Како да се смират стравовите
Избегнување алкохол, поголеми количини кафе и енергетски напитоци, од една страна, и вежби за релаксација, рационализација на стравовите и постепено изложување на ситуации кои водат до паничен напад, од друга страна, се најефикасен пат во смирувањето експлозија од стравови.
Автор: м-р Весна Кнежевиќ
Стравовите се силни емоции кои го обземаат нашиот дух и тело. Се јавуваат во вонредни животни околности, како што се пожар или земјотрес, и тогаш се сигнал дека треба да се придвижиме за да ја избегнеме загрозувачката закана. Писателот на хорори Стивен Кинг со причина вели: Не го потиснувај стравот, но и не му се препуштај. Исконските стравови нè чуваат од опасности, на пример, нè опоменуваат да не се приближуваме премногу до незаштитен раб на стрмна карпа.
Плашењето дека нешто лошо ќе ни се случи во иднина, дека ќе се разболиме, ќе доживееме несреќа, загуба и неуспех, може да нè парализира во толкава мера што може сериозно да ни го загрози квалитетот на живот. Стивен Кинг и оваа состојба сликовито ја опишал: Стравот се всадува околу срцето, длабок и грозен. Преплавени од страв избегнуваме ситуации кои може да нè вознемират, но повторно не можеме да заспиеме, или се будиме вознемирени и загрижени, губиме апетит или јадеме компулсивно. Предавањето на анксиозни состојби прави стравовите да нè контролираат нас, а не ние нив, што е исцрпувачко и за духот и за телото.
Експлозија од стравови
Експлозијата од стравови е многу непријатна епизода, а луѓето кои доживуваат таков паничен напад имаат впечаток дека ќе умрат или ќе го изгубат разумот. Иако траат од пет до дваесетина минути, паничниот напад покренува и низа физиолошки процеси. Иако овие реакции не се опасни по живот, лицето кое ги доживува мисли дека е во смртна опасност.
Причини за паничен напад
Постојат два основни вида паничен напад, тоа се ситуационен и неочекуван. Лицето кое се плаши од затворен простор, ако се најде во заглавен лифт, може да доживее напад на паника. Избегнување лифтови, но и други ситуации и сценарија кои можат да бидат причина за паничен напад, се мерки на претпазливост кон кои прибегнуваат луѓе со панични напади.
Неочекувани панични напади обично се случуваат поради некои погрешно протолкувани телесни сензации. На пример, ако некој многу се плаши од болести и му се причини дека во изметот видел крв, ќе доживее експлозија од страв која ќе му оневозможи да се сети дека претходниот ден јадел цвекло. Интересно е и дека стравот од паничен напад може да предизвика паничен напад.
Симптоми
Симптомите на паничен напад се бројни: чувство на врелина и студ, несвестица, чувство на трнење на рацете и нозете, губење здив и воздух, болка во градите, чувство на мачнина, болка во желудникот, зашеметеност, пореметување на видот, делузии и деперсонализација, покачен крвен притисок, срцева аритмија, несигурност, губење рамнотежа и др. Симптомите на напад на паника можат да бидат слични на различни здравствени проблеми, како што е, на пример, срцев напад, па се препорачува и лекарски преглед. Во случај лекарските наоди да се во ред, не се сомневајте во нив, затоа што најверојатно станува збор за паничен напад.
Самопомош
Ако спаѓате во луѓе кои креваат температура околу сè, склони сте кон паника поради ситници, хипервентилирате во ситуации кои другите луѓе ги доживуваат само како непријатни, време е да се соочите со своите стравови, нивните причини и предизвикувачи.
Американскиот предавач Дејл Карнеги вели дека најбрз и најефикасен начин да го победите стравот е да го направите токму тоа од што се плашите. Секако, соочувањето со сопствените стравови треба да се прави постепено. Ако се плашите од вода, нема да скокате од скокалница од 12 метри, туку ќе влезете во вода до колена, а кога ќе се осмелите и до раменици. Ако себеси си дадете доволно време и не се форсирате, но и не се откажувате, ќе дојде ден кога ќе можете да бидете во вода така што со стапалата нема да го допирате дното.
Движење и броење
Самопомошта не е само кутија со завои и фластери, туку и знаење како да си помогнеме себеси и на другите. Ако ве фаќа паника, совет е побавно да дишете, да го задржите здивот броејќи до пет, па да издишете. Вежбата повторувајте ја додека не се смирите. Секогаш е подобро да се движите отколку да седите или да лежите додека главата ви татне од паника. Со движење ќе ја ослободите енергијата која телото во напад на паника ја создава. Броењето наназад и на прескок, исто така, е лековито и многу брзо смирува. Смеењето, пеењето и танцувањето, исто така, ги скратуваат нападите на паника.
Борба со стравовите
За правилно да се бориме со своите стравови, треба за нив да дознаеме што повеќе. Гарсија Маркес вели: страв ми е да се плашам. Стравот од стравови се намалува со нивното запознавање. Одете им во пресрет на своите стравови чекор по чекор. Замислете во главата од што се плашите, обидете се да се сетите кога прв пат сте го почувствувале стравот и што го продлабочило. Рационализацијата на стравот е добра вежба, која ќе ве подготви за реална ситуација и соочување. Борбата со стравовите не е лесна. Многу помага ако водите уреден живот, здраво се храните, вежбате и редовно спиете. Ако се придржувате кон овие три столба на здравјето, ќе бидете поцврсти и посилни да се фатите во костец со стравовите.
Медикаменти
Да се потпрете на лекови во борба против стравовите не е ефикасно, а ако се ги земате на своја рака, може да биде и опасно. Лекувањето на стравовите започнете го сами, а ако не сте задоволни со она што го постигнувате, секогаш можете да се обратите на психолог и терапевт, кои ги знаат техниките и методите како да ви помогнат. Ако сте отворени и соработувате, многу брзо ќе сфатите дека стравовите почнуваат и завршуваат во вашата глава и ќе научите како вие да управувате со нив, а не тие со вас.
Вежби за релаксација
Кога се грижиме, и нашето тело е полно со тензија, па и мускулите ни се напрегнати. За да се опуштиме и да се ослободиме од напнатост, можеме да практикуваме вежби за мускулна релаксација. Опуштајте мускул по мускул, полека, од стапалата до главата. Исто така, помагаат и вежби за истегнување.