Минлива состојба или сериозен проблемд-р Ирена Маждракова, психотерапевт
Недостиг од сон е сериозно пореметување кое го нарушува квалитетот на животот, па треба да се консултирате со лекар и пред да почнете да земате таблети за спиење истрајно придржувајте се на советите за исхрана, физичка активност, ритамот на одење на спиење и природни средства за опуштање
Несоницата е хронично пореметување на спиењето, неможност да се заспие или лош сон. Може да се јави во која било животна доба, но почеста е кај постари лица, кај луѓе кои имаат стресни професии или работат во смени, кај хронично болни, невротични луѓе.
Несоницата се јавува како неканет гостин кај секој од нас. Понекогаш доаѓа само на една ноќ, понекогаш е присутна со денови, недели. Некои од несоница страдаат со години, дури и трајно. Може да биде придружник на сериозни проблеми –кардиоваскуларни, белодробни болести или болести на штитната жлезда, хронична болка, гастроинтестинални пореметувања, стрес, анксиозност или депресија, зависност од цигари, алкохол, кофеин и други супстанции, но може да биде и клучен играч.
Иако дијагнозата ќе ја постави вашиот лекар, стручњакот кој може да ви помогне да се изборите со несоницата е психотерапевт. Не мораме да се бориме сами со неканетиот гостин, потребен ни е некој кој тој неканет гостин добро го познава. За несоницата ја прашавме д-р Ирена Маждракова, која ги разбира нејзините различни својства, како лекар во клиничка лабораторија, класичен хомеопат, психотерапевт, ароматерапевт, специјалист по ајурведска медицина и нутриционист. Еве што ни кажа:
Би сакала да ви кажам малку повеќе детали за мелатонинот – хормонот на спиење. Во мрежницата постојат рецептори кој ја перципираат светлината. Кога дневната светлина ќе се намали, телото дава сигнал за производство на овој хормон од епифизата, што доведува до намалување на секојдневните активности и различни системи во организмот се подготвуваат за спиење. Светлината од кој било екран (компјутер, ТВ, смартфон), ламби или светлечка реклама драстично го намалува производството на мелатонин.
Рецепторите за овој хормон ги имааат следниве ткива: централен нервен систем, систем за варење, имунолошки систем на клетките, кардиоваскуларен систем. Тоа се некои од нашите главни органски системи. Така што пореметувањето на ритамот на спиење –продолжена будност, предизвикува губење на балансот во организмот, што предизвикува низа сериозни симптоми: чукање на срцето, мачнина, тежина во главата, недостиг на концентрација, анксиозност, постојан тек на мислите, често лоши, слаб пренос на кислород до клетките, замор.
Сè почесто среќаваме млади луѓе кои не можат да станат наутро и одморни да го започнат денот, бидејќи не можат ноќе да се изгасат.
Главни причини на несоницата се: анксиозност, внатрешна напнатост, страв, акутни стресни ситуации, како што се загуба на драга личност, губење на работа, болест во семејството, промена на работата или живеалиштето, разни нервози, некои болести на централниот нервен систем или психички болести, синдром на болка, злоставување.
На луѓето кои страдаат од несоница им е потребна посебна програма за заспивање. Препорака е да спијат во целосно мрачни соби и да легнуваат во исто време (околу 22 часот). Не би требало да јадат по 19 часот и би било добро да стануваат рано (околу 6-6.30 часот).
Иако на почетокот е многу тешко да се направи и да се спроведе ритуалот на одење на спиење, постојат работи кои помагаат, како, на пример, мирисни ламби со масло од лаванда, шолја топло млеко со малку цимет, слушање смирувачка музика, читање книга која не оптоварува. По опуштањето, препорака е пред спиење да се замрачи просторијата во која се спие и да се обидете да го опуштите умот, односно од мислите да ги отстраните грижите, планирањата и сè останато што оптоварува и му пречи на заспивањето.
Ако личноста има сериозен психоемоционален проблем, треба да побара стручна помош од психолог, да ја пронајде точната причина за оваа состојба и да работи на решавање на алармантната ситуација. Лековите треба да бидат последни на листата и да се земаат само по препорака на лекар, и тоа тогаш кога други методи не помагаат.
Пореметување на модерното време
Несоницата се смета за еден од најраспространетите проблеми на модерното време, бидејќи околу 10 насто од популацијата страда од хронично пореметување на спиењето, а дури 50 насто луѓе одвреме-навреме се соочуваат со тој проблем.
Причина може да бидат емотивни проблеми (стравови, фобии, грижи), прекини во дишењето за време на спиење при ՚рчење, но и преметен ритам на спиење, кога секој пат во различно време се легнува во кревет.
Несоницата се лекува со медикаменти препишани од лекар, но проблемот е што може да предизвикаат зависност и толеранција, па затоа обично се препорачуваат како крајно средство. Пред да посегнете по таблети за спиење и антидепресиви, секогаш треба прво трпеливо да се истрае во испробување различни и комбинирани методи на природно лекување несоница.
Помалку кофеин: Кофеинот го има во кафето, некои чаеви и безалкохолни газирани пијалаци, лекови за кашлица и настинка, во чоколадо, па треба да се обрати внимание бидејќи кофеинот, особено пред спиење, може да предизвика несоница.
Помалку шеќери: Консумирање колачи и слатки драстично го менува нивото на шеќер во крвта, што може да го поремети ритамот на спиење ако нивото на шеќер во текот на ноќта падне. Наместо слатка вечера, како палачинки со џем, крофни и слично, подобро е да се консумира парче риба и барен зеленчук. За заспивање помагаат и бананите и воопшто храна богата со триптофан, аминокиселини кои го поттикнуваат серотонинот.
Повеќе магнезиум: Магнезиумот е природен седатив, во има во јаткастите плодови, како бадеми, во пивскиот квасец, житните растенија, рибата, црното вино. Недостиг од магнезиум може да предизвика пореметување на спиењето.
Повеќе витамини: Витаминот Б6 добро влијае на сонот, го има во никулците на житните растенија, бананите, семки од сончоглед, црн дроб, а може да се зема и како суплемент.
В.К.