Љубов и разбирањеЗадача на родителите е на детето да му дадат корен и крилја, а воспитувањето со љубов и разбирање ќе го зацврсти во животот многу постабилно отколку казни и принуди, ќе му даде сигурност во растењето, како и сила да „одлета“ кога за тоа ќе дојде време
д-р Радмила Косиќ
педијатар
Негата и воспитувањето на детето е највредна задача која си ја поставуваме себеси. Оваа изискувачка работа ќе биде многу полесна доколку сфатите дека вие и детето сте на иста страна. Размислувањето дека „со воспитување се започнува веднаш по раѓањето“, често се поистоветува со строго почитување на правилата „за детето да не се разгали“. Обидете се ова тврдење да го гледате поинаку: веднаш по раѓањето насочете се на вниманието на новосоздаденото човечко суштество кое има свој карактер и потреби, создадете атмосфера на сигурност, разбирање и љубов. Сакајте го своето дете онака како што нему му одговара, создавајте однос кој е единствен и не може да се научи од искуството на другите родители. Ваша задача е да му дадете корен и крилја – воспитување со љубов и разбирање ќе го зацврсти во животот многу постабилно отколку казни и принуди, а сигурноста во растењето ќе му даде сила да „одлета“ кога за тоа ќе дојде време.
ЗАЕМНО ЗАДОВОЛСТВО: Во воспитувањето неопходно е постоење на заемно задоволство. Времето ќе ви наметне полесни и потешки задачи. Понекогаш ќе мислите дека искушенијата на родителството се преголеми. Но, постојат лесни и тешки, помалку или повеќе делотворни начини да се направи сè што е неопходно, од секојдневни рутини на хранење и облекување до сериозни ситуации во тинејџерската возраст. Секојдневието на детето е составено од низа вообичаени задачи – колку помирно се решаваат, поголеми се шансите вашето семејство да живее во спокојство и љубов. Пелените може да се стават на разни начини, детето успешно може да се избања и доколку не се почитува долгогодишното искуство на бабата или најдобрата другарка, хаосот на подот е награда за успешно совладано самостојно држење на приборот за јадење. Одберете ги приоритетите и прифатете ги советите само доколку одговараат на карактерот на вашето дете (и на вашиот!).
РАЗГАЛЕНОСТ: Помислата дека би можеле да бидеме одговорни за разгаленост нè тера на постапки кои се немили одгласи на нашето детство. Да се биде разгален значи дека сопствените потреби на детето му се поважни од потребите на другите. Гладно тримесечно доенче кое со плачење ја повикува заспаната мајка не е разгалено! Уште почесто, доенчето не е гладно, тоа плаче затоа што сака да биде во мајчината прегратка, „занемарувајќи“ го фактот дека таа само што заспала. Строга, искусна баба ќе рече дека „детето не треба да се навикнува во раце“, а вие ќе се запрашате каква порака му праќате со игнорирање на неговите основни потреби. Доенчето ќе биде во прегратка сигурно и задоволно само една година, додека не прооди.
ПОТРЕБИ: Ако го познавате своето дете, ќе ги предвидите неговите потреби пред да ги изрази бучно и гласно. Ако го прифатите принципот „колку повеќе бараш, помалку ќе добиеш“, сите ќе изгубите. Губи детето затоа што расте во атмосфера на незадоволство и несигурност („гладен сум, сам во темнина, на никому не му е гајле“); губите вие, затоа што не спиете, се грижите дали расплаканото дете во креветот е болно, несреќно, мокро, или гладно; најпосле, губат и сите членови на семејството, затоа што нервозни, ненаспани родители и дете кое упорно бара нешто со плачење и врескање не се пријатно друштво.
Нормално е да ги задоволите физичките потреби на детето, дури и ако му треба само нежност. Неговата потреба за физички допир, внимание и вашите насмеани лица е вистинска. Без друштвен живот во семејството, детето нема да стане целосно човечко суштество што ја возвраќа љубовта, а тоа е важно колку и правилното доење.
БЕС: Напади на бес, кои најчесто се опишуваат како „последен стадиум на разгаленост“, многу се почести отколку што обично се мисли. Напади на викање, трескање, врескање се случуваат кај повеќе од половина двегодишни деца, а многу мал број без вакви „испади“ ќе го дочекаат третиот роденден. Тие се пробив на емоционален вентил – фрустрацијата расте до напнатост која е потполно вон детската контрола.
Многу напади на бес можете да ги спречите доколку го организирате животот внатре во границата на неговата (не сопствена!) толеранција. Доколку морате да го прекинете во нешто што со уживање го работи, или треба да го присилите да направи нешто што не сака, направете го тоа со многу такт! Најдобро е да го заштитите од повредување со цврста прегратка. Гневното „чудовиште“ полека, липајќи, повторно ќе стане ваше бебе кое само себе се исплашило со напад на бес. Сочувајте ја присебноста – уште врескање нема да ја поправи ситуацијата. За вакви напади на бес нема ни награди ни казни – детето брзо ќе увиди дека ништо не се променило. Доколку сфати дека неконтролиран напад на бес влијае на однесувањето на семејството спрема него, ќе научи во предшколска возраст да „одглуми напад“ на јавно место (нападите на бес почнуваат и завршуваат обично во втората година).
ЉУБОВ: Веројатно одвреме-навреме ќе имате чувство на грижа на совест поради количината на подароците кои сте му ги купиле, или почитувањето на неговите потреби и желби. Без разлика на возраста, детето не е разгалено сè додека уживате во љубовта со која го опсипувате, а тоа несебично ви ја возвраќа. Доколку се радувате на роденденот и со уживање му подготвувате подароци, вие сте задоволна мајка. Доколку сето тоа го правите да го задоволите поширокото семејство и да ги спречите изливите на бес, тогаш одгледувате разгалено дете. Потребите на вашето дете се приоритет од моментот кога сте го донеле на свет – задоволување на тие потреби е должност, обврска и задоволство на секој родител. Галењето е размена на љубов во семејството – бидете среќни што толку сте му потребни.
ЛИЧЕН ПРИМЕР: Вистинска дефиниција за разгаленост не постои. Тоа што во некои семејства е прифатливо (скандинавските семејства вообичаено го заспиваат доенчето во родителската постела), во некои е знак на сериозни пропусти во воспитувањето. Лошо воспитаното дете не е такво родено – задача на родителите е да го научат да ги одмери правата и потребите во однос на другите луѓе. Помогнете му преку личниот пример да ги сфати чувствата на другите луѓе. Колку порано сфати колку се чувствата на другите слични со неговите, ќе биде понесебично. Воспитувањето е условено со возраста и детските способности – златно правило е да го пофалите секој успех и да забележите неуспех, со несебична љубов и поддршка.