Фармацевти
Контакт

<< Назад

НАУЧЕТЕ ГО СВОЕТО ДЕТЕ ДА СПИЕ

декември 1, 2016

Полесно е да се каже, отколку да се направид-р Радмила Косиќ
педијатар

Ставете го во креветче со вообичаените ритуали, влезете во собата само ако заплаче, помилувајте го, утешете го и не задржувајте се долго и за околу 7  дена ќе успее само да заспие, а ако и не успеете, знајте дека вашето дете не е болно, не е разгалено, ниту вие сте лоши родители, туку тоа само има посебна потреба за вас и се плаши да се одвои од вас

Вашата моќ да влијаете на должината и ритамот на спиење на детето е многу ограничена. Доколку има удобно креветче, ако е здраво, затоплено, сито и суво – обезбедени се сите услови непречено да заспие и да се разбуди кога му наложува физиологијата на неговото мало тело. Не постои начин да го натерате да спие повеќе отколку што му е потребно, ниту тоа може само да се присили да спие помалку отколку што има потреба. Потребата за сон е индивидуална, ретки се ситуациите кога треба да се загрижите зошто детето премногу или премалку спие.

ПО ДОАЃАЊЕТО ОД ПОРОДИЛИШТЕТО родителите имаат најмногу грижи токму околу спиењето. Новороденчето ќе се разбуди кога е гладно и ќе заспие по оброк. Некогаш ќе биде подолго будно и ќе ужива ноќе набљудувајќи го новиот свет во кој дошло, не препознавајќи го вашиот замор од претходниот ден. Од гледиште на бебето, во тоа нема ништо лошо – не разликува ноќ и ден, ниту знае колку пелени сте испеглале.

Обидете се да го научите каде му е местото за спиење – спуштете го во креветче штом ќе заспие и кренете го кога ќе се огласи. Бебето кое спие не бара целосна тишина – нема да му пречи вообичаеното ниво на бучава во вашиот дом. Ќе го разбудат ненадејни силни звуци кои би ве разбудиле и вас. Можеби ќе бидете ретки среќници чие бебе го преспива поголемиот дел од ноќта, а будно е дење. Разликувањето на денот од ноќта никогаш не оди онолку брзо колку што би сакале исцрпените родители – обидете се да го забрзате процесот со правење јасна разлика помеѓу дневните и ноќните активности.

НЕКОЛКУ СОВЕТИ КОИ ВО ТОА МОЖЕ ДА ВИ ПОМОГНАТ: По вечерниот оброк бидете сигурни дека детето е суво и дека завршило со ждригнување. Обезбедете му секогаш исто место за ноќно спиење, во затемнета соба без извори на ненадејна бучава. Добро покријте го (во согласност со надворешната температура), тенка, памучна пелена ќе биде доволна да оневозможи да го разбудат сопствените движења кога сонот ќе му стане плиток. Собата замрачете ја, доколку се разбуди вниманието да не му го привлече некој осветлен предмет. Пријдете му штом ќе заплаче, пресоблечете го (доколку е неопходно) и нахранете го со што помалку зборување и игра – трудете се да не го разбудите премногу за да продолжи со спиење штом ќе се засити.

Родителските должности подразбираат непроспиени ноќи – нема причина да бидете лути на себе или на детето, подобро организирајте се тој период полесно да го преживеете. Доколку мајката дои, нема потреба и таткото да биде ненаспан, нека се грижи за детето во текот на денот за мајката да се одмори. Доколку бебето го раните со шише, можете да се организирате наизменично да го раните. Обидете се да заспиете штом заспие и детето – сигурно ќе го слушнете ако сте му потребни.

ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ПРВАТА ГОДИНА потребата за сон е слична како и по доаѓање од породилиште – детето ќе ја почитува својата потреба за сон, иако бројот на часови за спиење ќе се намали. Сè уште постои јака врска помеѓу спиењето и ранењето, но има многу семејни активности за доволно да го забавуваат и држат во будна состојба. На оваа возраст обично спијат околу 12 часа ноќе (со повремено будење) и уште два пати преку ден (должината на дневното спиење варира од 20 минути до 3 часа).

Околу 9 месец ќе стане способно да остане будно доколку е возбудено, напнато или заинтересирано за лица или предмети. Тогаш обично почнуваат тешкотиите со  заспивање, кои, покрај проблемите со хранење, се еден од најчестите проблеми во одгледувањето деца. Проблемот е почест отколку што ќе признаат познаниците од парк, не го зголемувајте својот очај со уверување дека туѓите деца спијат како ангели.

ДЕТЕТО НЕМА НИШТО ДРУГО ДА ПРАВИ НАВЕЧЕР, за разлика од вас. Тоа не сака да заспие, бидејќи ќе се одвои од вас. Доколку го вознемирува одењето на спиење, преземете чекори кои ќе му го олеснат преминувањето од топла, светла дневна соба полна со слики и звуци во мракот и тишината на спалната соба.  Развивајте смирувачки навики на поздравување со останатите членови на семејството, нека понесе некоја мека играчка или ќебенце, раскажете му приказна, испејте му некоја песна за заспивање.

На некои ќе им биде доволно да ја оставите отворена вратата од собата или неколку минути да останете во собата додека да заспие, уверено дека сè уште сте тука. Држете се до вообичаените дејства пред спиење – вечера, бањање, бакнеж за братот, земање на мечето од полица.

Корисно е да се држите до принципот – никогаш да не го оставате само да плаче, но и не кревајте го во раце. Ќе научи дека сигурно доаѓате ако се огласи, но нема да му признаете дека е неподносливо да остане во кревет и да спие.

Овие вечерни ритуали знаат да бидат здодевни и исцрпувачки, но повеќекратно се исплатуваат доколку детето задоволно заспие. Ако будењето ноќе премине во навика, ќе бидете присилени да се приспособите на тоа. Пријдете му штом ќе заплаче, погалете го и вратете се на спиење. На крајот од првата година сигурно нема потреба за ноќно хранење, не воведувајте дополнително утешно шише млеко. Полесно е да се каже отколку да се направи, но утешете се дека истото го преживеале генерации родители пред вас.

Најчесто се препорачува детето да го однесете во креветче и да не се враќате во неговата соба без оглед на тоа колку плаче. Каква порака испраќа вашето однесување? Детето плаче зашто не може да го поднесе тоа што вие заминувате од него, а му соопштувате дека нема да дојдете без оглед на неговото страдање. Малку е веројатно дека следната ноќ ќе се чувствува посигурно. Упорното дете може да плаче подолго отколку што родителите и соседите можат да поднесат – подобро е да му пријдете веднаш. Ставете го во креветче со вообичаените ритуали, влезете во соба ако заплаче, погалете го и утешете го (секогаш сум тука кога ќе ме повикаш, но време е за спиење...), не земајте го во раце и не задржувајте се долго. Обично овој тренинг трае околу 7 дена. Ако немате упорност за тоа, веројатно детето ќе го однесете во својот кревет или во дневната и ќе очајувате над својата судбина. Вашето дете не е болно, не е разгалено, ниту вие сте лоши родители – тоа има посебна потреба за вас и се плаши да се одвои од вас. На тие бессони ноќи ќе се сетите кога повторно ќе бидете будни, чекајќи го да се врати од новите тинејџерски авантури...

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>