Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОЧИЛА ЗА СОНЦЕ

јули 1, 2018

Неопходни за добар летен изглед

 

 

Очилата за сонце одамна престанаа да бидат само средство за заштита од силното светло. Тие се незаобиколен моден детаљ кој го дефинира вашиот стил.

 

Автор: Милица Ѓокиќ

 

Приказната за очилата за сонце своите почетоци им ги должи на моржевите. Поточно кажано, на нивните бивни слични на слонова коска. Не знаеме колку на моржевите, всушност, им пречело сонцето, но токму од овој материјал уште од  праисториско време Инуитите, или Ескимите, правеле очила со ниски процепи за да ги заштитат своите очи од сончевите зраци одбиени од блескавата снежна подлога.

 

Од Рим до Кина, и назад

Следните историски траги нè водат до личноста која во историјата на стариот Рим оставила последици слични на влегување на моржот во работилница за оптика. Римскиот цар Нерон, според некои извори, гладијаторските борби ги набљудувал низ кристали од благородни камења. Меѓутоа, некои историчари не се сложуваат со ова толкување и ја застапуваат тезата дека тој мазната површина на оваа скапоценост ја користел како огледалце со помош на кое се воодушевувал на сопствениот „божествен“ лик, додека борците во арена меѓусебно се тепале. Во секој случај, одблесокот од запалениот Рим сигурно било тешко да се набљудува без затемнети стакла.

Првите проверени податоци за помасовно користење на нешто што потсетува на денешните очила за сонце нè водат во Кина и XII век. Рамните плочки направени од одреден вид кварц немале УВ заштита, не нуделе ни корекција на видот, а, сепак, станале популарни. Посебно ги сакале судиите кои ги користеле за да ги скријат очите од испитување на обвинетите. Очилата за сонце и денес го даваат тој вид на „cool“ изглед кој оневозможува директен контакт со очите и дава одредена доза на мистериозност. Ова е и причина поради која овој моден детаљ е многу популарен кај професионалните играчи на покер. Додека сè уште сме во Кина, ќе го споменеме градот Ксиамен. Тоа е град од чие пристаниште во светот годишно испловуваат околу 120 милиони очила со затемнети стакла. Тоа го прави светски центар за производство на овој моден детаљ. Италија сè уште дава немерлив придонес на дизајнот и лансирањето нови трендови.

 

Боени стакла како лек

Нешто поблиску до денешните времиња наидуваме на први примероци од обоените стакла, многу слични на она што денес го подразбираме под терминот очила за сонце. Во половината на XVIII век Џејмс Ејско, англиски оптичар и изработувач на микроскоп, претставил очила со дршки кои со стаклата се споени со помош на шарки. Покрај проѕирни стакла тој понудил и обоени во сино или зелено. Советувал и давал помош во решавање одредени очни проблеми. Ова се смета за современ претходник на денешните очила за сонце. Од тоа време датира и документиран запис за некој кој редовно користел вакво помагало. Станувало збор за Антоан Лавоазје, прочуен научник. Во текот на XIX век затемнетите стакла често им се препишувани на заболени од сифилис поради зголемена чувствителност на светлина. Тоа е само една од бројните негативни асоцијации на темните стакла, а очилата за сонце во следниот век, покрај сè, успеале да стекнат и да одржат неверојатна популарност.

 

Филмска магија и масовно производство

Во почетокот на дваесеттите години од минатиот век тие станале нераскинливо поврзани со појавата на нови херои – филмски глумци. Ѕвездите на раните денови на кинематографијата ги носеле од помодарство, но и од практични причини. Првобитното осветлување користено при снимање предизвикувало интензивно црвенило на очите, како она што се појавува при користење апарати за заварување. Глумците со денови после снимањата имале проблеми со излегување на посилно дневно светло. Развојот на новите технологии довел до отстранување на причините на овој проблем, но темните стакла до денес останале во цврста врска со црвениот тепих и останатите филмски симболи.

 

Целулоидот, материјал на кој е создадена првобитната филмска магија, станал заслужен и за првото масовно производство на очила за сонце. Создаден во половината на XIX век како синтетичка замена за слонова коска, целулоидот имал доволно ниска цена, од една, и доволна добра особина, од друга страна, што го направил идеален за масовно производство. Сем Фостер бил американски претприемач кој се занимавал со пластични маси веднаш после завршувањето на Првата светска војна. После бројни експерименти, како и голем успех во производството на чешли за коса, тој во 1929 година покренува производство на целулоидни обоени стакла. Првиот пазар го пронашол на плажите на Атлантик Сити, а за помалку од десет години во САД биле продавани околу 20 милиони чифта очила за сонце годишно. Од тој период потекнува и патентот за поларизирани стакла кој во 1936 година на свое име го заштитил Едвин Х. Ленд, под името Полароид.

 

 

Сите можат да бидат „cool“ со очила за сонце

Во следните години очилата за сонце стануваат составен дел од опремата на пилотите, возачите, алпинистите и истражувачите, спортистите, па дури и космонаутите. Главните промотери на брендовите, сепак, како и денес, биле регрутирани од светот на шоубизнисот. Некои од класичните дизајни на рамки, како оние предимензионирани, пилотски, „ленонки“ и „мачји очи“, или од типот Wayferer, опстануваат со децении. Големите играчи на пазарот во минатите децении, покрај стандардните проблеми со плагијаторите, се сретнале и со конкуренцијата  составена од бројни млади „лавови“ на дизајнот, чии модели често имаат рамки изработени од рециклирани материјали. Стари скејтборд штици, или оние за сноуборд, фрлено дрво, метал собран од отпад и претопен во нови дршки, сè тоа се материјали кои на сопственикот на очила му даваат повод своето помагало да го претставува како нешто единствено. Експлозијата на хистерски поткултури во многу придонела кон ширење на тој тренд. Рамките, пак, благодарение на модерните технологии, понекогаш се сведени само на дршки и врска помеѓу стаклата. Како контраст на рециклираното дрво стојат оние изработени од титаниум и други „вселенски“ метали. Денес изборот е навистина голем, но важно е да поведете сметка за квалитетот на стаклата и заштитата која ќе ви ја овозможат. Високата цена не мора секогаш да биде пресуден фактор, многу е поважно очилата да ги набавите кај проверен оптичар кој ќе ве упати во степенот на заштита која

ќе ви го даде новиот украс на вашето лице.

 

Европски стандарди

Производите кои ги исполнуваат европските стандарди за очила за сонце носат ознака СЕ. Стандардот EN 1836:2005 пропишува ознаки „О“ за недоволна УВ заштита, „2“ за доволна УХВ заштита, „6“ за добра и „7“ за целосна УХХВ заштита, што значи дека пропуштаат помалку од пет проценти бранови должини до 380 нм.

 

Покрај правилата поврзани за употреба на нетоксични материјали и незапалливост, пропишано е на рамките да се наоѓаат следните ознаки:

 

Категорија 0: пропустливост 80-100%, за внатрешна употреба и облачни денови

Категорија 1: пропустливост 43-80%, за изложеност на слабо сонце

Категорија 2: пропустливост 18-43%, средно ниво на јачина

Категорија 3: пропустливост 8-18%, за силно сонце, светло одбиено од вода или снег

Категорија 5: пропустливост 3-8%, за интензивна заштита, на глечери и високи планини, да не се употребува при возење.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>