Фармацевти
Контакт

<< Назад

НУРКАЊЕ ВО ПЕШТЕРИ

јули 1, 2018

Возбудливо и опасно

 

Постојат луѓе на кои обичното нурнување во синилото не им носи доволно возбудување. Подводните пештери им го нудат токму тоа за што трагаат.

 

Автор Велибор Токовиќ

 

Недостапните места на нашата планета отсекогаш ги интригирале љубопитните меѓу нас. Неистражените копнени пространства со текот на времето се намалувале. Фокусот на јавноста со вселенските летови е свртен кон ѕвездите, и дури во последниве дваесетина години се зголемило интересирањето за подводниот свет. Широката јавност главно се прашувала што има под брановите дури по гледањето на филмот „Титаник“.

Нуркањето како рекреативна активност има бројни поклоници ширум планетава, а туристичките центри во својата понуда обично имаат тури за нуркање кои вклучуваат брзинска обука за користење основна опрема.

 

Придонесот на Жак Кусто

Оваа забава не би била можна без изумот од 40-тите години од минатиот век. Во неговото создавање учествувал и прославениот истражувач на океаните Жак Ив Кусто, а на јавноста и е претставен под името „Aqua-Lung“ (бели дробови за во вода). Станува збор за еден од првите уреди кои на нуркачите им дозволувале автономно движење под вода. Сите дотогашни изуми вклучувале црево низ кое до нуркачот стигнувал воздух испумпуван со помош на механизми сместени на површината. Должината на цревата го одредувала и опсегот на движење под вода. Посебно ризични биле острите подводни карпи, се случувало да го оштетат доводот на воздух, што во многу случаи било еднакво на смртна пресуда за оној кој зависел од тој воздух. И токрај тоа луѓето се впуштале во испитување на подводните пештери и пред откритието на Кусто.

 

Британска група за нуркање во пештери

Поплавените пештери на локацијата Мендип Хилс во Сомерсет претставувале вистински предизвик за неформална група храбри Британци. Тие во текот на 1935 година организирале експедиција која требало да го истражи овој локалитет. Џек Шепард бил избран за влегување во мистериозниот подводен свет, а целиот потфат го пренесувал и Би-би-си, што носело исклучително возбудување на илјадници слушатели. Шепард користел стандардно одело за нуркање за тоа време, со голем скафандер, што го ограничувало пристапот во тесните премини. Повеќето од опремата била самостојно изработена, а воздухот до нуркачот стигнувал со помош на стара пумпа за велосипед, посебно преработена за оваа намена. Делот од екипата која помагала околу транспортот на опремата интерно го носел името „шерпаси“, аналогно на припадниците на народот Шерпас кои се традиционални помагачи на алпинистите при качувањето на Монт Еверест. Групата ги продолжила своите истражувања по Втората светска војна, користејќи ги сите предности на напредокот во изработката на опрема за нуркање (овој прогрес настанал првенствено благодарение на воените потреби, но набрзо наишол на голема примена во цивилните активности). Британските подводни пештери и денес се едно од најатрактивните места за љубителите на овој спорт.

 

Опасни седумдесетти

Флорида, исто така, е високоценета во круговите на љубителите на овој спорт поради своето подводно пештерско „богатство“. Во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век многу нуркачи решиле да се обидат да ги испитаат сопствените способности нурнувајќи се во тесни отвори, со кои овој дел од светот изобилува. Многу од нив во таа авантура се впуштале без никакви претходни подготовки, што за последица имало загуба на над стотина животи во текот на таа декада. Ситуацијата станала толку сериозна што државата Флорида имала намера апсолутно да го забрани нуркањето, не само во подводните пештери, туку и во нивната околина. Здруженијата на љубители на овој спорт реагирале со отворање голем број тренинг центри, како и со воведување систем на правила кон кои морале да се придржуваат сите кои сакале да ѕирнат во таинствениот свет на длабочините. Овие напори вложиле со плод, така што веќе во почетокот на осумдесеттите години несреќните случаи станале исклучително ретки, а тој тренд продолжил до денешен ден. Кон позитивен развој на ситуацијата, секако, придонел и технолошкиот напредок на опремата.

 

Посебна техника

Стандардната опрема за нуркање не исполнува сè што е потребно за нурнување во пештера, па затоа е развиена посебна опрема за овој вид нуркање. Техниката на нуркање, исто така, се разликува. Од нуркачот се очекува да се движи предизвикувајќи што помалку турбуленции за да не ја замати водата, во и онака, мрачниот простор. Обуката е неопходна, а секој успешно совладан дел од тренингот може да има клучна улога доколку нешто тргне наопаку. Во повеќето случаи овде не е можно да се исплива на површината директно кон горе, туку е неопходно да го поминете истиот пат по кој сте и дошле. Тоа бара внимателно планирање и добра процена на количината кислород во боците. Сепак, кога еднаш ќе нурнете во волшебниот свет на подводните пештери, ќе сфатите дека целиот вложен напор се исплати.

 

Најубави подводни пештери, од Бразил до Русија

Анхумас, Бонито, Бразил

На врвот на тесниот тунел висок околу 70 метри се наоѓа мал отвор низ кој сонцето продира во пештерата исполнета со кристално чиста вода во текот на краток период. Тоа е влез низ кој дневно смеат да поминат до 25 луѓе кои добиле дозвола за дружење со бројните јата риби. Кога еднаш ќе влезете во нивното царство имате можност да нуркате до 25 метри длабочина. Периодот од декември до март е идеален за посета на оваа локација.

 

Ел Ценоте, Плажа Гирон, Куба

Овој сплет на длабнатини во варовничко тло сè уште не е во целост истражен. Неговите бочни пукнатини се протегаат до најмалку 70 метри длабочина, а претставува врска помеѓу морето и големо езеро. Можно е да се помине низ тунел со должина од 800 метри, а во текот на нуркањето ќе сретнете многу риби кои инаку живеат во околните корални гребени. На посетителите своите убавини им ги нудат и бројните камени формации со интересен облик.

 

Пештерата Орда, Перм, Русија

Лоцирана на источните падини на Урал со над 5 километри должина, Орда е најдолгата гипсена пештера во светот. Тесните премини се менуваат со големи простории, а каде и да погледнете ќе видите непрегледни бели ѕидови. Посебноста на ова место е непрекинатата промена на изгледите на ѕидовите со оглед на тоа што гипсените наслаги се раствораат и повторно се таложат, давајќи им на посетителите секој пат одново сосем нов облик на увид. Поголемиот дел од пештерата сè уште е неистражен, а за да се впуштите во откривањето на нејзините тајни е потребно да бидете сертифициран нуркач во пештери.

 

Ценоте Анѓелита, Тулум, Мексико

Полуостровот Јукатан буквално има илјадници отвори исполнети со вода. Ценоте Анѓелита содржи и солена и слатка вода. Овие слоеви се раздвоени со облачеста структура составена од водород сулфид, кој овозможува протекување на единствената река под океанот.

 

 

Пештерата Нерео, Алгеро, Сардинија

Најголемата подводна пештера во Средоземното Море со својата убавина привлекува нуркачи од целиот свет. На нејзините лакови и тунели обично се приоѓа нурнувајќи на околу 30 метри длабчина, каде се наоѓа еден од влезовите. Од таму се качувате низ тунел до просторија исполнета со вода и дневна светлина која допира низ други отвори. Оваа локација претставува одличен начин да се запознаете со нуркањето низ подводните пештери со оглед на тоа дека не поставува претерани  барања пред нуркачот.

 

Само за избрани

Покрај сите убавини и возбудувања кои нурнувањето во непознатото ги носи, овој спорт дава и одредено чувство на посебност на оние кои се занимаваат со него. Поради комбинација на многу елементи, ова не е активност со која може да се занимава просечен нуркач. Според некои проценки, помалку од еден процент активни нуркачи поседуваат знаења и вештини потребни за стекнување официјален сертификат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>