Воспаление на панкреасот и лекувањеРаното откривање и дијагнозата панкреатитис овозможува брзо воведување терапија и поволно влијае на исходот од лекувањето. Се препорачува избегнување консумирање алкохолни пијалаци, регулирање на исхраната и вредностите на мастите во крвта, како и редовни ултразвучни прегледи на абдоменот и лабораториски анализи барем еднаш годишно
д-р Немања Биџиќ
спец. по абдоминална хирургија
Панкреас е збор од грчко потекло. Називот го добил врз основа на изгледот (пан-сè, креас-месо), кој се разликува од изгледот на цревата и другите шупливи органи, бидејќи овој орган е целиот од паренхими и нема внатрешен лумен. Панкреасот има функција во варењето на храната и во метаболизмот, односно прифаќање на хранливите материи, складирање и потрошувачка.
Оновните два дела се егзокрин панкреас, кој со излачувањето на своите ензими во дигестивниот тракт го подобрува варењето на храната, и друг, помал но не и помалку значаен дел, ендокрин панкреас, кој ги секретира хормоните во крвотокот и регулира одредени процеси на метаболизмот. Меѓу болестите кои се последица на нефункционалност на ендокриниот панкреас на прво место е шеќерната болест. Како резултат на неадекватна функција на егзокриниот панкреас нема ни адекватно варење на храната, па и покрај нормалната исхрана доаѓа до потхранетост, што може понатаму да влијае на појава на многу заболувања.
ВОСПАЛЕНИЕ НА ПАНКРЕАСОТ: Панкреатитис означува воспаление на панкреасот. Постојат два основни облика на воспаление на панкреасот, акутен и хроничен панкреатитис, кои доста се разликуваат по природата и текот на самата болест, механизмите на настанување, а особено по симптомите и начинот на лекување.
АКУТНО ВОСПАЛЕНИЕ: Акутниот панкреатитис е нагло настанато воспалително оштетување на ткивата на панкреасот, па и симптомите на болеста настануваат нагло, за неколку часа. Многубројни се причините за појава на ова заболување, но како најчести се наведуваат постоење камен во жолчното кесе и жолните канали и претерано консумирање алкохол. Од останатите битни фактори треба да се истакнат покачени вредности на мастите во крвта, некои вирусни инфекции, повреди, генетски фактори и друго.
СИМПТОМИ: Основен симптом на болеста е исклучително јака болка во горниот дел на стомакот, толкава што пациентите ја опишуваат како „најјака болка која ја имале некогаш во животот“. Болката е од појасен карактер, тупа и трае со часови. Од останатите симптоми најчести се мачнина и повраќање, а во зависност од тежината на заболувањето и слабост, изнемоштеност, бледило на кожата, облеаност со студена пот.
Пациентите со вакви тегоби мора веднаш да се обратат во најблиската ургентна медицинска установа, бидејќи акутниот панкреатитис, за среќа во многу мал број случаи, може да биде исклучително тешко заболување кое може да заврши со смртен исход. Раното откривање и дијагноза на акутен панкреатитис овозможуваат брзо воведување на терапија и може поволно да влијаат на исходот на лекувањето.
ДИЈАГНОЗА: Конечната дијагноза се поставува во специјализирани установи. Освен тегобите кои пациентот ги има, како и прегледот од лекарот, клучно во поставувањето дијагноза е биохемиското испитување на серумот на вредности на панкреасните ензими (липаза и амилаза). Со оглед на можноста за потешки облици на заболувањето и неповолна прогноза, акутниот панкреатитис задолжително се лекува во болнички услови.
ПРЕВЕНЦИЈА: Она што лекарите најчесто го советуваат е елиминирање на променливите ризик-фактори за појава на ова заболување. Најбитно е избегнување консумирање алкохолни пијалаци, регулирање на исхраната и вредностите на мастите во крвта, како и задолжителен преглед од абдоминален хирург во случај на веќе верифицирана калкулоза во жолчното кесе или жолчните канали. Се препорачуваат редовни ултразвучни прегледи на абдоменот и лабораториски анализи кај лекар по општа пракса барем еднаш годишно.
ХРОНИЧНО ВОСПАЛЕНИЕ: Хроничниот панкреатитис настанува постепено, во текот на низа години, и претставува насобирање мали оштетувања на ткивата на панкреасот и како резултат на тоа, создавање лузни на целиот орган што е иреверзибилен процес и не може да се излекува. Како најчест и најбитен предизвикувач на хронично воспаление на панкреасот треба да се истакне хронично консумирање поголема количина алкохол. Останатите фактори се ретки, а меѓу нив најзначајни се генетските.
СИМПТОМИ: Симптомите на оваа болест се последица како на пореметена функција на ендокриниот така и на егзокриниот панкреас. Клучен симптом е болката! Болката која се јавува е лоцирана во горниот дел на стомакот и може да се шири кон ’рбетот, со тап карактер е и најчесто е провоцирана од обилен оброк или консумирање алкохол. Како последица на недоволно излачување на панкреасните ензими во дигестивниот тракт доаѓа до губење на телесната тежина и пореметена апсорпција на хранливите материи. Чест е измет со пролив, авитаминоза и некои болести на метаболизмот. Поради оштетувања на ендокриниот дел на панкреасот доаѓа до дијабетес тип 2, а подоцна и инсулин зависен дијабетес.
ЛЕКУВАЊЕ: Сите овие пореметувања настануваат постепено и пациентите исклучително тешко ги забележуваат, па од пресудно значање во поставувањето дијагноза е информацијата за консумирање алкохол и постоење хронична болка во горниот дел на стомакот. Сите пациенти со такви симптоми треба да се упатат на специјалист кој се занимава со болести на панкреасот.
Постојат разни но комплексни дијагностички постапки за дефинитивно поставување дијагноза, меѓу кои се испитување на изметот, биохемиски анализи, ехо, компјутеризирана томографија и нуклеарна магнетна резонанца на абдоменот. Бидејќи се работи за иреверзибилни промени, излекувањето е неможно, па лекувањето е само симптоматско.
Медикаментозното лекување опфаќа аналгетици, бидејќи болката секојдневно е присутна и го пореметува нормалниот секојдневен живот на болниот. Егзокрината функција се коригира со перорален надомест на панкреасни ензими, како и со посебна диета, додека ендокрината се коригира со надомест со инсулин. Во случај на неуспех на медикаментозната терапија можно е хируршко лекување. Со хируршкото лекување се елиминира болката, а и се постигнува докажано подобрување на егзокрината и ендокрината функција. Неопходно е рано откривање на болеста и преземање на сите мерки за да се запре понатамошно напредување на болеста, што подразбира хигиено-диететски режим без консумирање алкохол.