[vc_column width="1/1"]Боси и слободниМарија Јоксимовиќ
Најпознатиот лекар од стара Грција, Хипократ, рекол дека одењето е најдобар лек за човекот, па искористете го летното време за прошетки во удобни обувки, а можете и да се собуете и да одите боси по песокот, или по земјена патека, преплавени од чувството на слобода и освежување
Некогаш луѓето секојдневно оделе боси по трева, песок, камења, плажи и тоа била природна акупресура на стапалата, здрав контакт со Земјата, за кој многу, како д-р Гари Шварц од Универзитетот Аризона, веруваат дека е битен колку и сончевата светлина, водата и воздухот. Професор Шварц овој директен контакт со земјината површина го нарекува „заземјување“ и тврди дека површинската енергија на земјата „има значајна здравствена корист“, бидејќи ја подобрува циркулацијата и го намалува стресот, па затоа го карактеризира и како „витамин З“ („з“ од земја).
Се разбира дека денес од многу оправдани причини не можеме да одиме боси секаде како што правеле нашите прапредци, но летното време е идеална прилика барем понекогаш да прошетаме без обувки. Не треба да нè изненади ако првите чекори ни се невешти и болни, бидејќи како што ние често забораваме на нашите стапала, вечно заробени во чорапи и чевли, така и тие ја „заборавиле“ таа природна вештина на босоного одење. За почеток, изберете некоја мека подлога како песок и храбро чекорете, слушајќи го телото. За кратко време ќе бидете во состојба да одите по разни површини, како што се камчиња, нерамни стази или земјени стази. Ќе почувствувате како мускулите и зглобовите ви стануваат поцврсти, телото релаксирано, а умот преплавен со пријатно чувство на слобода и освежување, што е поента на одморот. И барем тогаш нека не ве загрижува задебелената кожа на табаните и петите, бидејќи поради таа природна заштита нерамнините помалку „боцкаат“, а стапалата лесно ќе ги доведете во ред со пилинг од крем и песок, кој сами можете да го направите додека седите на плажа.
Меѓутоа, колку и да е одењето без обувки здраво и пријатно, тоа не е секогаш безбедно (врел асфалт, остри камења, лизгав и влажен терен, стакло, трње, кал, нечистотии и др.,), па обувките ни се потребни како заштита, но и како елемент на аутфит, на пр., со елегантен летен фустан. Да видиме тогаш кои се тие летни обувки кои ќе придонесат да се чувствуваме добро и со леснотија да се движиме во топлите денови.
АПОСТОЛКИ: Иако првобитните се правени со дрвен ѓон, денешните се прават со подлога од сунѓер. Шарени, лесни и меки, се чини дека се идеални летни обувки, бидејќи освен ленти во облик на латинската буква В, стапалото е слободно и на воздух, а бескрајната палета на бои во кои се изработуваат, плус ниската цена, овозможуваат согласување со боите од летната облека. Меѓутоа, стручњаците не ги препорачуваат за долготрајна употреба, бидејќи при одење прстите на нозете се грчат, а мускулите и тетивите работат повеќе од обично, што со време може да предизвика тендинитис, воспалителен процес во мускулните тетиви. Апостолките не го држат зглобот, ногата во нив „шета“, па таквата позиција на стапалото може да создава проблеми на лакот на стапалото, петите и прстите, а постои и непријатна можност да се шине зглоб. Исто така, долготрајното носење апостолки наметнува специфично одење, кое може да предизвика проблеми со колковите и грбот. Сè ова, се разбира, не значи дека треба да се откажете од своите омилени апостолки, туку само да ги носите со мерка и дозирано, отприлика како и високи потпетици.
ЕСПАДРИЛИ: Се прават од платно и кожа, а „вистинските“ имаат ѓон од плетен коноп, иако се распространети и варијанти со гумен ѓон. Без разлчика дали се цветни, со точки, со линии или еднобојни, тие просто не излегуваат од мода веќе околу 4 000 години, колку е стар еден пар еспадрили од јута, кој се чува во археолошкиот музеј во Гранада. Еспадрилите се удобни и добри летни обувки, а особено ако се од платно или плетени, со ѓон од природен материјал, бидејќи во нив кожата дише, а даваат и поголема стабилност при одењето од апостолките, па се препорачуваат за подолги прошетки.
БАЛЕТАНКИ: Родени од класичните балетски патики за девојчиња кои одат на танц, балетанките биле и веројатно останале најсимпатични женски обувки, уште од времето кога ги прославила Одри Хепберн во својата прва филмска улога во 1953 година. Тоа бил филмот „Празник во Рим“, во кој прекрасната актерка на нозете имала балетанки кои ги креирал Салваторе Ферагамо. Веќе наредниот модел на овие прилепени, рамни чевли Ферагамо едноставно ги нарекол „Одри“, и еве веќе 62 години жените од целиот свет ги обожуваат. Удобни, стабилни и лесни, балетанките отсекогаш се омилена инспирација на креаторите на модни обувки. Не поминале ни три години од „Празник во Рим“, креаторот Росе Репето дизајнирал модел „Пепелашка“, за Брижит Бардо, која во овие балетанки, кои едвај ги прекривале прстите, заиграла во филмот „И бог ја создаде жената“, правејќи од нив моден хит шетајќи се по улиците на Сен Тропе. Двобојни, црнобели балетанки, заштитен се знак и на куќата Шанел. Денес балетанките живеат во безброј варијанти, ги има дури и со сатенски ленти, кои неодоливо потсетуваат на оние од балетските сали. Ги носат мали девојчиња и возрасни жени, и славни личности во обични и свечени прилики. Режисерката Софија Копола носеше балетанки на доделување на Златен глобус, манекенката Кејт Мос во нив се слика за насловни страници на магазини, а милиони дами ги носат по улиците на градовите во светот.
САНДАЛИ: Прв пат направени пред многу илјади години во пределите со топла клима, сандалите никогаш не излегле од мода уште од времето кога ги изработувале од папирус. Еден таков прастар модел, стар 4 000 години, се чува во музеј во Каиро. Денес постојат во безброј варијанти, со потпетица или без, од сосема отворени модели со тенки ремчиња до речиси затворени и секогаш актуелни креации на Коко Шанел, кои ги покриваат прстите и имаат отворена пета. Како елегантни обувки за навечер, сандалите со висока потпетица и отворени прсти, прв ги промовирал дизајнерот Андре Перуџа, и предизвикал вистински моден скандал, бидејќи пред него јавното покажување на прсти од нозете се сметало за многу невкусно. Перуџа со почетокот се бранел со приказната „дека градбата на стапалата открива многу за женската личност“, а денес неговите сандали се синоним за гламур и ги носат подеднакво обичните жени и холивудските диви. Планетарно се полуларни и многубројните спортски варијанти, со анатомски ѓон и ремчиња кои можат да се приспособат на секоја нога, ги носат децата и возрасните за подолги прошетки, какви препорачувал и прочуениот лекар од стара Грција, Хипократ, кој рекол дека одењето е најдобар лек за човекот, а во своето прочуено дело Corpus Hippocraticum лекувањето го свел на одмор, диета и вежби.
Обувки за фараони
Постојат докази дека првиот пар чевли од кожа е направен во Ерменија, пред 3 500 години, но се смета дека луѓето правеле обувки уште пред 40 000 години, иако археолошки наоди нема. Доказ за ова тврдење е тоа што прстите на стапалата почнале да се намалуваат. Првобитните обувки имале иста практична функција која ја имаат и денес, а тоа е заштита на нозете, пред сè, од остри камења, но и од студ. Различни народи ги правеле обувките од различен материјал, па така старите Египќани ги правеле чевлите од папирус и лист од палми, Индусите од дрво, јужноамериканските Индијанци од коноп и јука, северноамериканските од животинска кожа.
Многу стари цивилизации, особено оние од топлите краеви, обувките ги сметале за непотребни. Грците, Индусите и Египќаните оделе боси. Многу грчки богови се прикажани како босоноги, а во Египет обувките биле резервирани за фараоните. И во минатото доста се внимавало на модата и украсувањето, како индијанските мокасини со богата орнаментика, или прочуените „чевли на Клеопатра“, непрактични и без заштитна функција, но модерни во тоа време и направени за специјални прилики и покажување.