Фармацевти
Контакт

<< Назад

Никнување и нега на забите во раното детство

септември 29, 2015

[vc_column width="1/1"]

ШИРОКА НАСМЕВКА И ЗДРАВИ ЗАБИ

д-р Радмила Косиќ

Млечните заби се поправаат и се чуваат до излегување на трајните заби, тие на детето му служат за џвакање, правилен говор и правилна анатомија на вилицата

Околу третиот месец, бебето интензивно ги става рачињата во уста, а
родителите нетрпеливо бараат во непцата знаци на растење на првите заби и секоја промена на расположението, пореметување на создадените навики во хранењето и спиењето ги препишуваат на растењето на забите.

Времето, редоследот и придружните симптоми при никнување на забите, варираат. Детето може да се роди со веќе изникнато запче, а можеби и некое потполно здраво дете ќе го дочека првиот роденден без ниеден заб.

Нервозно или раздразливо однесување, зголемена температура, пролив, повраќање и исип неоправдано често се доведуваат во врска со промените во непцата. Секоја година голем број деца доаѓаат на педијатар со задоцнување, бидејќи родителите претпоставиле дека знаците од сериозна болест се само последица од никнување на заби.

Ако детето изгледа болно треба да се однесе на преглед без оглед во која состојба се запчињата кои никнуваат. Забите никнуваат по одреден редослед и отприлика околу 6 месец, но отстапките се големи дури и кај браќа и сестри во исто семејство.

Во првата половина од првата година ќе никнат обично долните, па
горните секачи – „единиците“, потоа „двојките“. Во деновите пред никнување ќе забележите мала, бледа испакнатина на непцето. Врвот кој пробива е остар, бидејќи предните заби имаат функција на гризнување, а не на џвакање.

Доенчето и без заби ефикасно џвака со непцето – не му давате само пасирана храна додека не ги добие сите заби. Џвакањето не служи само за подготовка на храната за варење, туку ја обликува вилицата и мускулите за говор. Растењето на предните, остри заби не предизвикува пореметување на општата состојба на детето – не го присилувајте да јаде, со бришење спречете го надразнувањето на кожата околу устата и дајте му „глодалка“. Постои широк избор на помагала кои можат да се разладат и да му се дадат на детето безбедно да ги грицка. Давање корка леб или јаболко треба да се избегнува, бидејќи бара постојан надзор. Не грижете се поради доењето – природата се погрижила положбата на вилицата и јазикот да го спречат да ве гризне без разлика на острите, штотуку изникнати заби.

По предните секачи обично ќе никнат и првите катници (четворки), потоа очните (тројки), па друг пар катници (петки). Детето до крајот на 2 година ќе наниже по десет заби во горната и долната вилица. Иако од никнувањето на забите нема да се разболи, растот на големите сплескани катници знае да предизвика незадоволство, раздразливост, одбивање на храната, будење ноќе...

Неволјата трае неколку дена и малку можете да му помогнете: дајте му сплескани изладени играчки кои може да ги држи во рака и да ги грицка, протријте му ги непцата со својот прст, дајте му една-две дози сируп против болка (парацетамол или ибупрофен)...Доколку има пролив, зголемена температура, се исфрла или се жали на болка во увото, однесете го на педијатар.

Кога еднаш ќе се нанижат забите еден покрај друг, ќе морате да водите сметка да не се задржи храна помеѓу нив. Поттикнувајте го детето да пие повеќе обична вода – тоа е најдобар начин да се измијат
остатоците од храна. Во првата година од животот внесот на млеко осигурува доволно калциум, а со превентивно давање витамин Д поволно се влијае на растот на забите.

Низа од по десет заби бара повеќе нега, а миењето станува дел од секојдневната хигиена. Секој заб има соседи, па е и поголема веројатноста за задржување храна помеѓу нив. Најлесно ќе ги исчистите со мала мека четкичка, со правилни движења. Инсистирајте на вечерно миење на забите, за детето да не ја помине ноќта со остатоци од храна помеѓу забите. Погрижете се по секој оброк да испие барем голтка обична вода, која ќе му ја измие устата.

За здравјето на забите најлоша е благата храна која се лепи за нив, како и давање шише сок или млеко во текот на ноќта. Ако му давате слатки, дајте му ги во текот на денот и инсистирајте брзо да ги изеде со задолжително миење на забите или макар голтка вода.

Доколку нема пореметување во положбата на забите и видливи аномалии во вилицата, посетата на стоматолог планирајте ја после првиот роденден. Во текот на втората година детето станува сè понезависно од вас и со задоволство ги прифаќа новите предизвици. Изберете стоматолог кој има искуство во работа со деца. Првата посета на стоматолог служи детето да се запознае со ординацијата и лекарот и добро е тогаш да нема потреба за лекување.

Редовен стоматолошки преглед подразбира советување во врска со изборот на четкички и пасти, а лекувањето ќе биде пократко и побезболно доколку кариесот се открие навреме. Не чекајте забоболка да го одведете на стоматолог – болката е знак дека сте пропуштиле долг период од површинскиот кариес, кој можел безболно да се поправи. Сигурно барем некогаш ве болел заб – дали сакате некогаш тоа да му се случи на вашето дете?

Млечните заби не се всадени во вилицата, но при силен удар може да паднат. Паднат или изместен заб може да се врати на место со брза стоматолошка интервенција, а доколку е оштетен нервот, забот ќе потемни. Оштетен или скршен заб може да го пресече јазикот или усната – во секој случај најдобро е после падот да го одведете на стоматолог.

Млечните заби се поправаат и се чуваат до излегување на трајните заби. Тие на детето му служат за џвакање, правилен говор и правилна анатомија на вилицата. Правилната исхрана, хигиената и редовните посети на стоматолог се единствен пат до здравјето на забите и убавата насмевка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>