Фармацевти
Контакт

<< Назад

НОВОРОДЕНЧЕ

септември 1, 2019

Првите триесет дена што се паметат

 

Новороденче е дете со старост до еден месец, а овој мал роденден не е избран без размислување.

 

автор: д-р Радмила Косиќ

педијатар

 

Во текот на бременоста за бебето кое треба да дојде на свет се грижела мајката во склад со своите навики и влијанието на надворешната средина. Во утробата на мајката бебето не дише самостојно, не зема храна, но живее во идеални услови со поволна температура. По раѓањето сè се менува во неколку минути. Со првиот здив крвотокот се насочува кон збогатување на бебешките бели дробови со кислород. Тие бели дробови мирувале девет месеци. Понатаму, новороденчето ќе мора да ја пронајде храната од мајчините гради, да ја свари и хранливите материи да ги спроведе со сопствената крвна струја до секоја клетка. Бебешкиот организам почнува да се грижи за своите основни потреби. Сè што е ново, поинакво во првите неколку месеци ќе стане вообичаено и познато.

 

Приспособување на новата средина

Новороденото дете има рефлекси, инстинкти и сетила кои, со задолжителна помош од родителите, ќе му овозможат да ги задоволи сите свои потреби. Природата се погрижила да биде способно да јаде, да дише, да кива, да кашла, да препознава звуци и болка... За разлика од младенчињата на другите цицачи, изгледа помалку подготвено за самостојно преживување во природа, сепак, доколку му е ладно, ќе плаче и ќе се тресе додека не го стоплат, доколку е гладно со плачењето ќе предизвика лачење млеко од мајчините гради, по мирисот и познатите звуци ќе го препознае сигурното опкружување во кое безбедно ќе потоне во сон. Долг е процесот на адаптација на кој ќе мора да се подложи штотуку роденото дете и семејството, да се запознаат и да сфатат колку се единствени во однос на околината, а и во однос на целиот свет.

Физиологијата на организмот на новороденчето не е иста како кај постарите деца. Во прашање е период на интензивно приспособување на условите од надворешната средина. За да дојде до тоа приспособување, потребна е низа од физиолошки и културолошки промени. Неискусните родители често ги збунува изгледот и однесувањето на штотуку родениот член на семејството. Она што е потполно нормално во изгледот и однесувањето на постарото дете може да биде знак за сериозна болест кај новороденото и обратно. Барајте објаснување од патронажната сестра или од педијатарот за сè што ќе ви се чини необично во однесувањето или во изгледот на бебето. Нема потреба да бидете вознемирени повеќе отколку што секако ќе бидете.

 

Параметри на нормално напредување

По породувањето прво ќе ви го соопштат полот на детето, породилните мерки, а тоа се тежина и должина. Нормалната породилна тежина, должината и обликот на главата варираат во однос на поднебјето и расата, како и од условите во кои живее семејството. Во нашето поднебје просечно новороденче е тешко околу 3.250 грама (момчињата се нешто потешки и подолги). Во првите неколку дена детето губи околу 10 % од породилната тежина, што многу брзо ќе се надомести со нормална исхрана. Во првите шест месеци ќе се удвои, а за една година тројно ќе се зголеми породилната тежина. Во првите месеци од животот зголемувањето на тежината (25-30 грама дневно) е одличен показател за добро здравје и правилно хранење. Главата изгледа непропорционално голема, а можно е и новороденчето да има необичен облик на главата поради положбата во текот на последните месеци од бременоста. Фонтанели се меки делови на главата каде што коските од черепот не се сраснати. Покриени се со цврста мембрана, но не се причина за посебна нега. Времето на потполно затворање на фонтанелите е многу индивидуално. Прецизно мерење на обемот на главата во советувалиштето е многу поважен показател за правилен развој на коските на черепот и растот на големиот мозок. Во текот на првата година овој обем ќе се зголеми за околу 12 см, земање превентивна доза од витамин Д нема значење врз брзината на затворање на фонтанелите.

 

Очи, уши и носе

Во првите недели од животот многу новороденчиња изгледаат шашливо. Всушност, тоа се кожни набори во внатрешниот агол од окото, а на родителите им се чини дека окото подлабоко влегува под капакот. Можно е и окото повремено да одлута, оваа појава се губи до крајот на шестиот месец. Секако, консултирајте се со педијатар или офталмолог. Во носот нормално се создава помала или поголема количина секрет, кој го менува дишниот звук. Доколку детето нормално јаде и не изгледа болно, нема причина за грижа. Родителите често претеруваат со испирање на носот со физиолошки раствор. Слузот и влакненцата во носот имаат функција на загревање, влажнење и прочистување на вдишаниот воздух. Природата не предвидела носните ходници да се мијат. После бањање избришете го само надворешниот, видливиот дел од ушната школка. Ушната маст има важна улога во функционирање на надворешното уво.

 

Прва контрола

Првиот преглед кај педијатар обично се прави со навршен еден месец. Освен мерење на тежината, должината, обемот на главата и градниот кош, педијатарот врши детален преглед за да установи дали кај новороденчето постои некое отстапување од физиолошките обележја за таа возраст. Со стетоскоп се слуша работата на срцето и белите дробови, со нежен преглед се мери положбата на црниот дроб и слезината. Невролошкиот преглед докажува постоење примитивни рефлекси. Сите овие рефлекси имаат прифатливо време на појавување и исчезнување и означуваат правилно созревање на бебешкиот нервен систем. Искористете ја секоја посета во советувалиштето да ги разрешите сите недоумици поврзани со изгледот, однесувањето и напредувањето на бебето. Ова е возраст кога зголемената температура, одбивањето храна или пореметување во однесувањето бараат советување со педијатриска сестра или педијатар. Почитувајте го својот инстинкт, постапувајте со новороденчето во склад со сопствените убедувања и навики. Уживајте во овој период, кој трае само еден месец, но ќе ви го промени целиот свет.

 

 

Нега на бебешката кожа

Кожата на новороденчето е розеникава, понекогаш обрасната со ситни влакненца. Кај родителите со потемен тен често гледаме акумулација на пигментот на задната страна од телото ‒ монголските пеги со текот на времето стануваат помалку уочливи и немаат никакво прогнозирачко значење. Лупењето на кожата е најупадливо на темето. Теменицата лесно се симнува со нежно четкање на темето премачкано со масло. Бидете умерени со употреба на агресивни шампони, купки, пудри или влажни марамчиња. Сè повеќе деца имаат сува кожа, со првут, испукана, склона кон егземи. Определете се за проверен произведувач, без парфеми и парабени, а, секако,  во должината на траењето на капењето и мачкањето на нежната кожа бидете умерени.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>