Фармацевти
Контакт

<< Назад

НАПАД НА ЖОЛЧКА

октомври 1, 2019

Совети за регулирање со здрава исхрана

Болестите на жолчното кесе и жолчните патишта се еден од најчестите проблеми кои се решаваат по хируршки пат во светот и кај нас

Автор д-р Немања Биџиќ

спец. по абдоминална хирургија

 

Секојдневно се зборува за напад на жолчка или на жолчно кесе, за камен или повеќе камења во жолчното кесе. За луѓето адекватно да изреагираат во случај на болки и да се јават на време на лекар, битно е да имаат основни информации поврзани за болестите на жолчното кесе. Жолчката, инаку, е раствор кој содржи електролити, жолчни соли и жолчни киселини кои се однесуваат како детергент и така ги раствораат мастите во храната и ги прават погодни за ресорпција, т.е. овозможуваат организмот да ги зема од храната. Влијае на ресорпција на липосолубилните витамини (витамини растворливи во масти) А, К, Е, Д. Жолчката се создава во црниот дроб. Преку сложен систем на каналчиња преку главниот жолчен канал се излива во дванаесетпалечното црево каде покажува ја својата функција.

Жолчното кесе е посебно проширување на системот на жолчните канали со големина од околу 10 см, кое служи како резервоар на жолчката. Поврзано е со главниот жолчен вод, и во случај на обилни и масни оброци кога за варење е потребна поголема количина на жолчка, контролирано, со контракција на жолчното кесе, т.е. со грчење се истиснува жолчката од жолчното кесе и со тоа се постигнува подобро варење на мастите.

 

Настанување на камен и симптоми на воспаление

За жал, поради генетски фактор, како и поради самиот начин на живот, па и разни болести, доаѓа до формирање талог на самата жолчка и многу често, за неколку години, доаѓа и до формирање на мал или голем камен или повеќе камења. Билијарната калкулоза е едно од најчестите заболувања, а операциите на жолчни патишта спаѓаат во најчести операции во хирургијата. Се проценува дека 10-12 % од популацијата има калкулус на жолчното кесе, а кај популацијата над 65 години тој процент е околу 30. Почесто се јавува кај жените. Оваа поголема зачестеност е последица на хормонски дисбаланс (бременост), кога се јавува зголемен холестерол во крвта под дејство на естроген и прогестерон. Останати причини за настанок на калкулоза се: дебелина, дијабетес мелитус, недостиг на физичка активност, неадекватна исхрана (премногу масти во исхраната), генетска предиспозиција. Големо влијание во настанокот на калкулоза и напад на жолчка има исхраната.

Иако голем број луѓе имаат каменчиња во жолчното кесе, повеќето во текот на целиот живот тоа и не го откриваат. Во спротивно, често се случува по масни и обилни оброци да доаѓа до појава на тапи болки под десниот ребрен лак, кои се шират во грбот и тоа во пределот околу лопатката. Се јавуваат два часа по оброк и траат од повеќе минути па дури до неколку часа. Тогаш доаѓа до грчење на жолчното кесе и поради присуство на камен се истегнува ѕидот на жолчното кесе и доаѓа до болка. Токму ваквата болка се нарекува билијарна колика, кај народот попозната како напад на жолчка. Во друга ситуација која не е толку честа помал камен може да го затне излезниот канал од жолчното кесе и при грчење на жолчното кесе повторно доаѓа до истегнување на ѕидот и појава на болки. Ако ваквата состојба е пролонгирана, се развива хидропс на жолчното кесе. Тоа е состојба кога жолчката се претвора во вода и поради неможност за истекување поради затнат изводен канал на жолчното кесе доаѓа и до пукање на жолчното кесе, па тогаш е потребно итно лекување, кое најчесто не реагира на терапија со лекови, туку е неопходна операција.

Терапија и современи хируршки интервенции

Пациентите кои повеќе години имаат тегоби поврзани со жолчното кесе често имаат акутни воспаленија кога болката трае подолго. Треска и покачена телесна температура, мачнина и повраќање често ги придружуваат болните напади. Поради воспаление на самиот ѕид на жолчното кесе тоа се повторува неколку дена. Така што, речиси секогаш, е потребна терапија која опфаќа антибиотици, спазмолитици, и диета која исклучува масна храна, а опфаќа лесна, варена храна. Тоа не е така често, но, сепак, е застапена состојба. Ако тегобите и јачината на воспалението не се подобруваат со конзервативна терапија, односно терапија со лекови, неопходна е итна операција. Современото лекување на калкулоза на жолчното кесе, без оглед на тоа дали е изразено воспаление или само често се присутни симптоми, подразбира лапароскопска хилецистектомија т.е. отстранување на целото жолчно кесе со камчиња преку мали рани на стомакот со помош на специјална оптика и инструменти. Таа се користи веќе три децении, и поради огромните предности во однос на класичната операција со голем рез на стомакот, сега е најдобар тип на оперативно лекување.

 

Значење на навремената дијагностика и правилната исхрана

Со оглед на тоа дека повеќе од 90 % од болестите на жолчното кесе и жолчните патишта го сочинува калкулозата и дека е таа најголем и најзачестен проблем во хирургијата, неопходно е, во ситуација кога пациентите имаат болки, билијарна колика или појава во народот позната како напад на жолчка, веднаш да се јават на лекар заради преглед и ултразвучно испитување. На тој начин во најбрз рок ќе се дознае за присуство на каменчиња во жолчното кесе и навремено ќе се започне со лекување и планирање на најадекватен момент за операција. Пожелно е болните со калкулоза на жолчно кесе да избегнуваат масни и обилни оброци, т.е. диетата да се темели на свежо и барено овошје и зеленчук, и сето тоа поделено на повеќе помали оброци. Треба да се избегнуваат јајца, масна храна, мешунки, алкохол. Се советува редовна физичка активност и превенција на дебелина, како и земање повеќе помали оброци и доволни количини течности. Секогаш е битно пациентите кои имаат дијагностицирана калкулоза да се јават на надлежен хирург за да се процени состојбата на жолчноте кесе и болеста и да е планира понатамошно лекување.

 

Можни компликации доколку не се лекува на време

Калкулоза на жолчното кесе некогаш доведува и до комплицирани болести како што е воспаление на панкреас или механичка жолтица, па и до присуство на гној во главните жолчни патишта. Тоа некогаш може да бидат проблематични заболувања и тешки за успешно лекување. Со самото тоа, калкулозата е сериозен проблем и се советува при секоја болка во стомакот, особено во горниот дел, да се направи ултразвук и така да се дијагностицира заболување на жолчното кесе и жолчните патишта. Со тоа се превенираат наведените тешки последици по здравјето на луѓето кои се јавуваат поради калкулоза.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>