Сезоната на зимски вирусни инфекции веќе е во тек. Да му помогнеме на својот организам така што преку исхраната ќе внесеме сè што му е потребно.
Автор Билјана Божовиќ
Урамнотежената и разновидна исхрана претставува основа на која нашиот организам успешно го гради својот имунолошки одговор. Во периодот кога вирусните инфекции се во полн ек, од голема важност е секојдневно да внесуваме оптимална количина на разни витамини и минерали преку исхраната. Еве неколку намирици кои, со веќе добро познатите предности на консумирањето цитрусно овошје, би требало да бидат почесто на нашето мени.
Јогурт и кефир
Пробиотските состојки на овие млечни напитоци, покрај тоа што придонесуваат за добро варење, го јакнат вкупниот имунолошки одговор на организмот. Секојдневно консумирање јогурт и кефир ја намалува можноста за настинка и инфекции на дишните патишта.
Ѓумбир
Обично на него се сеќаваме кога веќе сме настинати. Меѓутоа, би требало да го користиме и во превентивни цели, како чај или како додаток на салати. Интересна е и комбинацијата со мед, а во аптеките можете да најдете готови сирупи.
Мед
Овој чудесен пчелин производ не престанува да ги воодушевува научниците веќе со децении. Лажичка природен мед претставува одличен начин за почеток на денот, како и совршена одбранбена стратегија во борбата против вируси.
Домашна супа
Подготвена од пилешко месо со кожичка и јунешки ребра, со додаток на морков, кромид, целер, магдонос и пашканат, бистрата и јака домашна супа е одлично средство за ублажување симптоми на настинка. Содржи витамин Б6, како и хондроитин, кој дејствува благотворно на зглобовите.
Јаткасти плодови
Покрај содржината на омега 3 незаситени масни киселини, оревите, бадемите и лешниците ни обезбедуваат и дополнителен внес на цинк, кој игра важна улога во клеточните просеци во текот на активирање на одбранбените механизми.
Цвекло
Растителниот пигмент антоцијан, покрај тоа што му дава боја на цвеклото, е одличен за нашиот кардиоваскуларен систем. Покрај тоа, од цвеклото добиваме и елементи како што се: литиум, манган, бром и јод, покрај калциум, калиум, магнезиум и железо. Тука се и витамините од Б-групата и витаминот Ц. Сето ова заедно го прави цвеклото вистинско богатство за нашиот имунолошки систем.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци