Фармацевти
Контакт

<< Назад

УЛЦЕРОЗЕН КОЛИТИС

март 1, 2018

Променете ги лошите животни навикиВо терапија за воспалителни болести на дебелото црево многу е важно и намирниците правилно да се подготват, да се консумираат помали количини храна во повеќе оброци, со добро џвакање, како и физичка активност, за чиј интензитет треба да се консултирате со лекар

д-р Љиљанка Михајловиќ, спец. по интерна медицина

Улцерозниот колитис е хронична автоимуна воспалителна болест на слузницата на дебелото црево. Заедно со Кроновата болест спаѓа во хронични инфламаторни (воспалителни) болести на цревата. Улцерозниот колитис може да се појави во секоја животна доба и е застапен кај двата пола. Најчесто заболуваат млади луѓе помеѓу 15 и 30 години, како и оние на постара возраст од 55 до 70 години. Болеста е почеста во урбаните подрачја и во развиените средини и земји, а е забележан и пораст на појава на улцерозен колитис и во земјите во развој.

Сè уште не знаеме што точно го предизвикува улцерозниот колитис, но се смета дека е предизвикан од комбинација на повеќе различни фактори (генетика, инфективни и имунолошки фактори, со дополнително влијание од надворешни фактори). Повеќето жени со улцерозен колитис може да очекуваат нормална бременост и здраво бебе – секако, со редовни контроли. Нападите од улцерозен колитис можат да настанат без предупредување, но и постепено.

СИМПТОМИ: Карактеристичен симптом е болка во левиот дел од стомакот која се намалува после исфрлување на изметот. Симптомите од улцерозен колитис зависат и од тоа кој дел од цревата е зафатен и колку болеста напредувала. Најчести симптоми се: дијареја (долготрајни проливи), свежа крв во изметот, слуз во изметот, болка во стомакот и грчеви, ректална болка, тенземи (лажни повици за празнење на цревата), загуба на апетитот, загуба на тежина, замор. Силен напад на болеста може да биде опасен поради губење на голема количина крв.

Повеќето луѓе имаат благи до умерени симптоми. Автоимуното воспаление на дебелото црево може да ги зафати и другите органи надвор од системот за варење, иако главно влијае на зглобовите, очите, кожата. На пример, воспаление на зглобовите (артритис) се јавува кај еден од десет луѓе со улцерозен колитис.

ДИЈАГНОСТИКА: Ако имате перзистентни промени во навиките на празнење на цревата, или ако имате знаци и симптоми како што се болка во стомакот, континуирана дијареја, дијареја која ве буди, необјаснива зголемена температура која трае повеќе дена, задолжително јавете се кај својот лекар.

Дијагностичките методи подразбираат: анализа на крвта, воспалителни фактори SE, CRP, присуство на антитела (ANCA, ASCA), анализа на изметот, копрокултура, РТГ преглед на дебелото црево со бариум, CT на абдоменот, MR на абдоменот и малата карлица, колоноскопија, биопсија на цревата, pH анализа.

ТЕРАПИЈА: Стандардната терапија зависи од степенот на зафатеност на дебелото црево и тежината на болеста. Во терапијата се користат антиинфламаторни лекови, кортикостероиди – ефикасни во лекување на акутна фаза на болеста, имуномодулатори, биолошка терапија, антибиотици, како и симптоматска терапија, во која спаѓаат средства за физичко и психичко мирување. Понекогаш е потребно  хируршко лекување, посебно ако пациентот имал тежок напад, а не реагира на медикаментозна терапија.

ПРАВИЛНА ИСХРАНА: Во терапијата многу значајни се одморот, мирувањето, правилната исхрана и правилниот начин на подготовка на храната. Правилната исхрана подразбира почести и помали оброци во текот на денот ‒ појадок, ручек, вечера и две ужинки.

Се препорачува варење, динстање и храна подготвена на грил, а не се препорачува пржење, похување, јадења со запршка, зачинета, лута и пресолена храна. Потребно е да се избегнува сурово овошје и зеленчук, како и млечни производи.

Оброкот не смее да биде преобемен и консумиран набрзина. Храната е потребно добро да се џвака зашто самиот процес на варење започнува во устата. Најважен совет е да имате хранлива и урамнотежена исхрана, а таа подразбира внес на доволна количина белковини, како и сложени јаглехидрати, за да ја одржите тежината и силата. Многу е важно и секојдневно да се внесуваат доволно течности, минимум два литра на ден, за да се спречи дехидрираност.

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ: Вежбањето зазема многу значајно место во лекувањето на улцерозен колитис. Докажано е дека лицата со инфламаторни болести на цревата (улцерозен колитис и Кронова болест) имаат намалена густина на коските, а околу 25 % од лицата развиваат воспаление на зглобовите – артритис.

Се препорачуваат следните видови вежбања: танцување, пливање, брзо одење. Во почетокот е потребно да се прават полесни вежби, на пример, прошетки два до три пати неделно, па постепено да се зголемуваат. За интензитетот и зачестеноста на тренингот задолжително треба да се консултирате со лекар.

Превенција од компликации

Во текот на болеста можат да се појават бројни компликации на улцерозен колитис: големи крвавења, тешка дехидрација, остеопороза, воспаление на кожата, очите, зглобовите, зголемен ризик од рак на дебелото црево, токсичен мегаколон, псевдополипи.

Карциномите во улцерозен колитис се јавуваат кај 3-5 % од болните, а најголем ризик имаат болни со ран почеток, подолг период на траење и екстензивност на болеста.

Со цел превенција и рана детекција на карцином, кај сите болни изложени на ризик,  потребно е еднаш годишно да се направи колоноскопија со сериски биопсии на колонот и патохистолошки преглед заради откривање на дисплазија.

Промени во животните навики

Целта на лекување на улцерозен колитис е постигнување што подолг период на ремисија, кога нема симптоми или се минимални. Меѓутоа, ни едно лекување нема да даде добри резултати доколку не се променат животните навики, не се воведе правилна исхрана, како и редовни прегледи од специјалист.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>