Фармацевти
Контакт

<< Назад

Најчести зимски инфекции кај децата

јануари 1, 2018

Победете ги кивавицата, грипот и бронхитисотд-р Радмила Косиќ

педијатар

Прошетки во парк или подолг престој на снег се корисни за детското здравје, ладниот и чист зимски воздух е сојузник во борбата против кашлицата и затнатиот нос, па наместо престој во климатизирани игротеки направете доживување за паметење ‒ мавање со топки во парк или правење снешко

Со доаѓањето на зимата се соочуваме со сè почести разболувања кај децата. Малите деца го поминуваат најголемиот дел од денот во затворен простор, а стравот од провев и разладување придонесува кон тоа становите, училиштата и градинките да станат идеално место за задржување и размножување на предизвикувачите на болести. Деновите се сè пократки, а работното време сè подолго, што води кон тоа семејството да престојува во топлината на домот. Наместо престој во загушливи, климатизирани игротеки и трговски центри, изберете  со соодветна облека и обувки, да направите доживување за паметење – мавање со топки во парк или правење снешко ќе му годи на целото семејство.

Вирусите и бактериите „сакаат“ затворени, загреани, влажни простории. Детето што кашла и кива ги расејува околу себе бактериите, со кои оние деца кои штотуку тргнале во градинка никогаш не се сретнале. Како резултат на недостиг на имунитет, тие многу често ќе бидат болни. Вообичаено е претшколското дете да боледува 6-8 пати годишно, а не е необично очајните родители да го носат своето малечко на педијатар секој месец. За среќа, најголемиот број инфекции во ладните месеци се болести на горните, а само во ретки случаи на долните дишни патишта, од кои детето може да закрепне брзо и без последици.

Вирусите се далеку најчести причинители на болести кај децата од сите возрасти. Со оглед на тоа дека постојат голем број различни вируси, невозможно е да се развие имунитет на секој од нив. Во првите пет години детето ќе прележи десетина инфекции годишно. Во секојдневната педијатриска пракса не е можно со сигурност да се поврзе клиничката слика со одреден вирус. Еден ист вирус може кај децата од различна возраст и имунолошки статус да предизвика различни болести – од лесно кивање до бронхитис или воспаление на белите дробови.

Бактериските болести кај малите деца во зима се поретки од вирусните, а најчесто се во прашање стрептококни ангини или воспаление на средното уво. Изолација и идентификација на причинителот не е неопходна – педијатарот врз основа на возраста, клиничката слика и моменталната епидемиолошка ситуација заклучува за каква болест станува збор и планира натамошно лекување.

КИВАВИЦА (акутен вирусен ринофарингитис) започнува со кивање, бистра секреција од носот, пецкање во грлото. Детето може да има зголемена температура и главоболка, а кашлицата и конјунктивитис се појавуваат по неколку дена. Ни влошување на кашлицата ни заматен секрет од носот не значат секогаш компликација на вирусни болести. Кај доенчињата затнат нос пречи на дишењето и доењето – бебето е нервозно и раздразливо, а претшколските деца обично полошо изгледаат отколку постарите деца од истото семејство. Детето мора да се задржи на домашно лекување поради нега и симптоматска терапија, но и поради врсниците кои во спротивно би се заразиле со кивање и кашлање во заедничка просторија. Потребно е темелно и често чистење на носот, многу топли напитоци, билни сирупи за полесно искашлување. Зголемената температура треба да се намалува со сируп или таблети парацетамол или ибупрофен во зависност од возраста и телесната тежина. Искористете ја секоја посета на педијатар за да ја проверите дозата на овие лекови која ќе биде ефикасна за ублажување на болки и намалување на температурата.

ГРИПОТ (инфлуенца) го предизвикуваат вируси. Епидемија се јавува на секои 2-3 години, а пандемија со голем број заболени на светско ниво на 10-40 години. Инфекцијата брзо се шири во колективи, вирусот се пренесува преку капки  и валкани раце. Клиничката слика зависи од видот на вирусот и возраста – помладите деца поретко заболуваат и имаат нетипична клиничка слика, додека школските деца почесто имаат компликации (воспаление на белите дробови). Детето најлошо се чувствува во првата недела од болеста, кога долготрајната сува кашлица му пречи во спиењето и следењето на наставата. Лекувањето е симптоматско – земањето антибиотици не ги ублажува симптомите, ниту го забрзува лекувањето, а сигурно води до развој на бактериска резистенција (нерационална употреба на антибиотици сè повеќе го загрозува лекувањето на опасни бактериски болести!). Вакцина против грип се советува на сите лица во ризик – деца кои боледуваат од астма, дијабетес, хронични болести на бубрезите и срцето треба да се вакцинираат навреме.

БРОНХИТИС е често заболување во поладниот период од годината. Не постои како самостојна болест затоа што секогаш му претходи вирусна инфекција на горните дишни патишта. Карактеристична е кашлицата – некои деца ќе се изборат со насобран секрет во бронхиите со топли напитоци, додека на други ќе им биде неопходно лекување со инхалација на солен раствор со лекови кои ги шират дишните патишта. Ретко е потребна примена на антибиотици, иако во пракса често се препишуваат од страв од бактериски компликации на белите дробови. Во случај на повторување на епизоди на свирења во градите или повторен скок на температурата во текот на вирусната инфекција треба да се направат дополнителни испитувања на функцијата на белите дробови.

ЗИМСКИ МАГИИ ЗА ЗДРАВЈЕ: „Зима, зима, е па што...“, зборувале некогаш нашите баби и ги поттикнувале децата да се радуваат на зимските магии. Денешната организација на живот на вработените родители и секојдневниот долг престој во градинка или училиште не дозволуваат да поминуваме повеќе време надвор. Сетете се на своето детство и големата радост која ви ја причинувале санките и мавањето со топки со другарите. Доколку е многу ладно, скратете го престојот надвор. Нема причина за грижа – црвеното носе е помал ризик по здравјето од игротеката полна со прашина и вируси.

„Нема лошо време, има лоша опрема“ – нека ова биде вашата идеја водилка за секојдневен престој надвор. Непропустливи чизми, топла јакна, шал, капа и ракавици, нови или наследени од постарите деца, ќе ви послужат да се ужива во радоста на студените денови. Најдете време за краткотрајна прошетка во парк или до продавница, или одлучете се за подолг престој на снег – зимските волшепства не се случуваат само на скапо зимување. Со многу свежо овошје и зеленчук (ги има цела зима!), ладниот и чист зимски воздух ќе ви биде сојузник во борбата против кашлањето и затнатото носе. По враќањето од прошетка понудете му топла домашна супа, чај со мед и лимон, топло чоколадо. Секојдневната прошетка ќе влијае позитивно на здравјето на сите членови на семејството.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>