Правилно лекување без компликациид-р Александар Грбовиќ
За настинката да не премине во воспаление на синуси, потребно е да се контролира затнатоста на носот со употреба на капки и да се внесува доволно течности во организмот за да си го олесниме исфрлањето на секретот, а за лековите за олеснување на симптомите треба да се консултираме со лекар или со фармацевт
Кивање, кашлање, температура и главоболка, сè се тоа типични симптоми на настинка. А кои се симптомите на воспаление на синуси? Кивање, кашлање, температура и главоболка? Исто? Не! Иако делат ист „терен“, а тоа е горниот респираторен тракт, и иако имаат практично исти симптоми, сепак, ги разликуваме, како што знаеме на кој начин да спречиме една лесна настинка да премине во многу непријатно и болно воспаление на синусите.
Горниот респираторен тракт можеме да го замислиме како голем систем од празнини и канали кои меѓусебно комуницираат и во кој спаѓаат носот, синусите (кои ги има четири пара), Евстахиевите туби, средното уво, усната празнина, гркланот и душникот. Евстахиевите туби се канали кои го поврзуваат грлото и средното уво ‒ крцкање во ушите при зевање е, всушност, звук на меурчиња од воздух кои минуваат низ нив. Значи, сè е поврзано, и воспалението од едно место лесно се пренесува на друго.
Кога зборуваме за настинка, мислиме на воспаление кое ги зафаќа слузницата на носот и грлото. По својата локализација, настинката го зафаќа централниот дел на горниот респираторен тракт и многу често се случува воспалителните промени да се прошират на други делови од респираторниот тракт, најчесто на синусите, а неретко и на средното уво (воспаление на увото) или душникот (бронхитис).
Синусите се, всушност, празнини обложени со слузокожа, сместени во коските на лицето. Со тесни канали се поврзани со носот. Кога ќе се развие настинка, слузокожата отекува, а каналите кои ги поврзуваат синусите со носот се затнуваат. Вака „изолирани“, синусите се одлично тло за развој на воспаление, т.е. синузит.
Настинка
Настинката најчесто почнува со зголемена телесна температура, течење и затнат нос (бистра секреција), потоа кашлање, а неретко се јавува и главоболка. Пациентите често ја опишуваат главоболката како некоја неодредена болка во пределот на целата глава или „зад очите“, а неретко и само како неодредена непријатност („тешка глава“). Сите овие симптоми можат да бидат помалку или повеќе изразени, а некои можат и потполно да изостанат. Едноставно, различни луѓе имаат различни симптоми. Вирусната настинка трае околу седум дена и за тоа време е потребно да се користи симптоматска терапија за тегобите да се олеснат и да се избегне компликација на болеста. Користењето терапија не го скратува времето на траење на настинката, но значајно ја намалува шансата за развој на компликации и интензитетот на симптомите.
Воспаление на синуси
Воспалението на синусите најчесто се развива неколку дена после почетокот на настинката. Симптомите главно се совпаѓаат со веќе наведените симптоми на настинка. Сепак, постојат одредени разлики:
Главоболка: Најчесто станува збор за главоболка во пределот на челото или околу носот. Типично е да се интензивира при кашлање, „дување на носот“, наведнување нанапред или при премин од топла во ладна средина (излегување од дома) и обратно (влегување од надвор во топла просторија). Често има пулсирачки карактер.
Оток и болка над воспалените синуси: Овој симптом е чест придружник на синузит. Во некои случаи кожата над зафатените синуси е отечена, црвена и болна, а кај некои пациенти при притисок на воспален синус се јавува болка. Задолжително да се јавите на лекар во случај да го забележите овој симптом!
Секрет од носот: Секретот може да биде бистар, слузест, и тоа е знак на вирусни инфекции или алергиски реакции. Зелен, густ, „жилав“ секрет, кој тешко се исфрла, зборува во прилог на бактериска инфекција која најчесто се лекува со антибиотици, па во вакви случаи би требало да се консултирате со лекар.
Како да се спречи воспаление на синуси? Така што правилно ќе ја лекуваме настинката!
Во разговор со своите пациенти, лекарите многу често слушаат за различни начини на лекување настинка, народна медицина и други начини кои имаат за цел да се избегне употребата на лекови затоа што „лековите се хемија“. Во пракса, алтернативните методи на лекување ретко го даваат посакуваниот резултат, не ги спречуваат компликациите, можат дополнително да ја искомплицираат здравствената состојба, а многу често се и непријатни.
Правилно лекување на настинка и спречување на воспаление на синусите подразбира:
Носот да биде одзатнат цело време додека трае настинката ‒ за оваа цел се користат капки за нос. Тие доведуваат до намалување на отокот на слузницата и го нормализираат дишењето, и овозможуваат да се сочува комуникацијата на синусите со носната празнина. Не треба да се користат подолго од 7 до 10 дена.
Доволен внес на течности – за да го олесниме „исфрлањето“ на секретот кој засилено се лачи во текот на настинката, многу е важно да се внесува доволно вода. Недоволно течности во телото доведува до создавање густ и леплив секрет кој тешко се отстранува (исто како што и плунката станува густа и леплива кога сме жедни).
Лекови за намалување на температура и болка и степен на воспаленија во телото: Најпознати лекови од оваа група се ацетилсалицилна киселина, ибупрофен и парацетамол. Сите три се достапни под разни комерцијални имиња, а за нивната употреба треба да се консултираме со лекар или со фармацевт.
Кога да посетиме лекар?
Ако инаку сте со добро општо здравје, моментално имате симптоми на настинка и не се лекувате од некои други болести, најдобро би било неколку дена да одлежите и да преземете мерки за правилно лекување на настинка. Во случај да не ви е подобро и покрај преземените мерки, јавете се кај својот лекар.