За креативните луѓе нема поубаво чувство од она кога со сопствени раце ќе направат нешто за себе, токму според сопствените желби.
Светлана Сушиќ
Боењето свилени марами дава безгранични можности за играње со боите, фантазијата и различните техники. Додека класичните техники подразбираат употреба на восок и користење рамки конструирани така што марамите ќе се распнат над нив, ние се одлучивме за нешто поедноставен пристап кој одзема помалку време. Трпението, секако, е неопходно при изработка на ова забавно хоби, но крајниот резултат секогаш вреди за вложениот труд.
Како да почнете?
Потребна ви е подлога со која ќе го заштитите мебелот при работата. Најлонот купен во продавница за бои има поволна цена, а можете да го користите повеќе пати. Кога веќе сте таму, не заборавајте да купите сунѓерести валјаци со носач, малку лепило за тапети и хартиена самолеплива лента. Боите за свила можете да ги набавите со специјализирани продавници за хобисти. На исто место најчесто имаат и убав избор на свилени марами во разни димензии. Потребно ви е и тенџере и некој пластичен сад, малку картон, ножички и неколку штипки.
Правење основа
Боите со кои работевме се на водена база (задолжително прочитајте го упаството пред да се впуштите во оваа креативна авантура). За основата ја избравме портокаловата боја. Со вода разредената боја се загрева до вриење и потоа марамата на кратко се потопува во врелиот раствор. За да избегнеме монотона еднобојна подлога, изведовме мал трик. Картонот го исековме на долгнавести правоаголници и потоа марамата ја мотавме околу тие ленти по принципот хармоника. Така добиеното снопче се фиксира со помош на ластичиња и штипки и потоа се нурнува во бојата. По кратко држење во боја, кога сме сигурни дека марамата целосно била натопена во бојата, додадовме неколку капки црвена (пошарено-повесело). Следува одмотување и сушење на воздух.
Додавање шари
Исушената марама раширете ја над заштитната подлога и фиксирајте ја со хартиена самолеплива лента. Со помош на таа лента направивме мрежа залепена за марамата, со идеја слободните полиња да бидат обоени во некоја друга боја. Боите многу лесно се разлеваат по свилата и тоа е одлично ако сакате да направите токму таква марама. Меѓутоа, ние сакавме да имаме дефинирани шари нанесени на основата. Трикот за постигнување на тој ефект се состои во мешање на боите со лепило за тапети. Лепилото растворете го во топла вода за да биде со кашеста структура и потоа додавајте концентрирана боја (во нашиот случај зелена, која убаво одговара на основата). Така подготвената боја нанесете ја со валјак над мрежата (од бројот на поминувања со валјакот зависи интензитетот на боите на шарата). Потоа отстранете ја лепливата лента.
Фиксирање на боите
Нашите бои се фиксираат со варење на пареа за време од три часа (според упатството). За тоа искористивме експрес лонец и подлога за варење на пареа. Марамата треба да се намота и да се фиксира со ластичиња за да не падне во водата. По тој процес следува перење, сушење и пеглање, и вашата лична, рачно насликана марама е подготвена за пролетна прошетка.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци