос на селското население. Во алергиски реакции можеме да ги вброиме алергискиот риноконјунктивитис, алергиската астма, уртикаријата, ангиоедемот, атопискиот дерматитис итн. Во детска возраст алергиските болести се јавуваат по одреден редослед наречен алергиски марш. Почнуваат со алергија на храна, која може да се јави во првите денови од животот (алергија на протеин од кравјо млеко), следува атописки дерматитис (со или без алергии на нутритивни или инхалациски алергени), а потоа следува астма. Подоцна, по третата година од животот, се јавува алергиски ринитис. Најчести симптоми на пролетните алергии се затнат нос, кивање, јадеж во носот, течење секрет од носот, јадеж на непцата и увото, солзење на очите. Доколку болеста трае долго, доаѓа до хронично затнување на носот, кое често се комплицира со синузитис. На врвот на носот постои бразда настаната од чешање на носот поради силен јадеж. Може да постои болна пречувствителност над синусите.

 

Пролетта носи неволји

Додека многумина сметаат дека алергискиот ринитис е тривијална болест, студиите покажале дека симптомите кои ги дава се тесно поврзани со промените во когнитивните способности. Меѓутоа, оценето е дека до 90 % од пациентите со алергиски ринитис не се третираат, недоволно се третираат или несоодветно се третираат. Ова ја намалува способноста на пациентите да бидат оптимални во секојдневниот, професионалниот и личниот живот. Пролетта е годишно време кое се поврзува со сезонска алергија. За време на пролетта почнува цветање на разни дрвја и треви, а луѓето кои се алергични на полен почнуваат да се жалат на непријатности предизвикани од симптоми на поленска алергија. Најчести предизвикувачи на поленска алергија се цветови од бреза, брест, бука, јавор, даб, топола, врба, јасен, како и треви и коров. Многу студии даваат докази дека самиот полен има активна улога во оштетување на клетките на домаќинот.

 

Терапија и заштитни мерки

Терапијата на пролетна алергија може да се подели во три категории: избегнување алергени, фармакотерапија и алерген-специфична имунотерапија. Симптомите на алергија се најизразени кога дува ветер, тогаш поленот се разнесува преку воздухот и главна препорака е затворање прозорци и врати. Се советува алергичните лица тогаш воопшто да не излегуваат надвор. Во случај на излегување, се советува како заштита да користат капа или марама на глава, очила за сонце, да се возат со затворени прозорци, а по доаѓањето дома, да ја истресат облеката. Во спротивно, доаѓа до насобирање полен, кој при легнување, се пренесува на перницата и постелнината и цела ноќ се вдишува. Поради тоа се советува бањање и миење на косата после излегување во природа. На елиминирање на алергените се посветува недоволно внимание и покрај фактот што многу пациенти имаат драматично подобрување по овие мерки. Што се однесува на превенцијата, лицата кои се склони на пролетна алергија се препорачува да ја следат временската прогноза и состојбата на алергените во воздухот. Во врнежливите денови се намалува количината на полен во воздух, бидејќи дождот ги измива алергените. Поголеми количини полен се ослободуваат во текот на сушни, потопли денови кога нивната дисперзија е максимална.

 

Фармакотераписки методи

Фармакотерапијата подразбира примена на втората генерација на H1-антихистаминици кои се многу ефектни против рани симптоми и интраназални кортикостероиди кои ги намалуваат алергиското воспаление и затнатост на носот. Антихистаминиците се примарни во лекување пролетни алергии. Седативите се ефикасни во сузбивање на јадежот, но кај постарите лица имаат доста несакани ефекти (поспаност, пореметување на концентрацијата итн.). Може да се даваат пред спиење, бидејќи го подобруваат квалитетот на сонот. Неседативните антихистаминици немаат посериозни несакани дејства, а имаат поголема тераписка ширина. Може да бидат многу ефикасни како поединечен лек кај пациенти со благ до умерен облик на алергиски ринитис. Имаат брз почеток на дејство. Интраназалните кортикостероиди (Beklometazon, Flutikazon) се примарни во третманот за назална опструкција. Тие ја намалуваат активацијата на еозинофилите и медијаторите на воспалението. Интраназалните стероиди не дејствуваат веднаш, потребно е да поминат барем неколку дена до целосна ефикасност, некогаш и до две недели. Антагонистите на леукотриен (Montelukast, Zafirlukast) може да се дадат во облик на таблети и може да бидат ефикасни кај некои пациенти, но не кај сите. Овие лекови се достапни само на лекарски рецепт. Назалните деконгестиви (Ksilometazolin, Oksimetazolin) доведуваат до стеснување на артериските крвни садови во носната слузница. Тие може да се дадат локално или орално. Кога се даваат како капки за нос, тие се кратко ефикасни и брзо дејствуваат и може да се користат само во кратки периоди, обично четири до десет дена.

 

Создавање толеранција на алерген

Алерген-специфичната имунотерапија претставува третман чија цел е имунолошкиот систем на пациентот да стане толерантен на алергенот, така што се даваат зголемени дози на алергени на контролиран начин. Кога се користи правилно, тоа е единствен третман кој може да го измени текот на болеста. Исто така, постојат докази дека со овој третман може да се намали прогресијата на алергискиот ринитис до астма. Овој вид лекување треба посебно да се земе предвид кога алергискиот ринитис го намалува квалитетот на живот и кога слабо се контролира со фармакотерапија. Оваа терапија ја спроведуваат само добро обучени алерголози.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>