Стапалата кои не се негувани не се само естетски проблем, бидејќи испуканите пети, зараснатите нокти или габичните инфекции може да создадат проблеми при одење и изборот на обувки, да ги кинат чорапите и воопшто прават да се чувствуваме непријатно. Најлоша варијанта е стапалата вечно да се кријат во чорапи и чевли, а пред проблемот се замижува бидејќи нема да се реши сам од себе. Негуваните стапала не бараат многу труд, но бараат да им посветиме внимание и да не ги запуштиме.
Габични инфекции: Потењето на нозете и затворените обувки, спортските активности и долготрајното носење исти патики годат на развојот на габични инфекции, кои се манифестираат со непријатен мирис, црвенило, јадеж, а на инфицираната кожа може да се појават наслаги и болни пукнатини. Ако го имате тој проблем, во аптеките постои широк избор на препарати, доволно е да се посоветувате со фармацевт што да изберете. Исто така, и во домашни услови можете да им помогнете на своите стапала.
Секоја вечер задолжително мијте ги нозете и добро исушете ги, особено регијата помеѓу прстите, а потоа истријте ги со парче лимон, бидејќи лимонската киселина дезинфицира. Сличен ефект се постигнува со раствор на алкохолен оцет и вода во однос 1:4. Нанесете таков раствор на стапалата наутро и навечер и почекајте да се исуши. Помага и стапалата да се намачкаат со масло од кантарион или евкалиптус.
Спа за нозе: Израдувајте ги своите стапала со топла бања. Ставете ги стапалата 10-20 минути во сад со топла вода каде сте додале шака морска сол и неколку капки некое миризливо масло, а можете да ставите и свежо нане или рузмарин. Ќе ги освежите не само уморните и болни нозе туку и целото тело.
Подноктици и нокти: Од топлата вода подноктиците ќе омекнат, па кога ќе ги исушите нозете не ги сечете со ножички туку само нежно поттуркајте ги со стапче со вата, па намачкајте ги со хранлив крем. Ноктите секогаш сечете ги рамно, никогаш полукружно, бидејќи така ќе избегнете зараснување.
Омекнување на кожата: Кога сте во можност, омекнувајте ја кожата на стапалата така што ќе ги намачкате со хранлив крем, ќе ги завиткате во најлон кесе, па обујте чорапи во текот на ноќта. Ефектот ќе го видите веќе следното утро, бидејќи вашите стапала ќе ги впијат хранливите состојки.
Пети: Ако петите ви се чувствителни и склони кон пукање, мачкајте ги секоја вечер со хидратантен крем.
Пилинг: Отстранете ги изумрените клетки од кожата на табаните и петите со смеша за пилинг која сами сте ја направиле. Можете да измешате крупна морска сол и пченичен гриз со маслиново масло, па со неа тријте ги стапалата, а особено задебелените места. На масниот крем можете да додадете и шака чист песок, по што со мешање ќе добиете одлична пилинг маса која веќе по неколку користења ќе придонесе вашите стапала да бидат убави и мазни.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци